ИНТЕРВЈУ- РИСИМА РИСИМКИН: Судбината на танцовите уметници е да се борат за опстанок
Ако јас успеав, кога почнав во момент, во кој во Македонија од современ танц, не постоеше ни, што би рекле „с“, ако дадов отказ од државна работа и продолжив понатаму, кога сите ми велеа дека правам многу ризичен чекор. Ако сум сега тука, кај што сум, само поради мојата верба, упорност и истрајност, и младите танчари можат
Рисима Рисимкин, поранешна балерина со многу значајни улоги зад себе, сега кореограф. Оваа дама целиот свој живот го посвети на танцовата уметност.
Рисима е уметничка директорка е на „Танц фест Скопје“, и ја води студиската програма за современ танц - „Скопје танцова академија“, како дел од Универзитетот ЕСРА во соработка со „Ротердам танцовата академија“ од Холандија. Од годинава работи и како вонреден професор на државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Таа е основач е на Културниот центар „Интерарт“, а македонската танцова уметност ја промовира секаде низ светот. Рисима за Женски магазин раскажа дел од нејзината плодна работа и живот.
Женски магазин- Во моментов сте во Љубљана, каков проект подготвувате таму?
Рисима- Во моментов работам на нова кореографија, во Танцовиот театар на Љубљана, специјално за Росана Хрибар, една од најдобрите и најпознати современи танчарки во Словенија. Работиме на проект, кој го насловивме „Орландина“, инспириран од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф. Музиката за претставата ја прави композиторот Тони Китановски, а дизајн на костим и сцена Алан Хранитељ, исклучителен уметник, светски познат, кој работеше за „Cirque du Soleil“.
Женски магазин- Во мај најавивте повторно патување и премиера во Кина. За каква премиера се работи?
Рисима- Во мај патувам за Ханџо, каде ќе работам во Конзерваториумот за музика, нова креација/кореографија за 12-13 танчари. На таа претстава ќе работам со кинески композитор и дизајнер. Проектот ќе се одвива во две фази, во мај и октомври, кога е закажана премиерата на претставата, на 22 октомври, во рамки на нивниот фестивал за танц.
Женски магазин- Колку пати до сега сте работеле во Кина и какви ви се искуствата од таму, и во смисла на соработка со кинезите, и за места што сте ги посетиле?
Рисима- Во Кина прав пат отидов во 2014 година, на покана на нивното Министерство за култура, како дел од експертскиот тим за современ танц од земјите од Централна и Југоисточна Европа. Ни беше претставена кинеската танцова сцена, патувањето траеше три недели, имавме можност да видиме компании и проекти на исклучително уметничко ниво. Меѓу другото и Националниот балет на Кина, повеќе современи танцови компании и кореографи, како и кинески класичен танц и традиционални танци. Беше многу возбудливо, се запознав со прекрасни уметници и се родија нови проекти. Од тогаш наваму, годишно одам во Кина најмалку три пати, бев уметнички координатор и еден од дизајнерите на првиот Летен камп за современ танц, под покровителство на Министерството за култура на Кина. Во 2015 и во 2016 година, патував низ повеќе провинции на Кина. Се запознавме со традицијата на оваа прекрасна земја, истовремено едуциравме млади кинески и европски танчари во духот на современиот танц. Потоа добив покана да правам претстава за „Nine Dance Theater“ од Пекинг, каде што престојував во два наврати по три-четири недели. Премиерата на „Р.Е.М – Низа од соништа“ се изведе на затворањето на фестивалот „The New“ во Пекинг. Оваа претстава, подоцна беше поддржана од Уметничкиот совет на Кина и беше на европска турнеја. Постојано добивам покани за соработка од Пекингшката академија за танц, за мастер-часови, како и од повеќе други академии, одам на конференции, арт форуми, фестивали итн. Член сум на Бордот на танцовата унија, помеѓу Кина и земјите од Централна и Југоисточна Европа. Во мај 2015 настапивме со „Скопје танцовиот театар“ на најголемиот фестивал во Пекинг „Средба во Пекинг“, со претставите „СМС (сите мои слики)“ и „Импулс“, а во декември 2017 година, бевме со „Скопје танцовиот театар“, како дел од програмата „Културна сезона“ во Чуанџо, со две изведби на претставата „КОЖА“ на фестивалот „Maritime Silk Road Festival“. Следен фестивал на кој ќе присуствуваме во Кина, со студентите на Катедрата за современ танц при УГД е во октомври во Пекинг, јубилејно издание на Фестивалот за танц на Пекингшката танцова академија.
Женски магазин- И Њујорк е дел од вашата агенда во скоро време, кој е поводот за работа таму?
Рисима- Во Њујорк ќе престојуваме со Скопје танцовиот театар, од 15 до 20 август 2018, како дел од фестивалската програма на триесет и седмото издание на фестивалот „Battery Dance Festival“, на кој ќе имаме чест да учествуваме на затворањето на фестивалот со кореографијата „Котел“ на 18 август 2018 година, во „Шимел“ центарот во Њујорк. Навистина сум горда дека Скопје танцовиот театар успеа за само седум години постоење да стигне на светски фестивали и да настапува на значајни сцени ширум светот. Во февруари годинава, настапивме на „Holland Dance Festival“ во Хаг, еден од петте светски топ фестивали за танц, во друштво на извонредни танцови компании и уметници, како Марта Греам компанијата од Њујорк и легендарните Матц Ек и Јиржи Килијан! Извонредно чувство! Мислам дека тоа зборува за нашиот уметнички квалитет и е потврда и поттик да ја продолжиме нашата работа.
Многу сакам да одам во Црна Гора, во нашиот Прчањ во Бока Которска. Мојот сопруг е по потекло црногорец и се чувствуваме прекрасно кога можеме да одиме таму.- Рисима со сопругот
Женски магазин- Настан зад кој гордо стоите е и домашниот Танц фест. Кога ќе се одржи и што ќе понуди новото издание?
Рисима- Секако. Фестивалот Танц Фест годинава ќе го доживее четиринаесетто издание, мислам дека многу придонесе за развојот на вкусот на нашата публика, која навистина со нетрпение го очекува и се надевам дека повторно ќе се радува со нас во славењето на танцовата уметност и ќе ужива во програмата која ќе ја презентираме. Фестивалот ќе започне на 04 април и ќе трае до 23 април, ќе имаме извонредни гостувања на повеќе уметници и танцови компании од Франција, Словенија, Швајцарија, Чешка, Словачка, Австрија, Полска, Унгарија, Латвија, Литванија, Кина, Холандија. Годинава посветуваме големо внимание на децата, така за прв пат ќе имаме детски блок во кој ќе настапи швајцарска современа танцова компанија, со претстава наменета за деца, на 13 април во Македонскиот народен театар, а ќе имаме и работилници со деца во „Инкубатор флоатинг програмата“ на која ќе имаме деца-гости до Холандија и за прв пат, од Кина. Сите овие деца, како и повеќе студија од Македонија, ќе настапат на „Радоста на танцувањето“ - детска гала изведба во Штип на 14 април. Тука е фестивалот „Share“ на кој ќе присуствуваат преку сто уметници од областа на танцот од девет европски танцови универзитети и академии. Можам да кажам, дека ќе биде вистинска прослава на танцовата уметност. Затворањето е на 23 април во Македонскиот народен театар со извонреден настап на гости до Франција. Ќе имаме и две премиери на Скопје танцовиот театар, кој овој април ќе прослави седум години од своето постоење.
Женски магазин- Кога за прв пат почувствувавте љубов кон танцот и како изгледаше вашиот прв јавен настап?
Рисима- Од многу мала сум со танцот, не се сеќавам точно на почетокот. Многу сакав да танцувам, како и сите мали девојчиња и од најмала возраст знаев дека ќе бидам балерина. Се сеќавам на возбудата кога прв пат отидов во балетското училиште, тогаш кај стариот „Ориолик“ (сегашна Нова железничка станица), мајка ми ме однесе, а не пречека примабалерината Натка Пенушлиска, која тогаш таму предаваше. Исклучително доживување, кое ме внесе во вистинскиот свет на уметноста.
Во февруари годинава, настапивме на „Holland Dance Festival“ во Хаг, еден од петте светски топ фестивали за танц, во друштво на извонредни танцови компании и уметници
Женски магазин- Зад вас се улоги и кореографии во и за познати балетски претстави. На кој дел од вашата работа сте најгорда?
Рисима- Мојата кариера е процес на создавања и креативност. Се вработив многу млада, на неполни седумнаест години, мислам дека три години по ред бев најмлад член на МОБ (тогаш МНТ). Настапував во безброј претстави, имав и свои прекрасни моменти како танчарка, но кога почнав да работам како кореограф, мислам дека се пронајдов себеси. Требаа долги години и макотрпна работа да се дојде до тука, да се создадат услови за современо творење, поинакво, да се развие инфраструктура за современ танц кај нас. Мислам дека покрај кореографирањето, кое е на прво место, најмногу сум горда на моите студенти и танчари, кои го претставуваат јадрото на современиот танц во Македонија.
Женски магазин-Често патувате на море, во Црна Гора, во вашата семејна куќа. Дали таму најдобро ги полните батериите?
Рисима- Многу сакам да одам во Црна Гора, во нашиот Прчањ во Бока Которска. Мојот сопруг е по потекло црногорец и се чувствуваме прекрасно кога можеме да одиме таму. Престојот покрај море или на прекрасните планини во Црна Гора, дефинитивно ги полни батериите, таму се чувствуваме „како дома“, одмараме и се дружиме со прекрасни луѓе, пријатели кои ни доаѓаат од Македонија, од други краишта, или пак оние од Црна Гора. Таму луѓето се доста мобилни и не им препрека да патуваат, што нам совршено ни одговара, така што често и патуваме низ Црна Гора, кога сме таму.
Во 2015 и во 2016 година, патував низ повеќе провинции на Кина. Се запознавме со традицијата на оваа прекрасна земја, истовремено едуциравме млади кинески и европски танчари во духот на современиот танц
Женски магазин- Дали семејството некогаш трпи поради вашата работа?
Рисима- Нашите деца сега се големи. Кога беа помали, се организиравме со сопругот, кој ми дава исклучителна поддршка, но таа е секако заемна, и гледавме децата никогаш да не трпат заради нашите професии. Се разбира, јас многу патувам, но во еден период не одев на пат подолго од една недела. Сега е поинаку, тие пораснаа и секој се занимава со себе, но често споделуваме моменти и гледаме да сме што повеќе заедно.
Женски магазин- Одамна го негувате едноставниот стил, кратка модерна фризура и спортска облека. Дали се согласувате со онаа изрека дека помалку е повеќе?
Рисима- Сакам едноставност. Таа кај мене, барем така мислам јас, е видлива во мојот однос кон нештата и начинот на живот. Се навикнав на кратката фризура и некако само така се чувствувам како вистинската јас. Сакам удобна облека, посебно, бидејќи сум постојано во движење и потребно ми е да се чувствувам удобно. Не сум роб на модни трендови, но сакам да се облекувам убаво, најчесто така како што се чувствувам, тоа ме прави опуштена и расположена. Вистинска одлика на стил, за мене, е всушност тој да не е упадлив на прв поглед, туку, некако, сам по себе да се подразбира. Да, се согласувам и мислам дека помалку е, всушност повеќе.
Не е лесно за младите танчари, во услови кога немаат стабилна егзистенцијална поддршка.- Рисима со своите танчари во Холандија
Женски магазин- Со што ги мотивирате вашите ученици во моментите кога ќе почувствуваат препрека и сакаат да се откажат од танцот, што ги советувате?
Рисима- Им ја раскажувам мојата приказна. Им велам дека ако јас успеав, кога почнав во момент, во кој во Македонија од современ танц, не постоеше ни, што би рекле „с“, ако дадов отказ од државна работа и продолжив понатаму, кога сите ми велеа дека правам многу ризичен чекор. Ако сум сега тука, кај што сум, само поради мојата верба, упорност и истрајност, и тие можат, доколку вистински веруваат и го сакаат тоа што го работат. Не е лесно за младите танчари, во услови кога немаат стабилна егзистенцијална поддршка, но, тоа е нашата судбина, постојано да се бориме за опстанок, посебно кога танцовата уметност, а секако современиот танц, не се доволно испочитувани и не се на вистинското место во нашето општество. Но, им велам дека ние сме тие кои треба да се бориме за таа позиција, да докажеме дека вредиме и да го свртиме вниманието кон нас. Мислам дека сме на добар пат и искрено се надевам, дека ќе успееме да добиеме зграда и простор во кој ќе се сместиме и ќе можеме во целост да ги развиваме уметничките потенцијали, кои младите ги имаат, само им треба поддршка. Јас им ја давам во целост, се надевам ќе ја добијат и од државата и ќе останат да творат и да живеат во Македонија.
За Женски магазин, Милица Џаровска