Доста с...ње, пардон плукање по македонските спортисти
Со нетрпение, семејно го исчекувавме настапот на Никола Ѓуретановиќ. Единствениот македонски пливач, кој со својот рекорд 4:02:61 успеа да обезбеди пласман на Олимписките игри во Париз. А има само 16 години.
Заврши последен во квалификациите на 400 метри слободен стил, со време од 4:05:38. Но, тука не заврши и неговата кариера, амбициите, соништата и вербата во успех. Не завршија ниту напорните тренизни, соочувањето со беспарица, молење на спонзори, сопки од понеталентирани...
Тој ќе биде нашата најголема надеж на следните првенства и Олимпијади. Зошто да не веруваме? Живее во главен град на една земја кадешто има 2 базена, кои во текот на годината се затвораат, па отвораат, без најава, поради дефекти од различни причини. И покрај тоа, младиот Никола се избори за Олимпијада
Само едно нема да заврши. Плукањето, особено на спортистите. Тоа се обично луѓе кои не се занимаваат со спорт. И не сум сигурна дека одат на спортски натпревари. Сигурна сум само дека, ретко кога се присутни на трибините, плукаат и по наши и по туѓи играчи. Сум била сведок на тој излив на невидени фрустрации.
За плукачите, сите спортисти во светот се поталентирани од македонските. Не знаат колку добрите услови се битни за врвен спорт, ниту пак колку пари вложува државата за да произведе врвни спортисти.
Во едно истражување за успехот во спортот пишува: „Според количината на пари кои некоја држава ги вложува во спортот, можеш со точност од преку 90 проценти да пресметаш колку медали ќе освои на Олимписките Игри.“
И наместо да пишувате негативни работи за младите спортисти, кои навистина нешто вредат, можете да почнете барем рекреативно да тренирате некој спорт. Чисто да видите колку труд и волја се потребни за такво нешто. Останатото е само за најупорните.
Факт е дека нашите спортисти немаат најдобри услови за тренинг. Но, ако веќе не можеме да им ги обезбедиме тие услови, тогаш не треба ни да се с....е, пардон плукате, кога ќе постигнат послаби резултати.
П.С. По настапот, Никола Ѓуретановиќ изјави:
- Пред самата трка имав малку трема, моите години го направија своето, бев многу возбуден. Но сепак ова е едно големо искуство за мене, секако дека ќе се прикажам во најдобро светло на следните големи натпреварувања, изјави младиот Ѓуретановиќ за сајтот на МОК.
Факт е дека со нашите репрезентативци секогаш е потребен и психолог, ама тоа сеуште за нас е мислена именка.
Соња Алексоска Неделковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин