Ексклузивно со Лепа Брена: Најголемиот успех во животот е да имаш семејство, кариера и да останеш чист, нормален во срце и глава

Добивај вести на Viber

По нејзиното име се крстени неколку згради на Балканот... По нејзиниот лик и тело е направена и кукла барбика. Имаше концерти пред публика од 100.000, ги урна сите можни рекорди на музички план, а има кариера со која многу малку светски ѕвезди можат да се пофалат. 

Спојуваше народи со своите песни, беше заштитен знак на екс Југославија, ненадминлива и тогаш, а и денес. Лани прослави 40 години од својата професионална работа, а активна е како никогаш досега. И да, изгледа неверојатно и на 61 година! Долги нозе, тенок струк, извајана фигура...

Што и да се каже за Лепа Брена ќе биде навистина малку. Жената за која времето застанало, сè уште е во зенитот на славата (ова „сè уште“ трае 40 години), а генерациите растеа и растат со неа и она што го создава. Жена која во буквална смисла е ненадминлива дива, ретка и во планетарни рамки. Своевиден феномен. 

Женски магазин ја имаше ексклузивната чест да биде домаќин на ова интервју со Брена, која без проблем прифати и ѝ беше многу драго што дава свое видување на одредени нешта за македонски медиум. Како и во многуте нејзини интервјуа, така и во ова е скромна, ненадмена, приземна и поентира во одговорите.

- Ви благодарам за интервјуто! Многу ја сакам Македонија и Македонците, патував по и низ вашата земја. имав толку прекрасни концерти во периодот од 82- 90 година. После тоа имавме концерти малку поретко, но сите тие изведби беа толку емотивни, прекрасни. Го сакам македонскиот народ. Друштвен е, сака песна, игра, музика и што е најважно за мене е топол и добар во душа. Во Македонија секогаш добро се јаде. Бидејќи не сум толку голем љубител на месо, сакам јадења направени од модар патлиџан- ни рече дивата на почетокот.

* Што е тоа што Ве одржува сите овие години? Која е таа силна Брена што руши и поместува граници?

- Пеењето е моја пасија, моја страст и љубов. Публиката ми дава сила, волја и енергија. Кога ќе го видам сите тие среќни, весели и насмеани лица како пеат заедно со мене, не можам да престанам. Гледам нови генерации, но и оние со кои се дружев на почетокот на кариерата. Нивните изрази, енергија, задоволство... тоа ми дава сила и желба да продолжам да работам, творам, пеам.

* Кој е Вашиот најголем успех во кариерата и воопшто во животот?

- Најголемиот успех во животот е да имаш семејство и кариера и да останеш чист, нормален во срце и глава. Многу е важно да се има дом каде што има љубов, радост, поддршка и разбирање. Семејството е всушност пандан на вашата кариера. Кариерата може да биде успешна само кога имате добро, здраво семејство од кое можете да ја црпите силата и енергија.

Инаку, Лепа Брена е во долгогодишен брак со поранешниот тениски ас Бобан Живојиновиќ, со кој ги има синовите Стефан и Виктор. Интересно е тоа што низ целата нејзина кариера, таа нема големи скандали зад неа. Да, животот ѝ зададе неколку удари (како киднапирањето на синот за чие враќање плати многу пари) меѓутоа, нема нешто што би било „полн погодок“ за жолтиот печат. 

* Да се биде на врвот толку години, без да имате скандали од поголеми размери ... Па како е тоа можно, знаејќи го менталитетот на Балканот?

- Сè започнува од тоа во какво семејство сте израснале, каква средина сте избрале и како живеете. Ако вашето семејство живеело нормален живот, тогаш тоа е рецепт како и вие да го живеете својот живот. Водете сметка да се држите што понастрана од лоши луѓе, глупости, скандали, да размислувате што зборувате, да водите сметка за она што го правите. Денеска сè остава трага, тоа е особено битно и за оние кои ве сакаат и следат.

