ЏИЈАН ЕМИН: ГРУЗИЈА Е ЗА ВОСХИТ
Диригентот и композитор Џијан Емин, настапи на отворањето на првото издание на фестивалот „Echo Waves“ во Анаклија, Грузија, заедно со познатиот американски диџеј и автор Хуан Аткинс и „Алтер“ симфонискиот оркестар составен од музичари од Националниот оркестар на Грузија и од Националната опера.
Џијан со Хуан Аткинс и со оркестарот од Грузија
Концертот во Грузија , се случи по настапот во Античкиот театар во Охрид, кога на 2 август ја воодушевија македонската публика заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.
Џијан Емин првпат гостуваше во Грузија, а тамошниот фестивал на своето прво издание донесе повеќе од 150 врвни уметници од електронската светска музичка сцена.
„ Добивме покана да настапиме на овој фестивал кој за првпат се организира во Анаклија, Грузија, на прекрасна локација на самата плажа на Црно Море. Фестивалот траеше четири дена и имаше околу 120 изведувачи на 5 различни сцени. Ние ја имавме честа да го отвориме фестивалот кој е поддржан од владата на Грузија, која очигледно се грижи за квалитетот на животот на своите граѓани преку реализирање на ваков тип на фестивал кој според рангот на учесниците слободно можам да го карактеризирам како светски“, вели Џијан Емин.
Тој додава дека на првото издание фестивалот понудил неверојатно квалитетен избор на електронски музичари и диџеи. Оркестарот со којшто настапи Емин e составен од музичари од Националниот симфониски оркестар на Грузија и од оркестарот на Националната опера.
„ Тоа што ми остави најголем впечаток е дека имаат многу млади и способни луѓе на многу битни позиции кои успеваат да ја движат земјата напред. Секако, има остатоци од животот во советската ера, но брзината со која се развиваат е за восхит“, додаде Џијан.
На 13 септември, тој ќе настапи во Белград на концерт на отворено, заедно со Македонската филхармонија и африканската ѕвезда Феми Кути, концерт кој премиерно се одржа во Скопје во Градскиот парк на настанот „Филхармонија на отворено“.