Добра мајка, лоша мајка

Добивај вести на Viber

Откако се роди Аргентина, многу бев оптеретена со тоа каква мајка ќе бидам. Дали ќе сум достојна за новата “улога”, дали ќе бидам она што го нарекуваат добра мајка и дали ќе успеам да излезам во пресрет на сите нејзини потреби и желби. И ај што се јадев сама себе цело време околу ова, туку сфатив дека дополнително носам бреме оти секој од нас има свој критериум за добро или помалку добро воспитување на детето. Тоа се оние очекувања кои ни се наметнати од блиските или помалку блиските, особено од оние кои веќе имале деца. Секој како да мисли дека деца се гледаат токму на оној начин на кој тие ги гледале, па сé што е вон тие мерила не чини. Откако се прибравме дома од болница, некако почна да ми се разбиструва дека треба да си ја слушам интуицијата, особено кога ми е детето во прашање. Нина беше родена на 6-ти август и иако тие денови во 2006 година времето беше едно никакво, ладно и врнежливо, сепак лето си е лето. Фатија августовските горештини, а ние веќе бевме дома.

Кој родил, знае колку е конфузна промената која настанува со раѓањето за секоја жена. Хормоните се измешани, не е мал бројот на жени кои ја имаат постпородилната депресија и чии чувства честопати се нарекуваат “претерување”, иако е состојбата многу сериозна и бара големо разбирање од семејството и стручна помош. И кога не знаете како да се справите со себе, замислете дека згора на сé, имате доенче кое комплетно зависи од вас. Постпородилна депресија немав, но ќе ве излажам ако ви кажам дека бев во топ форма и дека знаев точно што треба да правам. Секој ден нова приказна, нови моменти и нови предизвици. Мало човече со огромни потреби за што е потребна и голема енергија. Неспани ноќи, стравот дека при бањање ќе ми се излизга од раце, паника да не ме фати сон а бебето може да се задуши или некако да го повредам при доење. Каде и да се свртев, имав страв од нешто. Голема среќа беше што Нина растеше со мое млеко и што во тој чин не требаше стерилизација на шишенца, па формули и да се погоди температурата на млекото. Па кога ќе ми текне на грчевите и беспомошноста која ја имав дека не можам да сторам било што за да ја смирам, ден денес се притресувам.

Нејсе, моето летно дете се роди големко и здраво. Никогаш не сум била по адетите за било што, оти секогаш сум избегнувала да се ставам себеси во рамки. Немаше чекање 40 дена за да ја изнесам од дома. Во консултација со педијатар, почнав да ја шетам надвор уште на навршени две недели. И како што тоа секогаш бива кај повозрасните, секоја мајка (ќе речев млада мајка, ама ми текна оти ја родив на скоро 35) со бебе е атракција. Така, шетајќи со количката ме застанува една повозрасна госпоѓа која сета воодушевена сакаше да ја види како спие. И додека се топеше од убост, ме праша колку месеци има. Значи, да знаете дека Нина на свои 2 недели изгледаше како да има 4-5 месеци, со засеци на рачињата и ноџињата и со едни образи од кои ми чкрипеа забите од што сакав да ја бацувам и гризам. И јас така наивно си кажувам дека детето има 2 недели, на што добивам едно подвикување и чудење (пропратено со обвинувачки тон) како сум можела да шетам надвор толку мало бебе. Во прв момент ме облеа такво едно неубаво чувство на вина и срам, што можев да почувствувам како ми горат образите и за секунда цела се препотив. Дури, во еден момент си реков “добро бе Ана, дали си нормална што навистина шеташ надвор толку мало бебе”. Во следниот момент ме фати бес бидејќи воопшто дозволив да се посомневам во себе, а потоа и што потпаднав (макар и за миг) на влијание дека правам нешто што ќе ме окарактеризира како лоша мајка. Ептен домашното воспитувањето не ми дозволи да бидам дрска и да и’ кажам на жената дека не е нејзина работа да се меша во моите одлуки, па само реков “пријатно” и си заминав.

Следниот таков миг го имав кога се работеше за доењето. Сум кажала повеќе пати и ќе кажам уште еднаш дека проблем со умот имаат сите кои чинот на доење во јавност го гледаат како нешто еротски или срамно. Згрозените погледи кои ги добивав кога ќе почнев да ја дојам кога Нина ќе заплачеше, ми беа толку ем смешни ем простачки што не ми се веруваше дека луѓето можат да бидат со толку ограничени умови. Ниту една доилка не шета со градите надвор, но ниту една доилка нема да остави детето да гладува или да помодри од плачење, оти тоа некого ќе навреди или ќе му боде очи. Така, доев секаде и секогаш кога Нина беше гладна и ич не есапев прекорни погледи, подбуцнување со лакти демек “види ја онаа” или шепкања. Мој топол совет на сите жени кои дојат: гледајте си го бебето и раатот. Оној кој е естетски или морално повреден од чинот на хранење на детето, може да го напушти локалот. Да не бидете поводливи и да не дозволите да ви се наметне идејата дека е срамота да доите. Од срамотни работи издвојувам лажење и крадење, а како нација која многу лаже а богами и краде малку е смешно да се зборува за доењето како срамен чин.

