Џенгис Мемедоски е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви“ во Прага: Бог ме направил различен од другите, но ми подарил повеќе таленти
Џенгис Мемедоски (31) е македонскиот претставник на „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви 2024 година“, кој ќе се одржи во Прага.
Џенгис е роден во Германија, но по потекло е од Прилеп. Тој веќе 15 години живее и студира во Скопје, студент е на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и само уште еден испит го дели од дипломата.
Тој е роден со оштетен слух на едното уво 100%, додека на другото мал процент. Но тоа не е пречка за Џенгис да освојува врвови со неговите таленти во областа на уметностите, како пеење, цртање, актерство и добро ораторство.
Во меѓувреме тој е активен на модната сцена и занимава со моделство.
ЖМ: Кој беше главниот иницијатор да се пријавиш и да бидеш дел од „Светскиот избор за глуви 2024 година“ и кои се твоите очекувања?
-Јас сум модел во неколку македонски модни агенции веќе подолго време. А исто така соработувам и со косовска модна агенција неколку години. Моето искуство со моделството е навистина големо, од присуство на модни ревии, до фотосесии за разни брендови и кампањи, статист во филмови и музички спотови итн. Секако дека од таму и желбата за поголеми успеси, како интернационални избори. Меѓутоа отсекогаш ме привлекувале избори за убавина, не заради самиот избор за најубав модел, туку заради фактот што на тие избори не се оценува само убавината, таму е важно и кои други квалитети и таленти ги поседуваш. Од една страна Бог ме направил различен од другите, слухот ми е оштетен од раѓање на едното уво 100%, а на другото уво мал процент, сепак од друга страна ми подарил повеќе таленти во областа на уметностите, како пеење, цртање, актерство, добро ораторство итн. Токму поради моите таленти кои таму се ценат најмногу, мислам дека сум добар кандидат за „Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви 2024“. Еден од тие кои ми дадоа најголема поддршка во моделството е Мики Црнокрак и секако иницијатива даде и Сојузот за глуви на Македонија.
ЖМ: Кога е изборот и каде ќе се одржи и дали веќе си запознаен какви подготовки те очекуваат?
-„Светскиот избор за Мис и Мистер за глуви 2024“ ќе се одржи во Прага, Чешка Република, од 9 до 17 јули 2024 година, а финалната вечер ќе биде на 13 јули. Сè уште не сум запознаен со обврските кои ме чекаат, бидејќи неодамна ме известија дека сум примен на изборот како претставник од Македонија. Но, јас уште од сега се подготвувам за изборот, се трудам да ја задржам линијата односно, да останам во добра форма. Внимавам на исхраната, а допрва ќе се посветам на изборот на гардероба која ќе ја носам. Останатите подготовки допрва ме чекаат.
ЖМ: Имаш ли информации што ќе се случува таму?
-Немам такви информации, наскоро ќе дознаам и ќе ме насочат луѓето од Сојузот за глуви кои веќе имаат искуство со претходните претставници на изборот. Верувам дека ќе започне со запознавање на кандидатите, но покрај компетитивноста се надевам на едно убаво дружење и спомени.
ЖМ: Дали си имал претходно некое вакво или слично искуство, јавен настап пред публика?
-На избор за мистер досега не сум учествувал, како што кажав искуство имам во моделството и секако чекорење на модна писта. А јавен настап сум имал само со музиката, како дел од музичарите со кои работев како Елена Ристеска, се појавив и пеев на повеќе концерти и емисии заедно со неа и други музичари, а сум настапувал на сцена и со Тамара Тодевска и Наде Талевска изведувајќи ја нивната музика на знаковен јазик. Со актерството сум имал исто така многу јавни појавувања во театар и еден мал период од животот бев водител на телевизија.
ЖМ: Дали се занимаваш со манекенство или моделство, па ова само ти е еден вид отскочна даска?
-Ова за мене претставува не само отскочна даска во кариерата, туку и огромен успех и достигнување како човек. Да се биде дел од кој било светски избор како претставник на нашата Македонија е невидена сатисфакција и гордост.
ЖМ: Дали ја сакаш модата и се она што е поврзано со неа?
-Модата е моја љубов и секојдневие, не постои ден да излезам од дома несреден или лошо облечен. Посветувам големо внимание на комбинациите на облека и неверојатно уживам кога комбинирам парчиња за себе и за други.
ЖМ: Ги следиш ли модните трендови и каков стил на облекување преферираш?
-Се трудам да ги следам трендовите, но во сооднос со моите можности. Стилски најубаво се чувствувам во кежуал и класична облека. Од класично одело до фармерки и маички, понекогаш и спортски се облекувам во зависност од приликата и настанот каде што присуствувам.
Габриела Додевска Глигоровска