Ели Апостоловска ќе скока по Светиот крст за Водици во Велес: Не можам да опишам колку убаво се чувствувам после тој чин

Добивај вести на Viber

Ели Апостоловска од Велес е храбра девојка која оваа година ќе се скока по Светиот крст за Водици. Таа досега три пати се пријавувала, а два пати била учесник во положувањето на Светиот крст.

Досега не и се посреќило да го фати крстот, но со силна верба во Бога верува дека оваа година ќе има среќа.

Инаку Ели по професија е војник, вработена во Армијата, но и девојка која два пати учествуваше во Илинденскиот марш од Скопје, како единствена жена.

Празникот Богојавление, за неа е голем празник и секоја година го дочекува со радост.

„Верувам дека е така не само за мене туку и за сите христијани. Тоа е празник којшто го означува Христовото крштевање и секој кој влегува во осветените води на тој ден, се доближува до Бога“, вели Ели.

ЖМ: Минатата година беше една од ретките девојки кои скокаа по светиот крстот. Во Велес беше единствена. На какви коментари наиде?

- Досега три пати се пријавив за фрлање по крстот од кои два пати се фрлав, во 2020 и 2023 година, како за првото така и за ланското фрлање по крстот добив позитивни коментари и голема поддршка од моите најблиски, од другари/ки, познаници. Но и индиректно добивав и негативни мислења и коментари на дел од портали кои имаа за мене објавено, „зошто девојка да се фрла“, „не е во ред, не и доликува“ и слично, но не дозволувам ништо негативно на мене да влијае и продолжувам во иднина да си ги почитувам нашите традиции.

ЖМ: Обично се вели дека жени не скокаат по крстот, меѓутоа таквата теорија не е заснована на христијанските верувања. Ти си личен пример дека и жените може да учествуваат во традиционалното фрлање на Светиот крст, што мислиш за ова?

- Мислам дека од сите гледишта треба да бидеме рамноправни со мажите иако да тие се посилни од нас жените, но секој има право да одлучи во што ќе учествува и покрај тоа никому не наштетува. Јас не можам да опишам колку преубаво се чувствувам после тој чин кој ќе го извршувам и ги охрабрувам и останатите жени во иднина да ги следат моите стапки, затоа што и ние жените можеме.

ЖМ: И оваа година ќе бидеш дел од традицијата. Имаш ли посебна подготовка којашто ја правиш со оглед на тоа дека ќе се соочиш со ладна вода?

- Немам никаква посебна подготовка, освен што на сите учесници им прават медицински прегледи стручни медицински лица, но пред сè одам со верба во Бога и му се помолувам.

ЖМ: Каква е традицијата во Велес. Што се прави на прави на овој ден?

-На овој ден сите учесници се собираат во црква, ни извршуваат медицински преглед како што напомнав и претходно, ни делат маички и се упатуваме кон местото каде што се фрла крстот и чекаме додека не дојде време за фрлање во светите води.

ЖМ: Нескротлива си по дух. Пред две години беше и единствената девојка која беше дел од Илинденскиот марш, имаш ли следен предизвик на ум?

- По природа сум борбена и имам преголемо срце и би помогнала на секого на кого му е потребна помош (колку што би можела), сакам предизвици во рамките на моите можности и способности и освен што два пати учествував за Илинденскиот марш, два пати се фрлав по крстот исто така во септември 2023 учествував во извидничката SCOUT регата организирана од Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ по течението на реката Вардар. Остануваат и следни предизвици за во иднина, тука не застанува исполнувањето на моите желби и замисли, a и би била пресреќна кога би добила поддршка од народот затоа што многу ќе ми значи.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива