Емотивен концерт во Мелбурн: Влатко Стефановски не ја откажа турнејата по смртта на брат му

Добивај вести на Viber

Влатко Стефановски остана професионалец до крај, и не ја откажа својата турнеја низ Австралија откако неговиот брат, познатиот драматург Горан Стефановски, почина во вторникот во Лондон.

Стефановски има закажано три концерти со неговото трио, од кои првиот беше сношти во Мелбурн. Присутните на концертот на социјалните мрежи го опишуваат настапот на нашите музичари како емотивна вечер преполна со добра музика. 

Стефановски е секогаш отворен соговорник за медиумите, но за интимните моменти ретко зборува во јавноста. Лани ова време, почина неговата сопруга Гордана.

„Се обидувам преку музиката да го искажам сето она што го чувствувам“, изјави Влатко во интервју за Женски магазин. 

„Голем е Влатко и уште поголем е неговиот талент. И во најтешкиот момент од неговиот живот се покажа до крај како голем професионалец. Многу спомени и сеќавања, незаборавно“, напиша на својот фејсбук профил Дона Димовски- Кантаровски, уметнички директор на Македонскиот театар во Мелбурн.