До 18 години буквално немав сварено јајце, во првата манџа ставив огромна лажица сол: Приказната на Маја Лaзаревска од „Готвиме со Маја“

Добивај вести на Viber

По професија е архитект, и  додава дека во нејзиното образование може да впише и мастер по политички науки кој ѝ е при крај и уште многу други нешта. Шармантната Маја Лазаревска од шоуто „Готвиме со Маја“ вели дека очекувала и втора сезона од емисијата која за кратко време им „легна“ на гледачите на ТВ 24, а желбата на нејзина среќа ѝ се исполнила. Готвењето, во нејзиното семејство е чиста љубов, а нејзина златна „навика“ е никогаш да не е изморена да подготви било што кога некој дома е гладен. Освен што готви на телевизија, со љубов готви и за нејзините пријатели, кои ги нарекува „племе“. Маја ни раскажа и како се штити од вирусот во време на пандемија и советува како да го сочуваме физичкото, но и менталното здравје со помош на храната.

* Очекувавте ли втора сезона на „Готвиме со Маја“, со оглед на тоа што се наоѓаме во полоша фаза од пандемијата од минатата година?

-Да бидам искрена, посакував и очекував втора сезона, бидејќи реакциите што ги добивавме од гледачите беа повеќе од одлични.  Првата сезона беше создадена од прекрасна екипа која вложи многу труд, сите учевме по пат и речиси сме сигурни дека можеме да направиме повеќе во втората, трета или не знам веќе која сезона.  За жал, пандемијата не само што не стивнува, туку се повеќе влијае на нашите животи и не загрозува, но ние решивме да се држиме до она што знаеме дека можеме добро да го направиме. „Готвиме со Маја“, покрај тоа што преку готвењето има за цел да инспирира, направена е и да понуди чашка муабет на релаксирани теми, нешто што мислам дека ни стана луксуз во овие тешки времиња. Среќна сум што зад мене стојат „Баги Комуникации“ и „Мунлајт Продукција“ кои со своите тимови препознаа дека можеме да му понудиме на пазарот квалитетен производ кој ќе ги подигне телевизиските стандарди кај нас. Исто така сум многу задоволна дека во оваа втора сезона започнавме соработка со врвни компании и брендови, со кои снимањето и готвењето е навистина задоволство.


*За оние кои не ве знаат, која е Маја надвор од кујната?

-Би сакала да има едноставен одговор на ова прашање, но најблизок одговор кој би го дала е дека Маја е жена која не се плаши да сонува, да има идеи и истите да ги реализира колку и да се чинат дека се тие неостварливи, со една силна дисциплина на карактерот доколку решам да се посветам на нешто.  Јас буквално сé правам со пасија и посветеност и тврдам дека не постои пречка за остварување на цел доколку таа соодветно се постави, се структурира патот до истата и дисциплинирано се насочиме кон остварување. Јас сум човек со шаренолик карактер и многу интереси кои ги негувам од дете, не се плашам да имам желби кои колку и да се чудни сакам да ги реализирам доколку ми носат трошка среќа. По професија сум архитект, но во моето образование можам да впишам и мастер по политички науки кој ми е при крај, имам и 2 години обука за нутриционизам, 1 година специјализација за едукација на Филозофски факултет како и многубројни сертифицирани обуки за равој и менаџмент на проекти. Секогаш низ животот сум работела 2 или 3 паралелни професии, каде сум ги ставала во функција своите интереси и квалификации. Имам долгогодишно искуство во областа на човекови права и работа во невладини и меѓународни организации и паралелно сум работела на оперативни проекти за изведба на објекти, ентериери и сл. Но не е само професијата она што ме дефинира. Во основа сум многу приватна, многу сакам да сум дома, да сум присутна во животот на моите деца, да правам долги прошетки со кучето, секогаш да има зготвена храна и да се посветам на одбрани пријатели кои јас ги нарекувам „племе„. Мислам дека до крајот на животот откриваме кои сме, а од она што до сега го научив за себе е дека сакам да живеам овде и сега и да ги искусам сите можности кои ќе ми ги пружи животот. 

* Кога за првпат сте зготвиле нешто вкусно, има ли јадење кое не ви успеало и сте требале да го фрлите?