Во текот на растењето на Нина, се соочував многу пати со тие некои непишани норми за добра или лоша мајка. Бев лоша само тогаш кога не се вклопував во калапите кои им биле наметнати дури и на тие кои ги пропагирале. Добивав неодобрување со нишкање на глава кога кажував дека заедно цртаме на ѕид. Малкумина ме разбираа дека цртањето на ѕид не значеше анархија, туку заедно биравме ѕид, го шаравме, го пребојуваме и повторно цртавме. По мое, така ја научив ќерка ми дека може уметнички да се изрази, ама не секаде туку на простор кој беше наменет за тоа. Оти децата многу сакаат да шараат на бели површини, ама чарето не ми беше ниту во дозволување секаде, но ниту во ставање забрани.

Станав свесна дека моите критериуми за воспитување на ќерка ми секогаш ќе се разликуваат од останатите. Не дека моите се исправни, а туѓите се погрешни. Но, за разлика од многумина, јас не се мешав во нивните правила на игра. Бев лоша мајка оти еднаш Нина проба да ме манипулира во продавница за играчки со напад на плачење, а мојот одговор на тоа беше да се свртам и да излезам и да ја почекам надвор. Оттогаш, никогаш повеќе не ми приреди таква сцена. Кога зборував со познаници и пријатели, сконтав дека од пусти срам како ќе ги гледаат другите, повеќето купувале играчки кои биле одвишок за да не се соочат со осуда дека се груби или крути.

Секое дете е приказна за себе. Секое дете ќе проба да ве наведе да правите нешто за што однатре знаете дека не е во ред, ама нивно е да пробаат. Секое дете има потреба (колку и да звучи нелогично ова) да му бидат поставени граници до каде смее да оди. До одредена возраст, имаме обврска и должност да бидеме само родители на своите деца, а после тоа имаме улога ем на родители, ем на другари. Секое дете, колку и да не сака правила (здрави и поткрепени) има потреба од нив. Впрочем, да им се дозволува сé на децата, не нé прави добри мајки и татковци. Ставањето граница не значи нужно дека нешто им се ускратува на децата, напротив. Само така може да им покажете дека треба да имаат осет и за туѓото време, простор, желби за да научат да си го ценат и своето време, простор и желби.

Уште учам како да бидам мајка која ќе има слух за своето дете и која ќе постапи не како што сака таа секогаш, туку онака како што е тоа најдобро за неа и за мене. И најважно, сфатив дека нема добра и лоша мајка ако сé што правите, правите со голема љубов и посветеност кон чедото особено што утре децата ќе бидат одраз на нашето воспитување. Едно знам со сигурност, а тоа е следново. Дента кога ќе видиме како ги шират крилата и самостојно летаат а притоа се свои, сигурни во себе и среќни, ќе знаеме дека сме завршиле одлична работа.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ти што си месо од моето месо

Ти што си крв од мојата крв

Ти што од утробава си излегла

И која со себе секогаш дел

Од мене во себе ќе носиш

Своја да бидеш

Своја да останеш

Оти мајка раѓа, ама не поседува

Ти што си моја прва мисла

Ти што од моето млеко си израсната

Ти што си моја последна молитва

И која си мојата надеж

Кога вербата ме напушта

Да чекориш исправено и цврсто

Без да ме носиш како товар на плеќи

Оти мајка раѓа, ама не поседува

Ти што смисла даваш на сé

Ти што си виножито на небо црно

Ти што си песна кога сé занемува

И која си мојот почеток и крај

Крилата да не си ги кастриш за никого

Дури ниту ако помислиш некогаш

Дека така можеш да ме усреќиш

Оти мајка раѓа, ама не поседува

Ти што си од педа човек до мене

Ти што си мојот одраз во огледалото

Ти што си од љубов создадена

И која со љубов си израсната

Својот пат да си го бараш

И кога по него ќе зачекориш

Никојпат назад да не се вртиш

Оти мајка раѓа, ама не поседува

Ти што си повеќе од СÉ

Ти што си мојот свет

Ти што на светот боја му даваш

И го правиш да е поубав

Да го вдишуваш секој миг

И свој да го сториш за паметење да е

Чунки така се живее животот

Оти мајка раѓа, ама не поседува

Ти

Ти што си сé што сакав

И многу повеќе од она што посакував

Да леташ секаде каде што душа ти сака

Оти колку и да си блиску или далеку

Секогаш во мене ќе останеш

И дом во мене ќе имаш

Оти мајка раѓа, ама не поседува

Ти

Ти само биди тоа што сакаш да бидеш

А јас

Јас во сенката твоја ќе останам

Како потсетување дека сама не си

Оти мојата најголема радост

Ќе биде кога ќе знам и чувствувам

Дека себеси се имаш

Дека себеси се љубиш

Оти знаеш...

Мајка раѓа, ама не поседува