Димче Мешковски со телеграма од Америка се прости од Мара Попара, од семејството дојде да ја испрати сестра ѝ

Добивај вести на Viber

На многу колеги и пријатели на познатата актерка Катерина Крстева, во народот позната како Мара Попара, не им беше лесно да се простат од неа на комеморацијата која се одржа во нејзина чест, во Македонскиот народен театар. Крстева почина на 9 јануари во Скопје на 85 годишна возраст. 

-Позната како Мара Попара, според улогата во филмот „Кафулето кај Гене“, со деценции успешно ја засмејуваше публиката со својата луцидна и брза мисла, со својот ведар дух и лик, со својата благородна личност“, рече актерот Борче Начев во своето обраќање. 

За својата драга пријателка и колешка, телеграма од Америка каде што долги години живее испрати актерот Димче Мешковски. 

-Нашата драга актерка и колешка Кате, беше исклучителна личност, која со својот дух, шарм, хумор и моќта за трансформација, остави вечен белег во македонското актерство. Реализирајќи голем број хумористични улоги, како и сатрирата на Карадак во „Хихирику“, таа стана симбол за народниот хумор не само кај нас, туку и во нашата дијаспора во Европа, во Австралија и Канада. Почивај во мир драга моја Кате“, напиша Димче Мешковски. 

Од Кате се простија и оние со кои го помина целиот работен век, Благоја Чоревски и Ѓокица Лукаревски. 

-И покрај нејзината тажна судбина, таа секогаш беше силна и со ведар дух“, рече Чоревски. На најдрагоцените моменти на култната „Хихирику“, со која израснаа многу генерации се присети и Ѓокица Лукаревски. 

Гледајќи ја Кате на архивската фотографија, сите луѓе кои ја сакаа, ги евоцираа секој своите спомени меѓу себе, по комеморацијата. Снежана Конеска-Руси го одржа завршниот говор, и се присети на времето кога со Кате играла во Татарот за деца и младинци. 

-Имавме судир, и уметнички и секаков во претставата „Рекламна бајка“, кажа Снешка објаснувајќи го ривалитетот во нивните улоги. 

-И сега се поставува прашањето: Како натаму, како утре? Памети и продолжи. Кате постои за нас“, кажа познатата актерка. 

Телеграми со сочуство пратија и министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска, Драмски театар, МНТ и Турскиот театар. Во медиумите последниве денови се објави информацијата дека малкумина од колегите знаеле оти починал синот на Катерина, Александар ,а сопругот ѝ починал кога синот бил мал. На комеморацијата, од семејството дојде нејзината сестра. 

М.Џаровска 

Фото: Вангел Тануровски