ДОБИ ОВАЦИИ УШТЕ ПРЕД ДА ПОЧНЕ: Јосипа Лисац ја менува стварноста
Прекрасни сте и секогаш е убаво кога сум во Скопје. Ова го зборувам без никакво додворување. Овде доаѓам од 1969 година и многу сум горда на тоа, ни се обрати балканската дива на почетокот од безмалку двочасовниот музички времеплов
Нејзината појава е импресивна. Нејзиниот сценски израз е уникатен. Нејзиното пеење остава без здив. Секоја нејзина изведба е комплексна и провоцира да размислувате. Со секој отпеан стих го чувствувате светот, но и животот воопшто. Таа не пее, туку ја менува стварноста. Затоа добива овации уште пред да почне.
Една од најуникатните појави во регионот, единствената Јосипа Лисац синоќа пред одбрана публика славеше половина век кариера кај нас. Само осумстотини фанови во новата сала на Филхармонија уживаа во концертот на балканската дива, во шоуто посветено на нејзиниот животен партнер, пејачот и композитор Карло Метикош.
- Прекрасни сте и секогаш е убаво кога сум во Скопје. Ова го зборувам без никакво додворување. Овде доаѓам од 1969 година и многу сум горда на тоа – ни се обрати Јосипа на почетокот од безмалку двочасовниот музички времеплов.
Куферот го распакува со „Лежај од суза“, тема од нејзиниот деби-албум, ремек-делото „Дневник једне љубави“. На сцената ја придружуваа пет инструменталисти, спој на генерации, а меѓу нив и Давор Чрнигој, басистот со кој соработува од почетоците на нејзината соло-кариера. Продолжи со „О једној младости“ и како што во стиховите стои, повторно покажа зошто е една од илјада. Секоја наредна минута уживавме во модерни аранжмани и импровизации, во поигрување со различни жанрови. Нè почасти со акапела изведба на „Јано мори“. Ја отпеа со болка, со тага, со страст. Ни откри дека со години размислува, но никако да се охрабри да сними проект на кој ќе ги обедини автентичните ритми од овие простори. Не го изостави хитот. Пораката на „Магла“ денес звучи можеби и поактуелно од времето во кое е создадена. Како што и самата подвлече, сè повеќе сме „мали“ и премногу фокусирани на другите, наместо на себе.
На крај ни се заблагодари. Нè потсети дека заедно креираме, дека заедно патуваме низ времето, низ годините. Симболично заврши со „Испочетка“. За секој крај со нов почеток.
Концертот е во рамките на серијалот ексклузивни концерти со кои „Авалон продукција“ слави 25 години постоење.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов