Делта плус неизбежно ќе се прелее и во Македонија, мутацијата е за 10 проценти позаразна од делта, вели епидемилогот Даниловски
По Делта варијантата, во регионот е присутен и делта плус сојот, конкретно во Хрватска и во Грција, а според српските епидемиолози и вирусолози, најверојатно е присутен веќе и таму, особено поради високиот број на новозаразени со корона вирусот на дневна основа. Според еден ов врвните епидемиолози во Македонија, професор Драган Даниловски, неизбежно е кога оваа мутација ќе биде детектирана и кај нас, но во разговор за Фактор вели дека, тоа нема значително да ја влоши епидемиолошката состојба во земјава.
-Од досега расположливите податоци е заклучено дека делта плус сојот е за околу 10 проценти позаразен од делта сојот. Се претпоставува дека стекнатиот имунитет со прележување или вакцинација сѐ уште заштитува и од него. Бидејќи сите земји во светот сме делови од еден затворен систем на врзани садови, неизбежно тој ќе се прелее и кај нас. Не можам да претпоставам кога тоа ќе се случи. Но, сигурен сум дека тоа нема значајно да ја наруши епидемиолошката ситуација. Мутацијата е направена во спајк протеинот кој навлегува во клетките и токму заради таа мутација во протеинот на шилецот („спајк протеин“) е причина за неговата поголема заразност, која грубо е проценето дека е за околу 10 проценти поголема од онаа на делта. Сѐ уште не може да се согледа дали предизвикува потешки симптоми, вели епидемиологот Даниловски.