Девојчиња и момчиња
Како женско дете во фамилија по дифолт ми се купуваа кукли за
играње. До некоја 5 годишна возраст ова сосем ок поминуваше кај мене заедно со
редење со сите можни ѓердани и алки за да бидам Тигрица Лили, додека наеднаш не
ја открив Ани четири пиштоља во себе. Пиштолот со жолта рачка и специфичниот
звук на “чкрап” од комшијата
Филип (долго време викан Чипип) ми стана омилена играчка, исто како и нашата
навика да тропаме по тенџериња (демек тапани) на песната “ти си моја
чоколада, ја сам твоја чоколада”. Мајка ми и мајка му се молеа во себе музичко креативниот напад
да ни дојде додека сме на гости кај другиот, оти бевме неподносливи. Игравме
индијанци и каубојци, некогаш вклучувавме и кукли, дрвените долги лажици и
тенџерињата беа неизоставен дел од нашата игра, па после бевме детективи и
полицајци. Куклите ми беа расфрлани и некористени, а новите ги цртав по лице и
им ја сечев косата (не ретко и мојата фризура беше homemade). Дур беа нови
моите ќе ме сликнеа со нив, оти знаеја дека беше прашање на време кога ќе
станат предмет на моите шминкерски и фризерски обиди. Да, на фотката сум јас,
сликана во Битола кај баба ми и дедо ми со куклата која ми ја донесоа моите,
тазе вратени од Шведска (со години ги зезав дека “така, се остава детето кај баба и дедо и се
шета низ светот”,
за што и двајцата имаа грижа на совест, а вистината е дека да ми кажеа оти ќе
одиме во Дизниленд, јас немаше да загризам оти Битола ми беше мојот Дизниленд).
Тогаш беа модерни Локица шишки кои еднаш си ги истрижив до гола кожа оти си
залепив мастика за џвакање, кога од 5 изџвакани мастики се обидував да направам
ланче за кое не знам како ми успеа, ама заврши на шишка.
Нејсе, се пентарев по дрва (татко ми велеше оти тоа ми е од прилепскиот ген), колениците ми беа издраскани и стално со корки кои ги лупев-какво уживање беше тоа, сакав да играм фудбал-среќа кратко траеше таа авантура, а со братучедите (на сликата) учевме да играме шах. Игравме џамлии, со другарка ми Наташа Бакалова бесно возевме точаци и не бевме оптеретени дали во играта повеќе сме насочени кон “машки” или ”женски” работи. Да, играњето со кукли и грижата за нив (во комплет со количка за куклата, шишенца со млеко, облека за пресоблекување итн) е она што се купува за женски деца, а пластични пиштоли и коцки беа повеќе за машките. Секогаш велам дека коренот на сите проблеми кај секој човек е во раната младост и насоките и информациите што ги прима од оние околу себе. Да се расте со сознанието дека е срамота да се игра со кукли оти тие се за женски или дека си машкоданка ако играш со пиштоли е во најмала рака фрустрирачки. Среќа, одраснувањето и добивањето информации дека не се нештата црно-бели го олеснуваат процесот на надминување на предрасудите дека поделбите се нормални и неменливи.
Кога се роди Нина, бев потполно неоптеретена со тоа во што боја ќе ја облекувам, дали ќе гледа Барби филмови или нешто друго, дали ќе има долго косиче со панделки или кратка фризура. Едноставно, бев решена дека ќе оставам детето само да си одбира што му се бендисува без да создавам кај неа чувство дека едно е “нормално”, а друго е “чудно”. Така, краткиот период на Барби кукли беше заменет со фарма и мал милион животни кои ги редеше со сериозност како да решава задачи од нуклеарна физика, кога потпорасна сакаше Монстер Хај кукли (сега се во подрум и се над 50 на број), играше со Мај литл пони, решаваше слагалици и она што и’ беше досадно да го прави, едноставно само го тргаше настрана и завршуваше со тоа.
Она што ме порази беше следново: кога ми се роди идеја за што ќе пишувам во оваа колумна, не направив дури ни некое сериозно истражување, туку само пребарав на google “games for girls” и “games for boys” и сфатив дека нема потреба да копам подлабоко, кога се’ си излезе на површина. Кај игрите за момчиња немав дилеми и двојби дека 90% ќе бидат со тепачки, спасувања, зомби итн.
