Душата на мегдан извадена
Како минува времето, верските празници ми се
слика на она што сме ние луѓето, но и плодно тло за психолошка анализа (се
разбира, аматерска) за себе и за другите. Никогаш не сум била доследна во
празнувањето било што, ниту така ја воспитувам ќерка ми. Не дека имам отпор,
туку не обрнувам внимание на работи за кои лично имам малку поинаква
перцепција. И не дека моето е исправно или погрешно, туку едноставно за мене
одлично функционира. Од друга страна, мајка ми е сосем поинаква приказна. Сите
адети испочитувани, сите празници достојно пречекани со сите салтанати како што
тоа си налага верата. Она што отсекогаш сум го паметела е дека религиозноста на
мајка ми и отсуството на истата кај татко ми, во нашиот дом никогаш не биле
камен на сопнување. Отприлика, моето воспитување на ќерка ми во однос на верата
и религијатабила сведена на “имај почит кон сечија
определба, имај почит кон обичаите кои ги имаме и кои ги имаат другите, но
никако да не им робуваш”.
Кога велам робување, не мислам дека сите кои си ги тераат адетите им робуваат на истите, туку мислам на она што во верата се нарекува богобојазност која најчесто е пропратена со реченицата “ќе одиш во пеколот” и со која така лесно се расфрламе и ја тресеме како од ракав. И кога сме веќе кај богобојазноста, чинам дека таа се има извитоперено низ годините и е моделирана кому како му чини. А мене некако баш и не ми се верува оти Бог (за верниците) ќе се потресе и налути ако не постите или ако го прекршите постот. Постот е убав за здравје, се разбира кој како и колку може. Денешните модерни диети се базираат на постењето кое отсекогаш постоело во нашата религија. Всушност, како народ кој отсекогаш живеел скромно, ние и не сакајќи генерално сме биле на пост. Прославувањето со месо било гозба која требала да се заслужи после макотрпна работа и претставувала заслужена награда.
Не верувам дека Бог е некој кој би сакал да си го нарушите здравјето со изгладнување за после да се прејадете со свинско (за Божиќ) или јагнешко и варени јајца (за Велигден). Како отповеќе да се измешаа лончињата и капачињата. А сета мудрост на живеачката е кажана во тие десет заповеди, кои се и суштина на нашето битисување. Сиот концепт на животот во секоја религија не е страв, смрт или казна, туку живот и љубов. Не постои вера, ниту религија која повикува на насилство. Не постои ниту еден вистински верник кој носи омраза во душата и злоба во срцето. Не постои страв од Бог, туку љубов за него. Или така барем би требало да биде!
Познавам верници кои на мравка не газат, познавам верници кои врз живи луѓе газат. Познавам “неверници” кои еден лош збор не изустиле и биле тука за сите, исто како што познавам “неверници” од чиј лошотилак ми се кревала косата на глава. Во суштина, единствената поделба на луѓето на овие години ми се сведе на арни и погани луѓе или на луѓе со црна душа и луѓе со ДУШАТА НА МЕГДАН ИЗВАДЕНА.
Одамна не ги гледам трпезите како крцкаат од се’ и сешто за одредени поводи, ниту пак како се украсени домовите за Нова година. Многу малку отворам социјални мрежи за празници и само го постирам она што ми налага душата. И едно знам со сигурност која верувам дека ќе ме следи додека сум жива. Најтешкото нешто што човек може да го постигне, најболното нешто кое се осознава со врвење низ трње, најризичното нешто кое ве остава најранливи и најубавото нешто кое всушност ја дава сета смисла на вашето постоење под ова парче небо, е кога ќе си ја соголите душата.
Да се извади душата на мегдан за многумина е како да си го барате со боринче да бидете повредени, навредени, искасапени, подложни на потсмев. И не ме чуди мислењето на мнозинството со оглед на тоа во каков свет живееме, иако ние сами си го стокмивме да е ваков-никаков. Знаејќи дека во денешно време повеќе се чудиме ако некој стори нешто арно отколку лошо, ич не ја земам за зло мислата дека криењето на душите е паметен потег. Ако се завртам наназад овие неколку децении, потполно ќе ја разберам скептичноста додека го читате ова. Но, ако можам да одберам како би живеела, апсолутно би одбрала да живеам со душава ставена на астал, па што биде нека биде!
