Денес е Св. Ѓорѓи Кратовски: Заштитник на златарите и на еден град во Македонија - Еве каде се празнува
Православните христијани денес го празнуваат празникот Свети Ѓорѓи Кратовски.
Тој бил Македонец од градот Кратово. По занает бил златар и останал како заштитник на златарите и кујунџиитеи. Во срцето и со сета душа бил христијанин, за тоа докажува и неговиот макотрпен живот. Имал осумнаесет години кога Турците сакале да го потурчат, но останал тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеле со најлути маки и најпосле жив го запалиле. Пострада за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прославил со невенливата небесна.
Свети Ѓорѓи Кратовски е заштитник на градот Кратово, со силен култ не само во Кратовско туку и пошироко.
Житието за Свети Ѓорѓи Кратовски вели дека тој е роден во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите, по завршувањето на училиштето, пошол на кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Во тоа време турските власти собирале т.н. данок во крв, за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници-јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил, Радомир и Перник пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан и од Турците.
Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но Ѓорѓи Кратовски без размислување го одбил предлогот поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и спален на 24 февруари 1515 година.
Во Кратово во негова чест е подигната црквата Црква „Св. Ѓорѓи Кратовски“, сместена во долниот дел на градот, близу Кратовска Река.Црквата била изградена во 1925 година во чест на Св. Ѓорѓи Кратовски, кој бил прогласен за заштитник на градот во 2002 година од страна на Советот на општина Кратово.
Фото: Denovi.mkИзвор: Denovi.mk