„Едно општество еднакво за сите“ - одблиску со режисерот на првата професионална претстава на знаковен јазик, Јован Ристовски
„Мене ми беше фасцинантно што глувонеми деца беа фасцинирани од музички настан, од музички фестивал, на кој работев пред 10 години. На истиот крајниот монолог беше преведуван на знаковен јазик. Така дојдов до идејата од нивната фасцинираност од еден настан кој не го слушаат, да им направам претстава на нивниот знаковен јазик.“ - вака го започнува интервјуто со нас режисерот Јован Ристовски, кој овој петок, на 29 ти октомври, ја поставува на сцена првата професионална претстава на знаковен јазик. Се работи за една доста интересна претстава и тоа детска приказна насловена „Три“, во која за прв пат професионални актери ќе го користат знаковниот јазик на сцена. Претставата е дел од АТО, центар за современа уметност и култура.
Неодамна неговата претстава „Луди за љубов“, на Народниот театар-Битола, го доби признанието за најдобра претстава на годинешното петто издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ кој се одржува во Гостивар. Премиерата на оваа претстава беше на затворањето на 22. издание на Фестивалот на монодрама, што го организира НУ Центар за култура-Битола, кога беше изведена во чест на наградените.
*Идејата за претставата на знаковен јазик се роди пред 10 години. Кажете ни нешто повеќе за истата.
Ј.Р.- Особено сум среќен и горд што ја правам првата професионална претстава на знаковен јазик.
Идејата потекна кога бев режисер и креативен директор на детскиот фестивал Тра ла ла, режирав тема за космосот, со цел освен гостите кои ќе ги слушнат песните, да пратам порака до детската публика дека ние сме поврзани еден со друг, односно дека сите хемиски елементи кои ги има во човечкото тело ги има на планетата, но исто така и во космосот. Во тој креативен процес дојдов до идеја дека сакам да направам инклузија на повеќе учесници на фестивалот. Поканив деца од заводот за глувонеми и наглуви деца Кочо Рацин од Битола. На крајниот монолог на фестивалот кој се емитуваше вокално на плејбек, во преносот кој одеше во живо на Македонската телевизија, поканив ученичка со чија помош на знаковен јазик се преведуваше конкретниот монолог.
*Децата од заводот Кочо Рацин биле фасцинирани...
Ј.Р.- Точно така. Децата доживеаја една сценска сензација на сетилата. Мене ми беше фасцинантно што глувонеми деца беа фасцинирани од музички настан, од музички фестивал. Така дојдов до идејата што тие беа фасцинирани од еден настан кој не го слушаат, да им направам претстава на нивниот знаковен јазик. Еве после 10 години таа идеја ја реализирав .
*За кого е наменета оваа претстава?
Ј.Р.-Претставата е за пошироката публика и за децата кои се глуви и наглуви. Користиме и знаковен јазик исто така еден од главните ликови Звонко Бонбонко кој го игра актерот Никола Пројчевски, е дете кое нема проблеми со слухот, сретнува три самовили кои ги играат актерките Маја Андоновска Илијевски, Сандра Грибовска, Анастазија Христовска, кои се всушност глуви самовили, кои го користат знаковниот јазик но исто така и зборуваат во исто време.
*Каков беше процесот на работа?
Ј.Р.- За време на пробите и јас научив дека има гестикулативен знаковен јазик и дактилографски. Во нашата претстава користиме гестикулативен јазик за да може и актерите полесно да влезат во актерската игра, полесно да тече дејството, а да може и пошироката публика да разбере.
*Претставата е дел од АТО, центар за современа уметност и култура.
Што стои позади ова име?
Ј.Р.- Имавме поддршка од Министерството за култура за дел од финансирањето на претставата . Отпосле дознав дека Министерството вакви независни проекти ги кофинансира, не ги финансира комплетно.Од тие причини со голема поддршка морална на екипата на оваа претстава, ја создадов асоцијацијата АТО. Името е всушност грешка во превод, односно сленг во јапонскиот јазик, за уметност. И токму ова име ми звучеше најпривлечно затоа што и асоцијацијата е создадена сосема случајно .
*Која е целта на АТО и какви проекти ќе продуцира?
Ј.Р.- Идејата ми е секое годишно време да имам поспецифичен настан.
Ова е првиот проект а ќе следуваат други. Им ветувам на битолчани и на пошироката публика дека ќе продуцираме новитети, се што се подразбира под современа уметност, ново или визионерско разбирање на едно општество какво би требало да биде, визионерска перцепција како нештото да го направиме подобро, како и идеи што би требало новите генерации да креират во еден правец на развивање на едно подобро утре и подобро општество. Отворени сме за соработка со сите. Морам да напоменам дека 80 проценти од овој проект е финансиран од ГИЗ односно германската интернационална агенција и сум благодарен што ја препознаа оваа идеја и ни ја дадоа потребната поддршка.
*Дали мислите дека ваков вид на претстави да бидат на редовен репертоар?
Ј.Р.- Се надевам дека оваа иницијатива ќе биде поддржана во иднина од Министерството за култура и театрите во нашата држава, за да има по една професионална претстава на знаковен јазик на репертоар.
Идејата што ја правам во Битола е посебна бидејќи сите глувонеми деца од Македонија, претшколска и школска возраст доаѓаат во Битола, живеат во интернатот, тука се едуцираат. Од таму е уште позначајно Битола да има ваква претстава на редовен репертоар.Од друга страна средното училиште за глуви и наглуви деца се наоѓа во Скопје, па од таму и потребата и во скопските театри да има ваква претстава на редовен репертоар.Не зборувам дека во претставата треба да има преведувач на репликите, туку дека самите актери во еден посебен процес што ние го поминувавме овојпат заедно со нашиот тутор Сузана, треба да го изведуваат тој знаковен јазик.
Костимографијата е на Марта Дојчиновска, шминката на Симона Ристевска. Толкувач на знаковен јазик е Сузана Станоевска.
Премиерата на претставата ќе биде на 29 ти октомври во Центарот за култура од 18 часот, а репризите на 6,7,13 ноември во 12.00ч.
Неда Маретиќ