ЕЛЕНА РИСТЕСКА ОСТАНУВА НАЈУСПЕШНИОТ МАКЕДОНСКИ ЕВРОВИЗИСКИ ПРЕТСТАВНИК
Откако „Ај кју“ сношти не се пласираа во финалето на „Евросонг“ во Лисабон, ова е шеста година како што Македонија не обезбедува виза за финалната фестивалска вечер. Елена Ристеска се уште е најдобриот македонски евровизиски претставник според пласманот. Во Атина, во 2006 година, таа со песната „Нинанајна“ го освои 12 место. Во полуфиналето, Елена беше на десеттото место.
Елена во Грција, освен по хитовскиот рефрен од Дарко Димитров и Раде Врчаковски беше впечатлива и по имиџот, црвениот корсет и ултра кусите тексас пантолони.
Елена Ристеска во Атина, во 2006 година, со песната „Нинанајна“ го освои 12 место
Калиопи во 2012 година, со „Црно и бело“ со музика и аранжман на Ромео Грил и нејзин текст, во Баку, Азерјбејџан, го освои 13 место. Песната на Калиопи и денес е домашен и регионален хит, а остана запаметена и кај евровизиските фанови и низ Европа. Во полуфиналето, Калиопи беше деветта. По тој настап, Македонија веќе нема влезено во евровизиското финале.
Каролина Гочева, од второто нејзино претставување на „Евросонг“, во Хелсинки, Финска во 2007, си замина со 14 место. Автори на песната „Мојот свет“ се Григор Коров и Огнен Неделковски. Каролина, според евровизиските фанови и медиумите беше една од најдобро облечените на тој „Евросонг“. На полуфиналето, таа го освои деветтото место.
Каролина ја испеа „Мојот свет“ во Хелсинки во 2007 година
И Тоше Проески со песната „Life" во Истанбул, Турција, во 2004 година го освои 14. место. Таа година, МРТВ го избра Тоше за претставник на „Евросонг“ , а „Ангел си ти“, која подоцна беше преведена во „Life“, победи во конкуренција од девет песни од различни автори кои ги напишаа специјално за Тоше. Дел од колегите на Тоше негативно реагираа на одлуката на МРТВ тој да биде македонскиот евровизиски претставник. Автори на победничката песна се Јован Јованов и Илија Николовски. Тоше во полуфиналето беше десетти.
Мартин Вучиќ, една година по Тоше, во 2005 во Киев, Украина го освои 17. место во финалето, а деветтото во полуфиналето. Песната "Make My Day" ја напишаа Драган Вучиќ и Бранка Костиќ. Мартин за настап на евровизиската сцена беше избран на музички „двобој“, во кој на шоу во Универзалната сала се натпреваруваше со Александра Пилева.
Необичниот дует на Есма и Лозано на Евросонг во 2013 година
Полуфиналето на „Евросонг“ е воведено во 2004 година. Македонија учествува од 1998 година. Мразот на евровизиската сцена го скрши Владо Јаневски со песната „Не зори зоро“ во Бирмингем, песна од Григор Копров на негов текст. Во 2000 година имавме хитовски рефрен и симпатичната женска четворка, „ХХЛ“ со „Сто посто те љубам“. Песната од Драган Каранфиловски- Бојс, Орце Зафировски и Владо Јаневски, во Стокхолм не ни обезбеди виза за учество следната година. Каролина Гочева за прв пат беше на “Евросонг“ во 2002 во Талин, Естонија со песната „Од нас зависи“ од Никола Перевски и Владимир Крстевски-Франц. Впечатлива остана по квалитетот на песната, драматичниот настап и златниот корсет.
Мартин Вучиќ успеа да обезеди пласман во финале во Киев во 2005 година
Останатите наши претставници кои не влегоа во финале се: Тамара, Врчак и Адриан со "Let Me Love You" (автор е Раде Врчаковски) ,во Белград во 2008 година. Потоа, дуото „Нескт тајм“ во Москва со „Нешто што ќе остане“, заминаа следната 2009 година. Автори на оваа песна се Јован Јованов и Дамјан Лазаров. Ѓоко Танески ја покажа силата, но влезе во финале со „Јас ја имам силата“, песната од Кристијан Габровски, во Осло во 2010 година. Влатко Илиевски пееше за „Русинка“ во 2011 во Диселдорф од авторскиот тим: Григор Копров, Владимир Дојчиновски- Дојчин и Марко Маринковиќ- Слаткар. Во 2013 година, во Малме го испративме дуетот Есма и Лозано со песната „Пред да се раздени“, која беше сменета откако првоизбраната „Империја“, доби лоши критики.Симеон Атанасов,Дарко Димитров,Лазар Цветковски, Магдалена Цветковска се автори на „Пред да се раздени“. Тијана Дапчевиќ , исто така со песната од Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, но со Елена Ристеска во авторскиот тим, беше на „Евросонг“ во Копенхаген во 2014 година со песната "To The Sky". Даниел Кајмакоски пееше во градот во кој израснал, Виена во 2015 година. Песната„ Autumn Leaves“, тој ја напиша заедно со Јоаким Персон и со Роберт Бибилов. Калиопи за втор пат отптаува на „Евросонг“ во Стокхолм во 2016 со песната „Дона“ од Ромео Грил. Лани, младата Јана Бурчевска во Киев, исто така не успеа да влезе во финалето со песната „Dance Alone“од мешан интернационален авторски тим. Јана токму пред нејзиниот настап објави дека е бремена, а нејзиниот сегашен сопруг, гитаристот Александар Филиповски ја побара за жена на паузата, за време на гласањето, пред милионски аудиториум. Јана и Александар сега се родители на седуммесечната Дона. Бурческа вели дека е убава случајност што ќерката им се вика исто како песната на Калиопи.
Милица Џаровска