Емотивен концерт во чест на Александар Сариевски: „Танец“ достоинствено му се оддолжи на легедарниот пејач

Добивај вести на Viber

На Сузана Спасовска и на Влатко Стефановски им припадна честа да ја изведат безвеременската „Зајди зајди“, на концерот на ансамблот „Танец“, посветен на 100 годишнината од раѓањето на легендата Александар Сариевски.

„Танец“ организираше прекрасен концерт кој одблиску ни ја раскажа приказната на Славејот од Галичник - како што беше насловен настанот. Ретки и драгоцени снимки од Сариевски се прикажаа на видео бим во кои најуникатниот наш пејач на народна музика раскажува за себеси. 

-Како мал човек секогаш им бев интересен на луѓето. Пеев на разни случувања во Галичник“, раскажувал Сариевски во снимката која ја видовме. Во еден период од својот живот, тој се двоумел, дали го избрал вистинскиот пат, откако ја напуштил „сигурната работа“ и школувањето и го направил она по кое срцето го водело - музиката.

-Ја напуштив работата во Поштата и се вработив во Операта. Потоа, со „Танец“, најголемото доживување ми беше турнејата низ САД и Канада. Менаџер ни беше Израелец, прво настапувавме во Израел за да го положиме испитот и да можеме да одиме во САД“, раскажа Сариевски, еден од основачите на „Танец“, ансаблот кој за ова достоинствено му се оддолжи. 

На сцената, ги видовме неговите внуци, кои ја примија благодарницата од Бранка Костиќ- Марковиќ, познат музички новинар и етномузиколог, инаку уметнички раководител во НУ „Танец“, која не‘ водеше низ приказната за Сариевски.

Потоа, концертот продолжи со песните кои секогаш се слушаат со мерак, особено ако ги пеат врвни гласови како Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Сузана Спасовска, Далибор Ѓошиќ, заедно со хорот и  оркестарот на Танец. 

Да беше тука, Сариевски сигурно би се гордеел со изведбата на бисерите „Абер дојде, Донке“, „Учиме мајко, карај ме“, „Филизој моме“, „ Сулејман седит на кула“, испеани од врвните македонски фолк-пејачи и отсвирени од музичарите на  „Танец“. 

Посебно емотивен беше делот со „Зајди, зајди“, песна која последниве години многумина се осмелуваат да ја пеат, а ретки се оние кои вистински го можат тоа, како Сузана Спасовска на пример. Влатко Стефановски со својата гитара ја обои на вистински начин. 

Сите пејачи, заедно со хорот и оркестарот на „Танец“ ја завршија оваа убава вечер со „Дејгиди, луди, млади години“. Сликите од славејот од Галичник се менуваа зад нив, потсетувајќи нè дека сеќавањата на Сариевски вечно ќе живеат.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: