Денес е Духовденска задушница: Спомнете си за починатите
Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените.
Затоа, Црквата која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител, којашто тие уште во својот живот се уподобиле да ја имаат за извор на блаженства, бидејќи преку Светиот Дух „живее секоја душа“.
Затоа, навечерието на празникот, во саботата, Црквата го посветува за спомнување на починатите и за молитва кон нив.
Свети Василиј Велики, којшто ги составил умилителните молитви на вечерната на Педесетница, во нив говори дека Господ најмногу во тој ден благоволи да прима молења за умрените, дури и за оние коишто се „држени во адот“.
На денот на Задушница, се оди во црква, каде се одржува света литургија и панихида, на која свештеникот го прелива житото со вино, а по завршувањето на службата, се оди на гробовите на починатиот. Се палат свеќи на гробовите, а свештеникот изведува краток ритуал .
Варената пченица се носи на гробиштата и во црквата, што нè потсетува на Христовите зборови дека житото носи плод само кога ќе умре, и тоа не во темница, туку во светлината на сонцето. Црвеното вино, со кое свештеникот го полева житото, ја означува Божјата милост со која се лекуваат раните на гревот.
Оние кои не се во можност да одат на гробиштата поради оддалеченоста, треба да одат во најблискиот храм и да извршат помен за своите покојни.
Бидејќи ова е денот кога посебно внимание се посветува на распределбата на милостина, задолжително е да се дава милостина на секој просјак што ќе го сретнеме и да дадеме дел од храната што сме ја зеле со себе.Извор: денови.мк