Она што ме згрози беше дека сите игри за девојчиња се како да се нашминкаат, како да се облечат со тоа дека треба да се натпреваруваат со други девојчиња, како да освојат некое момче со тоа што ќе треба да го преземат од друга така што ќе бидат поатрактивни, потоа најдов игри како се станува познат тик-токер или инстаграм “селебрити”, па дури и симнав една таква за да се уверам колку ниско може да се оди, а се’ со цел да се заработуваат лајкови. Имате игри за девојчиња кои навидум изгледаат слатки и бенигни, кои ни ги учат децата оти главна пеокупација треба да е како ќе се нашминкаат, колку кратко ќе носат, како да ќарат дечко од некоја друга, како да бидат популарни, како да “заработуваат” лајкови.
Лоши времиња се ова, времиња во кои се трча по пари оти живеачкава е скапа, времиња во кои родителите преку купување мобилни на децата надоместуваат отсуство и посветеност (и не, не се сите за осуда, некои работат премногу и по цел ден за да обезбедат семејството да не ја почувствува кризава, а има и такви на кои телефонот им е супер за да не се замараат со своите потомци). Ова се времиња во кои децата се оставени често сами на себе кога е во прашање нивното формирање како личности, па шаренилото на ваквите игрици може да биде само нанесување на голема штета во растењето.
Да се расте во време на развиена технологија е благослов, ако човек знае како да го користи тоа без да се изгуби. Ама да се остават децата сами на себе без никаква контрола и градење на критериум што е прифатливо, а што не....е погубно за идните генерации. Местото и улогата на нашите ќерки и внуки во ова општество мора да биде секогаш за едно ниво поголемо од местото и улогата на жените од претходната генерација. Нема одење напред додека не се “испеглаат” многу работи кои од шала и смеа, се претвораат во бабароги. Игрите за девојчиња кои имаат и по неколку стотици илјади корисници кријат во себе нешто што ги осакатува нашите деца и им всадува идеја дека е сосем ок да се фокусираат на изгледот и да се обидуваат да бидат живи “Барбики” заради освојување внимание, маж или престиж. Впрочем, ако децата веќе мора да играат игри, нека бидат од оние логички кои го развиваат умот, интелигенцијата и фокусот. А најдобро, научете ги од мали дека магијата на книгата е најголемата магија која секогаш ќе ги носи во свет од кој ќе научат многу за себе, па дури и ако читаат електронски книги.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да викниш
Гласот да ти се чуе
Зборот да ти се памти
Да си кажеш се’
На душата што ти лежи
Оти душата молк не трпи
Ниту да збира ко бунар
Отрови на неа да се таложат
Ко во филџанот талог од црно кафе
Затоа да викниш
Секој пат до небо да свикаш
Кога си обесправена
Кога знаеш дека убаво не ти е
Кога некој ќе сака да те згази
И кога сама себе се газиш
Оти ниту еден човек
На овој свет роден не е
За туѓи поганлаци да трпи
Ниту некому покорен да биди
Да се поболува и бол да има
Да викниш
Секој пат кога убаво не ти е
Кога себе заради друг се губиш
И во темница талкаш
Удирајќи се од својата немоќ
НЕ да кажеш
И себе да се сакаш
И тело и срце здрави да ти бидат
Без грижа и страв
Оти не си нешто
Што некој друг сака во тебе да гледа
ЗБОГУМ да изустиш
И назад да не се вртиш
Секој еден пат
Кога некој на добрината ќе ти плукни
И кога за потсмев твојата мекост ќе ја има
Да викаш
Да се избориш за својата среќа
И во неа спокојот да си го чуваш
Како храм во кој ќе се помолиш
И во кој ќе си одмориш
Оти ништо не вреди повеќе
Од твојата насмевка и сјајот во очи
И никој не вреди повеќе
Од твојот мирен сон
И мирната рака во која трепет нема
Да викаш
И да ги чуеш оние кои викаат
Кои помош бараат свои да останат
Оти ништо немаш
Ако гласот го изгубиш
И главата наведната ти е
Ништо не ќе имаш
Ако станеш сенка на своите желби
Без глас
Без збор
Без себе