Драгана Милчевска за праксата во Италија: Го научив јазикот, сега тоа ми вреди злато
Драгана Милчевска од Скопје, апсолвент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје е успешна млада девојка која собира практични знаења и искуства во странство. Таа прекустуденската организација АIESEC била во Италија, а од мај ќе замине на пракса во Амазон во Словачка. Таа за сите млади кои сакаат да патуваат и да учат нови работи, го споделува своето искуство.
Фактор: Бевте на пракса преку AIESEC. На каков проект работевте и колку време?
Да, бев на волонтерска пракса преку AIESEC која почна од ноември и која траеше до срединта на декември 2017та година во Болоња, преубав град во неописливо опојната Италија. Работев во три школи Marella, Viscardi, а најмногу во Scuola Media Farini. Им предавав англиски на деца од 9 до 13 години, мали и весели Италијанчиња и дечиња од многу други националности, чии семејства се закотвиле во земјата полна изненадувања. Имаше шест професори по англиски со кои соработував и на чии предавања влетував, а со кои се договорив да ми ја дадат целосната слобода за самата да изградам свој стил на предавање. Изненадувачки презадоволна сум! Во правата недела од моите предавања успеав да ја претставам Македонија онолку колку што умеам, со презентации, слики со пејсажи, храна, музика, а и го веев знамето во 25 класа. Се соочував со 630 деца неделно! Во таква околина не можеш, а да не научиш премногу работи! Патем, за време на мојот престој во Болоња бев сместена во домовите на две дарежливи фамилии кои ме прифатија како свое дете.
Фактор: Опишeте ни еден ден за време на праксата!
Секое утро, во текот на работната недела, јас и членовите од фамилијата кај која престојував се будевме рано и се подготвувавме за денот пред нас. За Италијанците, нешто што веројатно не го знаете е дека речиси и не појадуваат. Тие јадат по неколку колачиња со млеко и се полни енергија сè до следниот оброк кој се состои од макарони и макарони, со екстра макарони. Не е ни чудо што во маркетите има огромни рафтови чајни колачи, тестенини, доматни сосови! Како и да е, тие ќе ме однесеа до училиштето во кое и нивните деца учеа, а јас веднаш ќе се упатев кон канцеларијата за професори да се поздравам со колегите. Штом ќе се приближев пред училницата за да влезам на час, веднаш си го слушав името „Dragana! Dragana sta quiii!“ и радосните гласчиња и гласни кикоти на дечињата кои едвај чекаа промена од вообичаените часови по англиска граматика. Јас пак, делумно успешно им го премолчев фактот дека го зборувам нивниот мајчин јазик. Сакав да им претставам поразличен начин на учење на јазик, кој не се поклопува со школските методи во кои се давиме од детството. Почнувајќи од средината на средна школа, додека учев во гимназијата во Велес, се образовав на темата „Учење јазици“ и кои методи познатите и помалку познатите полиглоти ги применуваат, која е воедно и темата на мојот дипломски труд. Сметам дека им пренесов добар дел од знаењето и на моите ученици со голем ентузијазам! Имаше денови кога работев од 8 наутро до 16 часот попладне, но имаше и денови во кои работев од 10 до 14 часот, но знаев дека секој ден што и да сторам и кажам дека децата тоа ќе го помнат.
Целото интервју прочитајте го овде.