Елизабета Хаџи-Стојанова во Македонија доживеа слава и успех, замина во Америка почна од нула, создаде дом и успешен бизнис
Храброста е една од особините на карактерот, кои ги одвојува оние кои се подготвени на се од оние кои не можат лесно да се решат на ризичен чекор. Храбрите луѓе сметаат дека оваа особина е многу важна, бидејќи не кочи во ситуации кога најмногу е потребно да се донесе одлука која би можела да ни го промени животот, дури и кога не сме сигурни во исходот.
Оваа карактерна црта е една од најдоминатаните кај Елизабета Хаџи-Стојанова. И по 20 години кога ќе ги видите нејзините фотографии, постарите генерации ќе го препознаат ликот од тв екраните - убавата,елоквентна водителка Бети од „Пулсирања“, „Ни на небо ни на земја“, „Розови очила“ и многу други кои се емитуваа на македонската телевизија. Во периодот кога беше успешна, популарна и реализирана жена, замина во Америка и почна од нула. Живее во Нејплс, Флорида, мајка е на Ивана и Марија и баба на внуците Диона и Димитриј.
Во Америка го промени и своето име и презиме во Елизабет Јанис.
- Изведено е од Изводот на Родени на мојот татко,кој е роден во Грција и се води како Јанис Хази Стојанис Кога го земав моето Американско државјанство во 2016 година имав опција да направам промена на моето име и презиме што ја искористив. Се покажа дека Американците имаа потешкотија со спелувањето, изговарањето и должината на моето име и презиме.
Од таа причина одлучив да ја направам оваа промена, што се покажа многу практична, а во исто време и многу емотивно важна за мене одлука со што го задржав идентитетот од мојот татко, моето семејно стебло – вели Елизабета на почеткот од нашиот разговор.
ЖМ:Пред повеќе од две децении ги спакувавте куферите и тргнавте по подобар живот во Америка. Дали од оваа временска дистанца, тоа беше најдобра одлука во животот?
- Во 2003 година како преставник на МРТВ, со нашиот познат режисер Душко Ѓеорѓиевски и камерман, бев испратена на Флорида да снимиме неколку емисии за нашите успешни македонски бизнисмени, македонските црковни заедници и занашиот познат патриот Георгија Атанасоски кој беше и наш генерален спонзор. Во 2007веќе како Директор на неделникот „Македонско Сонце“ имав уште еден работен ангажман во Порто Рико и САД. Како претставник на неделникот бев герален спонзор на македонската ветеранска кошаркарска екипа во светското првенство во Порто Рико. Оваа патување всушност беше и пресудно за одлуката да се преселиме во САД, што од сегашна перспектива се покажа како добра.
ЖМ: Американците секогаш сонуваат големи соништа и не им е проблем да успеат. Воспитани се и научени да паѓаат и да стануваат и да одат понатаму. Ова често го слушаме или читаме за луѓето што живеат таму. Како вие би ги опишале? Беше ли тешко да се привикнете на нивниот менталитет?
-Факт е дека Американците имаат изградено различен ментален сет соодветен на нивната култура, систем и потреби. Да, на нивниот пат кон остварување на целите и задачите тие поразлично функционираат од нас и треба време да осознаеш и да се прилагодиш. Со оглед на тоа дека системот им овозможува осамостојување од мали нозе и дека имаат повеќе можности за избор, не се врзуваат со една работа или исто место на живеење. Полесни се и подостапни се условите за успех до колку сакаш да работиш и создаваш. Имаат систем кој совршено функционира, стандарди на вреднување и "казнување" кои стимулираат, вреднуваат или одземаат. Во секој домен од системот има функционалност, транспарентност и коректност што му овозможува на еден легален емигрант кој доаѓа од поразличен, би рекла понеуспешен модел лесно и успешно да се адаптира, што беше случај и со мене и моето семејство. Единствено што сеуште најмногу ми недостига се моите сакани луѓе таму.
ЖМ:Кој беше вашиот сон, за што мечтаевте кога стигнавте во Нејплс, Флорида? Што од тоа ви се оствари?
-На наша голема среќа ние од самиот почеток се одомивме во Нејплс, Флорида град кој е еден од попознатите по својата убавина, софистицираност и број на богати и познати жители од Америка. Град кој се наоѓа на мексичкиот залив и каде што 12 месеци е лето.Почетокот за мене не беше лесен од причина што дојдов од позиција на остварена и успешна личност на секој план во Македонија, а сега тука требаше да почнам од почеток.
Ми требаше време на прилагодување, истражување и адаптирање во што успеав и створив убав дом, успешнен бизнис и преубав социјален живот.
Затоа ќе кажам независно од тоа каков и да е предизвикот до колку ги имаме изградено вистинските вредности тие секогаш и секаде ќе бидат препознаени и вреднети, што е многу често случај со луѓето од нашите краеви.
