ЕЛЕКТРО-АКУСТИЧЕН КОНЦЕРТ СО МУЗИКА ОД ЏИЈАН ЕМИН ВО ФИЛХАРМОНИЈА
На 12 април од 20 часот, во Македонската филхармонија ќе се одржи електро-акустичен концерт со авторска музика на композиторот Џијан Емин, кој ќе биде и диригент. Концертот е во соработка со Здружение на џез-музичари на Македонија. За Женски магазин, Џијан раскажа за неговата идеа да ги спои електричната и акустичната музика.
„На концертот ќе биде изведена нова музика која ќе ја изведат околу 40 музичари, членови на Македонската филхармонија и еден дел кој ќе биде составен од најактивните џез музичари во Македонија. Како што самиот наслов електро-акустичен концерт дава одредено објаснување и одредена очекувана естетика која можеби веќе создава одредена музичка слика кај слушателите, кај мене уште повеќе се јавува простор за послободно музичко изразување и желба за музика која се создава во самиот момент на случувањето, користејќи ја моќта на организираната импровизација. Секако за терминот електронски да биде оправдан, ќе се користат благодатите на модерната технологија, но овој пат на неконвенционален начин со директно аплицирање на оркестарските подгрупи и солистите со чиј процес ќе добиеме нови звучни слики и текстури“, ни изјави Џијан Емин.
За него, секогаш е предизвик да се работи нешто ново, и се надева дека ќе има инспирација и простор за уште вакви слични концерти. „Публиката не знае што да очекува и со своето присуство и неизвесност во комбинација со музичарите и музиката, создаваат силен енергетски набој кој може да биде позитивен или негативен, постигнат со намера или пак предизвикан од чиста енергија. Во кој било случај чувството е фантастично. Драго ми е што успеавме да најдеме време за оваа идеја да почне да се развива и проширува, која секако нема да заврши со овој концерт туку сметам дека ќе донесе нови прашања и нова енергија која се надевам ќе го најде вистинскиот пат до слушателите.“, додаде Џијан.
Вистински хит-концерт за публиката беше „Murder Ballads“ (Убиствени балади) кој се одржа во Филхармонија по повод Денот на вљубените. Нови, оркестарски аранжмани на безвременските теми на Леонард Коен, Ник Кејв, Том Јорк, Бјорк, Ненси Синатра, Џони Кеш направи токму Џијан Еми, кој беше диригент и на тој концерт.