Џез за почетници
Кога се вратив од студиите во Белград очекував дека Скопје ќе ми биде попатна станица за освојување на светот. Не очекував дека Славица од Министерство ќе ми ја изгуби дипломата, поточно дека ќе ја забута позади залихата на кафе, не очекував дека ќе ги пропуштам сите рокови за аплицирање надвор заради Цаци, не очекував дека ќе бидам примена на државна академија за Костимографија во Сан Диего и дека тоа ќе ми остане на ниво на сон заради административен општествен фелер.
Да се разбереме, не можев да паднам во поголема депресија. Немаше сила на светов што можеше да ме извади од пижами и од дома. Седум месеци не сакав да се соочам со никаква реалност околу мене, не можев да гледам луѓе а најмалку да зборувам со нив. Изгубив чувство за баланс, или се прејадував или не јадев ништо. За да не полудам, почнав да растурам стар накит и да го преработувам во нов. Цел живот сум опколена со накит, секое одење во Охрид завршувало со месечен банкрот. До ден денешен, каде и да одам се враќам со ново парче накит, зависност што ни една сила на светов нема да ми ја земе. Докупив делови за накит, докупив бисери, расипав се што најдов по дома и се лечев со накит. И слушав џез, за прв пат во мојот живот. Дојде една моја пријателка после подолг престој надвор од Мк да ме види. Ја слушнав мајка ми како и вели на врата, прави што ќе правиш извади ја од дома. Кога влезе кај мене во соба, ја виде масата покриена со чаршав и ја откри. Ништо не ми рече кога го виде накитот, ме натера да се облечам тренерки и ме извади од дома. Следниот ден ми се јави и ми кажа дека имам закажан состанок за два дена во концепт продавница. Девојките од продавницата одлепија по накитот, и побараа од мене да направам бренд и да се регистрирам.
Уфффф, не бев подготвена за тоа. Ниту пак некогаш размислував за такво нешто, тргнав да бидам костимограф, да го освојувам Бродвеј. Седнав на истата маса на која го правев накитот без да знам што да правам. Единствено логично име за мој личен бренд ми беше Драма, дека театарот ми беше единствена причина за постоење. Е сега, логото.. Маска, никако, сегде ја има, бисери, кругови, све нешто нешто што на крај е едно големо ништо. Додека си патев, на масата се качи Радован, мојот најстар мачор, првата љубов и си го тупна задникот над блокот за цртање. Гледајќи го почнав да го цртам, и од тој момент започна приказната на сега веќе светски познатите Ловецатс. Чекор по чекор, битка по битка, Драма започна да се позиционира на овој пазар како етаблиран моден бренд. Сопка по сопка, јас пораснав од наивно девојче со скршени соништа, во жена што секој ден сонува нов сон и наоѓа начини да го реализира. Не сакате да знаете кроз што се не поминав во овие осум години и со што се се соочив. Не знам колкава е количината на солзи што ја исплакав, стравовите што ме угушија и препреките кои ги прескокнав. Само едно знам, Цаци среќо моја заради тебе и твојата неспособност, јас не можам да сум посреќна во моментов. Дали се плашам, О Да! Дали ќе се откажам, ни на крај памет не ми е. Секој ден имам нова препрека за поминување, секој ден слушам по нешто ново за мене, секој ден имам личен предизвик клиентите на Драма да бидат задоволни. Создавам, барам нешто ново, сакам да е поинаку, истражувам, и се борам со сите мои демони на дневно ниво. Ова ви го кажувам за да ве поттикнам да не ги губите тие седум месеци, кога нешто ќе ви се скрши, не ја правете мојата грешка. Не сме свесни колку ни е драгоцено времето, колку е бесполезно успивањето, колку е губење на време депресијата и колку никој на светов не може да ни ги врати пропуштените шанси. Секој пад е тука за да ви донесе нешто ново, можеби нема да е тоа што сте го сакале на почетокот, но верувајте ќе ви отвори портал на комплетно нова димензија на среќа.
Рецептот за живот е ваш, сите состојки што вие ќе ги смучкате, ќе ви го донесат слаткиот вкус. Горчливото сами го потенцираме, сите вкусови зависат од нашите одлуки за тоа како ќе изреагираме на секој даден предизвик.
Рецептот за храна, за денес, чоколаден вегански мус алла Дај шта даш! Вода од конзервиран наут, мед, авокадо и банана, малку лешници и воила! Јас во моментот во фрижидерот имав само желба за слатко, па искористив половина банана, наут и малини и испадна одличен! Плус е ниско калоричен, плус не ги храни габите во вашиот организам.
Јас сум Ивана Кнез, следен пат ќе броиме калории.
Се читаме следната недела.