Една од позначајните богослужби која се служи во текот на Велигденскиот пост е и „Акатистот“
Парохиските свештеници во матичната црква Св. Архангел Михаил ", во населбата Автокоманда, со особено задоволство ве покануваат да бидете присутни во храмот за време на Велигденскиот пост кога се богослужат повеќе богослужби во текот на овој период.
Апелираат до сите барем за време на постот да ги заборавиме сите земни грижи, сите недоразбирања, се она што не одалечува од Бога, од евангелската наука и побожниот живот. Една од бозначајните богослужби која се служи во текот на Велигденскиот пост е и Акатистот.
ШТО Е АКАТИСТ?
Акатистот е пофална химна што се пее или чита „стоејќи“, од каде што и потекнува името „Акатист“- несједален, бидејќи во време на неговото читање или пеење не е допуштено да се седи (освен во случај на болест или немоќ).
Оваа служба, според типикот на Православната Црква, е посветена на Мајката Божја и се носат подготвени пет леба во храмот, за здравје и благослов на своите најблиски.
Се служи во петоците од петте недели на Велигденскиот пост со почеток од 17 часот.
ЗОШТО ПРИНЕСУВАМЕ ПЕТОЛЕБИЕ?
Лебот е најдрагоцен дар на олтарот. Со нив треба да се приложи и лист со испишани имиња на живите членови на фамилијата за да ги спомне свештеникот на Богослужбата. Лебот не е скап артикал, но е од непроценлива вредност штом ќе стигне до светиот олтар. Нема поголема чест ниту привилегија за домаќинката со своите раце да замеси пет лепчиња, кои на Светата богослужба ќе се осветат и благословат.
Само на Црковното членство му припаѓа тоа право да ги подготви и да ги принесе. Затоа наша света должност е верните да ги учиме, советуваме и подготвуваме како да ги подготват и да ги принесат како дар на Светиот олтар. Црковното членство не смее да го изгуби чувството и обврската да дарува петолебие во својата црква.
Верните не треба да се пасивни набљудувачи, туку треба активно да учевствуваат и да се молат во нив.
СВ. НИКОДИМ СВЕТОГОРЕЦ
Св. Никодим Светогорец вели: Сите христијани, од двата пола, треба да принесуваат неделно дар, кој се состои од леб и вино, за да добијат опростување на гревовите преку жртвата на светата литургија. И со особена внимателност,не само да, ги даруваат овие дарови, туку и грижливо да ги припремаат, и тоа од најдобар и најчист материјал.
Денеска кога живееме во овој современ свет, свет полн со лаги, озборувања, блудства, прељуби, кражби, страв од брак и слично. Каде и да тргнеме, каде и да зачекориме, не сме сигурни дали ќе стигнеме на саканото место. Окупирани сме со разноразни машини и луѓе и самозадоволно се препуштаме на силите на тие машини и во овој нивни виртуелен свет. Ни за една голтка вода не сме сигурни дали е чиста, или пак дали е вода. Денес ние обземени од стравови, во луѓето губиме доверба.
Епа драги мои, во вакво време на кого да се потпреме, ако не на нашиот Господ Исус Христос и на неговата Света и Пречиста Мајка.
Затоа повикуваме кон вас. Многупати кога ќе се разболиме одиме на лекар и бараме помош, а во душата своја со трепет ја молиме Мајката Божја за спас, да не заштити од сите тегоби на ова време.
ПЕТОЛЕБИЕ
Овој дар за благодарност ( Петолебие ) треба да го принесуваат оние што се невенчани, оние што се спасиле од некаква несреќа во животот, бездетни семејства и сите оние кои веруваат и се молат за помош од Пресветата Дева Марија. Нашиот дар искажан преку лебот, може да биде скромен, но нека биде чист, од чисто срце и правоверна душа.
Да го послушаме гласот на пораката на нашата света Црква, да ја сочуваме и нејзината чистота и светост и да бидеме вистински нејзини чеда, поклоници и дарители. Преку овие поуки, совети и укажувања што ги изнесовме, веруваме дека ќе бидеме корисни за оние кои ни се обраќаат честопати со овие прашања.
Нека овие великопосни денови ни бидат спасоносни и за нашите души и тела. Нека постот го поминеме со молитвен и набожен живот правејќи добри дела и Светото Христово Воскресение да го пречекаме како вистински чеда Божји. Пресвета Владичице наша Богородице штити не, и закрилувај не и понатаму со Твојот моќен покров. Ослободи не од секаква беда и немоќ за велегласно да ти запееме
Радувај се Невесто Неневеснаја Амин !
С.А.Н