-Да бидам искрена не можам да се сетам на првиот обид да зготвам нешто вкусно,  бидејки морав да учам од нула. До 18 години буквално немав сварено јајце, а најблискиот контакт со шпоретот ми бил ако на моите родители им сварев кафе. Моите први обиди  или тешко се јадеа или мораше да се фрлат. Прво јадење кое го зготвив беше манџа од боранија која дури ни мачките пред контејнерите не сакаа да ја помирисат, бидејки ставив огромна лажица сол. Но полека како и сé што се учи, така и сите мои наредни обиди беа сé подобри и подобри. Помогнаа и неколку часови и обуки за основните техники на готвењето. Од таму, мојот креативен карактер можеше само да експериментира за да стигне до фаза каде се што ќе се подготви е вкусно за јадење. Јадења кои не се за јадење правам и сега, бидејки сум во постојана потрага по нови рецепти, избалансирани вкусови и комбинации кои секојдневно ги тестирам за да ги покажам во емисија. Опседната сум со теста, па често ескпериментирам со нови состојки кои треба да заменат некоја традиционална состојка во тесто и некогаш има волшебни резултати, а некогаш е неуспешен обид. Но она што е најважно е што уживам во процесот. 


*Преплавени сме со совети, што здраво да јадеме во овој период на вируси и пандемија. Кој е ваш совет,  а да сме среќни, здрави и сити?

-Не сум поборник на теоријата „среќни, здрави и сити„ и дека секој треба се да конзумира. Ако некој има проблем со килограмите кои сами по себе се ризик од други здравствени состојби, мора да внимава и да се фокусира на поздрава и балансирана храна, и доведување на телото во оптимална форма. 

Здраво е се она што ве оддржува сити, фокусирани, ви дава енергија и ви го негува телото, а најздраво е да имате сопствен баланс на работите и умереност. Здраво е да знаете дека мора во текот на денот да имате и свежи и зготвени оброци, дека треба да се храните разновидно, дека зачините го подобруваат вкусот на храната и делуваат стимулативно, па скромни состојки може да ги претворат во ремек дело. Здраво е неделните менија да содржат разновидност во состојките за да имате соодветен внес на се што ви е потребно - од овошје, зеленчук, житарки, месо, јатки и билки. Здраво е и да се опуштите некогаш и да порачате храна бидејки нема ништо поважно од менталното здравје. И се разбира, да не се форсираме кога сме преморени.   

*Како вие лично се штитите од вирусите, имате ли омилени состојки кои ви се ритуал, било за храна или пиење?

-Од вирусот се штитам со максимално почитување на препораките кои ги добиваме, со цел да сум безбедна јас и моите деца. Последниве години претежно сум дома, по изолирана и ги избегнувам сите места каде има голема концентрација на луѓе. Имав среќа да работам на место каде исклучително им е важно нашето здравје па најголемиот дел од пандемијата работевме од дома или на терен на отворено што ми овозможи да го избегнам вирусот до сега, а притоа да имам повеќе моменти дома со децата кои многу ми годеа. И снимањата на емисијата се трудиме да бидат што побезбедни, внимаваме, се грижиме еден за друг. Се посветив домот да го направам пријатно место за престој. Во овој брз и динамичен живот времето поминато заедно како одново да ни ги обнови конекциите и ни ги зајакна врските. Дополнително, се трудам со децата целосно да имаме избалансиран внес на се она што ни го зајакнува имунитетот. Не сум фан на таблети и имуностимуланси и бидејки знам кои состојки обебзедуваат соодветни количини на витамини и минерали се трудам истите да ги вметнам во исхраната, но не секогаш ми успева со тинејџери кои најчесто посегнуваат по нешто што и не е така здраво. 


*Дали и по дома готвите само вие, или има кој да ве замени?

По дома готвам само јас, можеби затоа што не сакам да бидам заменета. Едниот син покажува огромен интерес, а и талент во готвењето. И двете деца, уште од најрана возраст се обидував да ги вклучам во готвењето, им давав да си играат со сирови состојки, секогаш беа со мене во кујна, сакав да се изложени на мирисот на домашно зготвено, им дозволувам овошките и зеленчуците да ги допираат, да ги перцепираат, да ги засакаат.  Готвењето кај нас не е обврска, туку за среќа е природно прифатено и ни е секојдневие околу кое нема никакви драми. Секогаш гледам да има сé по дома,  продукти кои може да се претворат во вкусен оброк. Ако некој е гладен, јас станувам без никакво размислување да подготвам нешто. После работа, мијам раце и веднаш застанувам во кујна да подготвам вечера, ужина, ручек, салата, супа, некој десерт, палачинки, ставам тесто да стасува за нешто. Тоа ми е како мала пауза помеѓу професионалниот и семејниот живот. Кујната ми е како соба за медитација каде влегувам секогаш кога ми треба да обновам енергија. 

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива