Од раководството на меѓународната манифестација „Пеце Атанасовски“, единствена од ваков тип во земјава, велат дека одлучиле да ја збијат програмата за да не се наруши квалитетот
На
29 и на 30 јуни во Прилеп и во Долнени ќе се одржи 44-то издание на Меѓународниот
фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Од раководството на
фестивалот велат дека и покрај драстично намалените средства од буџетот, со
збиена програма ќе се обидат да го одржат високото реноме на оваа, единствена
од ваков тип, манифестација кај нас.
- Овој фестивал повеќе од четири децении ги негува основните цели - зачувување и негување, како и пренесување на новите генерации на богатото, вековно, национално изворно творештво. Не ретко сме се соочувале со скромни услови и средства, но сме излегувале на крај без да се доведува во прашање реномето и високиот квалитет на изведувачите на изворниот мелос. Годинава средствата од Министерството за култура се за 40 отсто помали. Малку ќе ја збиеме програмата, ама квалитетот безусловно останува. Имаме целосна поддршка од локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени - изјави Златко Лашкоски, секретар на фестивалот.
Годинава се очекува да учествуваат околу 250 изведувачи на изворен мелос од цела Македонија. Според уметничкиот директор и селектор на Фестивалот, професор д-р Родна Величковска, во тек е селекцијата на учесниците.
- Имаме огромен интерес и многу талентирани изведувачи на изворни инструменти и песни од сите краишта на земјава. Нашиот фолклор е вистинско богатство. Талентираните народни музичари ги има од сите генерации, од најмлади до најстари. Секоја година, а и овој пат, ни е тешко да го направиме изборот – информира Величковска.
Пред официјалното отварање на фестивалот на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп, од 25 до 29 јуни ќе се одржи традиционалниот семинар за изучување на народни инструменти и песни во етно-музејот во Долнени. Своите знаења ќе ги пренесат етномузикологот д-р Родна Величковска и фолклористот м-р Горан Василески. На семинарот ќе учествуваат десетина млади вљубеници во изворниот мелос.
Ѓ.С.