Се зачауривме, се одродивме, се сокривме дури и од самите себеси, станавме огорчени. Друга е приказната дека можевме да смениме многу работи само ако бевме похрабри и погласни, можеби и малку побезобразни. Ама сега сме таму каде што сме, вакви какви што сме. И знаете, јас се’ уште имам надеж и верба. И се’ уште гледам околу себе еден куп луѓе чија душа е сета прозирна и кршлива, нежна и кревка...ама биле доволно храбри и полни љубов за да ја извадат на мегдан. Па нели среќата и Бог се секогаш со храбрите и чесните? Зошто тогаш стравот и скептичноста во која сме се изнапикале како глувци во дупки? Не сакам да стануваме и легнуваме со помислата дали ќе ни се врати со арно или со почит тоа што ќе го направиме за другите. Тој кантар никогаш не мери како што треба. Впрочем, налет ако очекуваме фалби и возвишување оти сме сториле некое добро дело, секогаш добрите дела се награда сами по себе оти ни ја полнат душата.
Чуму глума, чуму играње игри, чуму натпревари? Кога ќе ми текне дека животот е толку кус за да му се изнауживаме и изнарадуваме, не можам да се помирам дека значаен дел од него арчиме на глупости.
Душата не се троши, колку и да ја даваш и колку и да ја раздаваш.
Душата сама себеси се лечи и нема смрт за неа, дури и тогаш кога телата ќе ни скапуваат в земја.
Душата е дадена за да се дели и споделува, оти таа не’ прави ЛУЃЕ. Не цицачи ами ЛУЃЕ, полни емпатија, сомилост и љубов.
Душата е единственото нешто што знае да поболува и да лечи, зависно од тоа дали ќе ја ускратите некому или ќе му ја дадете со сета доверба.
Во ова време во кое наивноста е глупост а добрината неисплатлива, бирам да сум една од луѓето кои ја ставаат душата на мегдан, пред сите и за сите. Оти знам дека таквите луѓе на кои им се восхитувам, ја спасиле мојата душа. Некогаш дури и од самата себеси. Нека ни е Божиќ и Велигден секој ден, во душите и во мислите. Да сме луѓе, да останеме луѓе со душите на мегдан.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Отвори си ја душата
Ослободи ја
Пушти ја да лета и да се радува
Оти душа в гроб не се носи
И не можеш в ковчег да ја заковаш
Ниту в земја да ја запреташ
Душа под клуч не се чува
Ниту во долапче се остава
Остави ја намира
Остави ја за да се најде
Не само тебе, туку и некому
Кому како иљач ќе му дојде
Да му залечи дупка во градите
Да му избели срце
Да му светне мисла
Живот да му продолжи
Насмев на усни да му врати
Отвори си ја душата
Не ја држи стисната
Чунки таа не е збор на хартија заробен
Ниту е за во кафез создадена
Имај душа-птица
Та нека прелета горчини
И нека надлета небо црно
Остави ја надеж да даде некому
Оти не се троши
А и пустата уште повеќе светнува
Ако добрина стори молкум
Без да чека благодарност
Без да се надева на пофалба
Оти ниту една убост, убост не е
Ако се прави насила
И ако чека чоек награда
Ако под око гледа
Дал некој му ја пули добрината
И дали опеана ќе биди во песните
Душата
Таа отвори ја
И горделивоста за навек затвори ја
Оти душа со душа се препознава
Само тогаш кога и двете на мегдан се
Без страв
Без срам
Без ниет да се скријат
Без лутина во себе да држат
Само душа на мегдан извадена
Тежи колку сето азно на светов
Со сета своја леснотија
Со која љубов прима, со која љубов дава