ЖМ:Кога би се свртеле назад во минатото, кој период од животот посакувате да го ставите во фолдерите „тежок период“ и “најсреќни мигови“?
- Ах, колку емотивно прашање. За жал во мојот фолдер на "тежок период" единствено ќе ги ставам тешките и болни периоди од губитоците на луѓето што ги сакав најмногу во животот. Го загубив моето машко бебе кое почина само после два дена од раѓањето.Мајка ми која замина многу млада, татко ми кој за време на ковидот почина во Жан Митрев болницата, на денот кога требаше да полета овде на Флорида. Тоа се моите најтешки периоди за кои со тешка болка се соочувам и ден денес. Најсреќни мигови, да ги има многу. Но, најсвежи и најинтензивни се среќните лица на моите внуци, Диона и Димитриј. Диона со само 17 годинки е една прекрасна и изградена личност која завршува со највисок успех средно училиште, а во исто време,студира, работи, вози автомобил и поседува највисоки етички и морални вредности.Димитриј, моето 13 годишно момче кое расте во висина на дневна база, одличен ученик, вреден спортист кој секој сон го претвара во реалност и ги учи со светлосна брзина важните вредности на животот. Моите деца и внуци се смисолот на мојот живот.
ЖМ:. Кога ќе се погледнат вашите фотографии се добива впечаток дека не стареете, веднаш може да се препознае Бети водителката со руса коса и нежен тен. На што се должи тоа, гените, нега или на фактот среќна жена?
-Благодарам на убавите зборови.За мене убавината треба да дојде од внатре, да биде рефлекс на внатрешното, на енергијата што ја носиме и зрачиме.
Од млади години тргнав во потрага на духовноста, барав одговори на многу прашања кои ќе ме научат како да се надградам и поуспешам и како да го избалансирам духот и телото. Појдовна на тој пат беше Силва методата, Курсот на Космичка Енергија и медитација. Посетував Трансакциона анализа преку која работев и на себе.Кога ќе тргнете на тој пат не се застанува, нашиот Господ Бог, нашиот универзален креатор е секогаш тука за нас и само треба да го следиме и препознаваме. На тој светол пат мој Гуру беше мојот Татко, за што сум му неизмерно благодарна.,Тој беше мојот светол модел кој ме научи како да го најдам мирот и хармонијата во душата и како да останам мирна и спокојна и пред најтешките предизбици. Така што, можеби токму тие негови гени ми овозможија преку внатрешноста да ја прозрачам и надворешноста.Надворешната убавина е менлива,но убавината во душата останува и е препознатлива. Се радувам што сеуште ја имам мојата млада енергија и сум им "бест френд" на моите внуци кои ме прават да се чувствувам млада и среќна. Патуваме заедно, се дружиме често и имаме луди незаборавни моменти.
ЖМ: По образование сте психололог, колку таа професија е ценета во Америка? Каде работите?
- Да, по професија сум допломиран психолог, што ми помогна многу во градењето на мојата кариера овде во Америка. Се покажа дека нашиот универзитет „Кирил и Методиј“ ужива висок рејтинг со што мојата диплома не само што беше еквивалентна на Америчката диплома, туку имав и повеќе кредити од потребните. Скоро 12 години бев инволвирана во третман на стари лица со деменција, Алцхајмер, биполарност како и многу други психолошки дефекти.
Веќе трета година сум пензионирана, но во слободното време волонтирам во познатиот Шелтер “Јут Хевен” кој се грижи за заштита на жени и деца жртви на семејно насилство и трговија со луѓе. Мое омилено хоби е сликарството.
Се уште сликам икони а понекогаш и мурали. Патувам многу и веќе неколку пати по ред ги прошетав моите американски пријателки низ Македонија и Европа со што им го презентирав преубавиот свет од кој јас и моето семејство доаѓаме.
ЖМ:Перидов беше време на празници. Од фотографиите на фејсбук може да се забележи дека имате прекрасен дом но и голема дарба за празнично декорирање. Практикувате ли да ги прославивте типично македонски со наши специјалитети и адети и да поканите гости Американци? Како реагираат на нашата кујна?
- Декорирањето на домот, особено за време на празниците ми е посебно уживање. Со голема радост и расположение од самото преселување овде во Нејплс, Флорида се адаптиравме и ги прославуваме нивните празници како што се Тенксгивинг , денот на благодарноста, Халовин ,денот на вештерките, Кхристмас католичкиот Божиќ , Естер , Велигден како и сите други и ги уживаме со сите нивни традиции и адети.Секако дека ги славиме и нашите празници со сите наши прекрасни традиции и обележија. Моите деца и внуци секогаш уживаат во моите кулинарски вештини и заедно со мене учествуваат во подготвувањето на истите.
Мојата куќа е позната по многу веселби и убави трпези што посебно ме прави среќна. За мене куќата е богата не по тоа колку е скапа, туку по тоа колку гости биле угостени и биле дел од таа домашна атмосфера.
Соња Алексоска Неделковска