Денот за мене не завршува, секогаш го продолжувам: Утринско кафе со Габриела Кулебанова

Утрото за мене значи тишина и мир, а горкото турско кафе ми ги буди мислите. Кафето не го пијам сама туку со сопствената тишина на терасата во семејната куќа. Тоа ми е секојдневен ритуал во кој едноставно се чувствувам спокојна и полека се подготвувам со мислите гледајќи го дневниот распоред и правејќи концепт во сопствената глава согласно обврските. Без ова едноставно неможе да започне денот. Особено ме полни со енергија мојата градина која сама ја средувам и уживам во неа. Ова мало парче природа заедно со кафето ми се инспирација за креирање на дневните планови.

Мојот најголем мотиватор и поддржувач е моето семејство, сопругот Маноли и моите две ќерки Марија и Стефани. Тие се оската околу која главно се движам. Секогаш семејството ми е на прво место со нашите заеднички желби и планови се мотивирам да успеам и реализирам.

Секојдневните предизвици со кои се среќавам на моето работно место како сопственик и управител на компанијата „Антариас“ која постои повеќе од 25 години на пазарот, како и делот на општествена одговорност што ја правам како потпретседател на Сојузот на стопанските комори едноставно се мотивација во докажување на мојот деловен ангажман. Долгорочното мое деловно делување направи значително искуство во работењето. Справувањето со тековните работи, надминување на сите препреки и брзо решавање на дадени ситуации, вештини во комуникацијата но и најбитното многу пријатели и колеги. Секогаш кога ја барам тишината и исполнетоста тоа не го правам без моите пријатели. Тоа е моето секојдневие.

По природа секогаш сакам да чујам мислење, но морам да признам дека го искажувам и своето, но на крај носам заклучок и поука каде можам да се надополнам и треба да надградам. Секогаш сакам да споделувам убави моменти и искуства и јас да се најдам на страната на мотиватор.

Едноставно едноставните, успешните личности кои имаат што да кажат ги ценам и сакам да ги слушам. Сопствениот труд и успех треба да биде најголем двигател за секого. Она што го црпам од сама себе велејќи си „можам јас и ова и ова и тоа и вака и вака...“, ми создава притисок, но и гордост кога на крај ќе го исполнам. Едноставно сум приметила и оние работи кои ги правам за да направам нешто за другите околу мене ми значат, некогаш повеќе и од моите лични.

Едноставно гледам да сум прилагодлива затоа што на крај секој сам си го трасира патот (свесно или несвесно), но со причина.

Со оглед на обемноста на мојата компанија која работи со повеќе подружници низ целата држава во областа на телекомуникациите, услуги и трговија, главно тука ми се потребни сите саати од денот.

Динамиката на овој тип на работа сама си го прави своето и ако не се организирам добро не би ми останало време за ништо друго. И сето ова секојдневно го организирам без да го „планирам“. Одговорноста во овој дел е огромна, но тимот кој го имам околу мене ми помага заедно да го направиме поуспешно и полесно.

Како човек кој сака а и постојано се дружи и секаде сака да стигне по настани, концерти, прослави, журки, да има долги патувања со семејството потоа деловни патувања, саеми, едноставно не знам како и ли само ова го постигнувам а и не е лесно за планирање.

Кога ќе го додадам и моментот дека особено задоволство ми е да бидам во кујна ова станува навистина комично, нели....

Како една од обврските е моето потпретседателско место во Сојузот на стопанските комори. Особено во овој период на криза предизвикана од Ковид-19 и тешката ситуација во економијата зголемени ми се обврските во овој дел и комуникацијата со институциите е позачестена.

Бројните предизвици и неизвесноста е голема и затоа треба да се следат мерките за убажување и опоравување на економијата но и добро да се планира и да се обидеме сите заедно побрзо и полесно да се надмине.

Со моето дејствување преку Сојузот, максимално се трудам да направам чекор повеќе кој би значел напредок и бенефит за сите компании.

Денот за мене не завршува, незнам...секогаш го продолжувам иако тој сака да заврши.. (се смее)

Едноставно семејството околу мене е дел од вечерта секогаш а и разговорите на вибер со мојата ќерка која студира во Љубљана. Скоро секоја вечер се дружиме со пријатели, а ги имаме во голем број. Во исто време сум и во кујната и во дворот, па главно трчам по скалите навечер... (се смее )

Јас уживам кога готвам и тоа време го нарекувам „сега си правам што сакам и како сакам“. Сама си измислувам рецепти и јадење, но и не пропуштам да надополнам некоја тегла од сите сезонски овошја и зеленчуци.

Едноставно сум среќна кога правам јадење за семејството и пријателите и навистина не ми е тешко. Воглавно и навечер ова го правам да сум слободна утредента или за викендите. Е затоа време фали...

Во овој период сакам да бидам во градината, особено во пролет. Претежно перидов сум надвор, а во двор секогаш има работа. Добрата книга и филм се добредојдени нормално но за викенд и претежно на одмор. Филот секогаш го пуштам по два пати за да го догледам, дека редовно заспивам на пола од филмот.


Габриела Кулебанова - генерален менаџер на „Антариас“ и потпретседател во Сојузот на стопански комори*