А, дивата остави длабока трага со своите песни. Платинести, златни тиражи, најдобро продавани албуми, многу награди, многу концерти... Брена ретко кажува која песна од стотиците нејзини ѝ е омилена, ама ја имавме среќата да ни каже...

- Има три песни кои целосно го опишуваат мојот лик. Едната е „Ја немам други дом“, другата е „Нежна жена“, а третата е „Ајде да се волимо“. Песната „Ја немам други дом“ испраќа љубовна порака до сите оние кои беа со мене сите овие години, кои ме сакаат и приватно и професионално. „Нежна жена“ апсолутно опишува дел од мојот лик. И третата е порака која едноставно вика „Ајде да се волимо“ (Ајде да се сакаме).

Заштитен знак на Брена се долгите нозе. Висока е 180 сантиметри, а замислете кога ќе се качи на високи потпетици. Уште на почетокот од нејзината кариера носеше мини- здолништа, беше своевидна трендсетерка на овие простори, она што го носеше следниот ден веќе беше распродадено или копирано. Низ годините не се промени многу. Остана скоро иста! Убава, атрактивна, сценски ненадминлива, а и денес сето тоа како да не избледело. Изгледа фантастично, иако ја ситни седмата деценија. Во една прилика, американската пејачка Шер рече дека „Кога имате над 40 години, не очекувајте вашите гени, владата или било кој да му помогне на вашето тело“... Па, кој е  рецептот за извајаното тело на Лепа Брена?

- Мислам дека рецептот за добар изглед е многу едноставен, а тоа е да се биде апсолутно умерен во исхраната, потоа изберете да тренирате нешто. Без разлика дали се работи за трчање, пливање, теретана, јога, пилатес... важно е да го прилагодите вашето тело на вашата возраст и вашите способности. Не треба во ништо да се претерува, тогаш телото страда и ако малку паузирате сето тоа дава лоши резултати. Умереноста во сè е добар модус и најголема тајна. Потоа, важна е негата. Како што за секое растение е важна грижата, наводнување, супстрати... така и вашето тело, коса, нокти, лице, кожа мора да се негуваат со средства препорачани од вашиот лекар или специјалист. 

Јас сето ова го правам умерено, се грижам да сум негувана, но пред сè одморена, наспана, свежа, да си легнувам на време и да имам таканаречен „бјути слип“.

* Вие не криете дека обожавате да патувате! Која дестинација Ви е онака при срце и зошто?

- Навистина, јас и мојот сопруг и децата сме големи љубители на патувањата и сакаме да патуваме. Моите омилени три дестинации се Белград, Монте Карло и Мајами. Сепак, сакам да патувам низ целиот свет. Патувањето ги проширува видиците, учиме нешта од различни култури, начини на живот, обичаи, различни закони, ставови кон природата и луѓето. Најубавото место на кое сум била досега е островот Бора Бора. Едно навистина фантастично сеќавање. Сепак, многу ја сакам Европа: Италија, Швајцарија, Англија, Скандинавија... всушност, секоја земја без разлика колку е различна подарува нешто ново, секогаш носам прекрасни спомени и не знам зошто... каде и да сум била, го сакам тој спомен и со задоволство се сеќавам на тоа искуство.

На музички план, дивата засега не подоготвува ништо ново. Ужива во она што го нуди секој ден, се дружи со пријателите, гостува, има концерти насекаде, не запира! Едноставно, публиката ја сака и сака да ја слуша и види, а таа е најсреќна кога ќе запее...

- Мислам дека сè што беше направено за време на оваа големата пандемија не беше особено успешно, чекаме да завршат политичките и воените турбуленции, па да се свртиме кон малку музика и песни. ТОА Е ЕДИНСТВЕНИОТ ЛЕК ЗА НАШИТЕ ДУШИ!


Небојша Толески


Фото: Инстаграм