„Денес ќе наполнеше 117 години, и малку ќе му беа, толку многу го сакаше животот“: Игор Џамбазов емотивен за неговиот дедо, доајенот Петре Прличко

Доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, денес ќе наполнеше 117 години. Истакнатиот македонски актер во филмови и театарски претстави, го држи приматот на еден од најдобрите актери кои ги имала македонската актерска фела.

Внукот на Петре Прличко, актерот, текстописец и шоумен Игор Џамбазов, денес се потсети на неговиот дедо.

„Денес ќе наполнеше 117 години. И малку ќе му беа. Толку многу го сакаше животот. Малку повеќе го сакаше филмот. А најмногу театарот. Јас му бев на солидното шесто место. Но научив од него работи кои ги нема во книгите, скриптите и енциклопедиите. Научив како се сака оваа наша професија. Мојот славен дедо 5-ре. Неговата среќна ѕвезда сè уште ме заштитува. Исто како и на оваа црно-бела фотка од "Волшебното самарче"“, напиша Џамбазов.


Инаку Игор, често се присетува на својот дедо низ различни ретро фотографии и анегдоти кои најдобро го отсликуваат ликот и делото на Петре Прличко.

Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ втора година по ред ја доделува театарската награда за животно дело „5-ре“, посветена на великанот.

Минатата година добитник на оваа награда беше актерот Јордан Витанов, а оваа година наградата ја доби актерот Тони Михајловски.

„Голема чест ми е да сум носител на награда со такво големо име. Благодарам на Велес и на колегите кои одлучија јас да се вбројам меѓу лауреатите. Се надевам уште долго ќе ја носам“, напиша Михајловски на Фејсбук.


Фото: Фејсбук/ Инстаграм