Двократниот број 1 светски диџеј – ПОЛ ВАН ДАЈК настапува на Д ФЕСТИВАЛ!
Д ФЕСТИВАЛ кој ова лето од 6-ти до 8-ми јули ќе се одржува во Дојран, во својата музичка програма добива импозантно засилување со потврдениот настап на неприкосновениот ПОЛ ВАН ДАЈК (PAUL VAN DYK)! Двократниот носител на титулата за најдобар светски диџеј, една од првите супер ѕвезди во електронската музика кој успеа истата од „андерграунд“ да ја внесе на голема врата на „мејнстрим“ сцената, соработник со легенди како што се Ју-Ту, Мадона и Депеш Мод, повеќе пати номиниран за Греми и сопственик на милионски изданија, добитник на орден на честа од градот Берлин, величенствениот Пол Ван Дајк е хедлајнерот чиј настап на главната бина во петок на 6-ти јули ќе го одбележи спектакуларното отворање на годинешниот Д ФЕСТИВАЛ!
Електронската светска супер ѕвезда Пол Ван Дајк уште од раните деведесетти години ги поставува светските стандарди како ди-џеј. Роден во времето на комунистичката ера во поранешна Германска Демократска Република, уште како млад тајно слуша електронска музика која во тоа време се емитува на забранетите западни радио станици, кои како што и самиот тврди, се заслужни за неговото музичко образование. Тој е еден од најголемите поборници за германското обединување по падот на Берлинскиот ѕид, а својот прв диџејски настап го остварува во култниот берлински клуб Трезор, во 1991 година. Во краток рок ја стекнува популарноста со мегахитот „For An Angel“, една од најголемите и највлијателните електронски траки на сите времиња. Зад себе има осум студиски албуми продадени во повеќе милионски изданија, а во текот на кариерата има работено со ѕвезди како што се Ју-Ту, Мадона, Депеш Мод и Џастин Тимберлејк. Со вроден талент за сценски настап, Пол е еден од артистите со најмногу остварени настапи низ светот, повеќе дури и од Боб Дилан, Металика, Аеросмит и Ролинг Стоунс!
Познатиот портал „Диџеј Маг“ два пати го има прогласено за број еден во светот, а може да се пофали и со тоа дека е меѓу првите ди-џеј супер ѕвезди кои заработиле Греми номинација за тогаш новата воведена категорија, Најдобар Денс/Електронски албум, за своето издание „Reflections“ (2003). Три години подоцна добива орден на честа од градот Берлин, лично врачен од градоначалникот. По 30 години импресивно богата кариера тој и понатаму е продуктивен и студиски - последниот албум „From Then On“ од крајот на минатата година, го потврдува како авторитет не само на транс, туку и на електронската музика воопшто.
Покрај овој светски гигант на електронската музика, во музичката програма на Д ФЕСТИВАЛ ни се придружуваат и значајните музички уметници од регионалната сцена. Најновото име во оваа низа е еден од најуспешните и највлијателни балкански рапери ФРЕНКИ (FRENKIE) кој ни се придружува ова лето на Д Фестивал! Од почетоците со Едо Маајка и Еф-Ем Џем (FM Jam), па до сите освоени награди и запишувајќи се со неговата музика и во холивудскиот блокбастер „Incredible Hulk“, Френки за музичките критичари важи за херој на генерацијата, неговите текстови ги споредуваат со проза, а неговиот flow го прогласија за најдобар на Балканот. На Д Фестивал тој доаѓа со новиот албум „Egzil“, кој лани го објави светската етикета „Universal Music“ и четири недели беше најпродавано изданите на „Гугл Плеј“, надминувајќи го дури и „Revival“ на Еминем кој излезе во ист ден.
Во тридневната програма на Д ФЕСТИВАЛ – единствениот open-air музички фестивал во Македонија, својот настап веќе го потврдија и DISCIPLES, FINK, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, ГОРАН ТРАЈКОСКИ, WHO SEE, PUSSY RIOT, KOALA VOICE, CONSPIRACY и ПАЛИНДРОМ, но и уште многу други кои наскоро ќе бидат објавени.
ПОБРЗАЈТЕ ЗА НАЈПОВОЛНИТЕ – РАН КОРМОРАН ВЛЕЗНИЦИ
Во сите продажни места на МкТикетс, како и онлајн преку овој линк, веќе се спроведува РАН КОРМОРАН акцијата на Д Фестивал во чии рамки се продаваат фестивалските (тридневни) билети по нивната најповолна цена и тоа:
- ФЕСТИВАЛСКИ БИЛЕТ (три дена, без кампување) – 600 денари;
- ALL-INCLUSIVE БИЛЕТ (три дена, со кампување) – 650 денари.
(*двата типа на билети овозможуваат пристап до комплетната тридневна програма)
Побрзајте да ја искористите акцијата, бидејќи покрај веќе најавените артисти, ова лето, од 6-ти до 8-ми јули на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран нѐ очекуваат уште голем број музички изведувачи чии настапи ќе ја исполнат програмата на четирите бини на Фестивалот, но и подеднакво атрактивна и обемна листа на специјални гости и учесници во дополнителната програма по која единствениот летен музички open-air фестивал во Македонија ја добива својата уникатност не само кај нас туку и во конкуренција на регионалните фестивали.