ЕЛЕНА ВЕЛЕВСКА: Често пеам на прослави, па седнав и напишав песна

Добивај вести на Viber

И самата сум мајка на три деца, па воопшто немав проблем со инспирација, вели познатата пејачка за нејзиниот нов наменски рефрен „Крштевка“

„Крштевка“ е новата композиција на Елена Велевска. Освен како изведувач, таа овојпат е потпишана и како автор, а станува збор за наменски рефрен кој, како што вели, недостасувал во нејзиниот репертоар.

- По песните „Куме заиграј“ и „Невеста“ моите фанови често знаеја да ми кажат дека уште ваква песна ми фали. Често пеам на крштевки, па седнав и напишав текст. И самата сум мајка на три деца, па воопшто немав проблем со инспирација. Музиката и аранжманот се на Дејан Момировски. Задоволна сум од комплетниот производ, наскоро ќе снимам и видеозапис - открива Велевска.

Познатата пејачка работи на уште една композиција, патриотска тема која како и „Крштевка“ ќе се најде на нејзиниот нов албум. Откако потпиша договор со бугарската издавачка куќа „Пајнер“, редовно гостува во соседната земја и вели дека луѓето од тамошната естрада ја прифаќаат без предрасуди.

- Музиката отсекогаш ги рушела јазичните бариери и таа е тука да нѐ сплоти сите на Балканот – неодамна ни изјави таа.

Велевска која често нагласува дека визуелниот имиџ е од големо значење за нејзината професија, вчера на социјалните мрежи со фановите сподели уште една провокативна фотосесија.

- Отсекогаш ме фасцинирале само професионалци, сѐ додека од себе не направив голем професионалец каков што гледате денес. Им благодарам на оние кои секогаш се со мене во работата, на мојата публика која верно ме бодри сите овие години - напиша таа под фотографиите.

Ѓ.С.