Денеска почнува Танц фест 2018
Со танцовата претстава „Орландина“ на 4 април во Македонскиот народен театар во Скопје, свечено ќе биде отворен Танц фест 2018 на кој ќе настапат уметници и компании од Франција, Швајцарија, Словенија, Австрија, Латвија, Литванија, Чешка, Полска, Унгарија Словачка и Македонија.
Пред отворањето ќе има музика на Kraftverk и учество на 90 деца од танцовите студија Break the floor од Штип, по што на францускиот уметник, танчар и кореограф Дидије Дешан ќе му биде доделена наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот.
Во интервјуто за Женски Магазин, Рисима Рисимкин за Танц фест 2018 ни изјави: „Годинава посветуваме големо внимание на децата, така за прв пат ќе имаме детски блок во кој ќе настапи швајцарска современа танцова компанија, со претстава наменета за деца, на 13 април во Македонскиот народен театар, а ќе имаме и работилници со деца во „Инкубатор флоатинг програмата“ на која ќе имаме деца-гости до Холандија и за прв пат, од Кина. Сите овие деца, како и повеќе студија од Македонија, ќе настапат на „Радоста на танцувањето“ - детска гала изведба во Штип на 14 април. Тука е фестивалот „Share“ на кој ќе присуствуваат преку сто уметници од областа на танцот од девет европски танцови универзитети и академии. Можам да кажам, дека ќе биде вистинска прослава на танцовата уметност. Затворањето е на 23 април во Македонскиот народен театар со извонреден настап на гости до Франција. Ќе имаме и две премиери на Скопје танцовиот театар, кој овој април ќе прослави седум години од своето постоење. “
Целото интервју може да го прочитате тука.