Енергијата и болката од секое искуство успеав да ги фокусирам на развој и да се движам во тој правец: Со Елена Антоновска, ве водиме по патот на развојот

Добивај вести на Viber

Енормна внатрешна сила, фактот што никогаш не се предава, ниту откажува и способноста да се издигне како феникс од сопствената пепел, и да се ре-креира одново, и одново, со голема брзина, ја градат нејзината основа - таа е Елена Антоновска.

Професионален сертифициран коуч акредитиран од Интернационалната коучинг федерација (ICF – PCC), тренер и сопственик на Ars Lucida – Coaching & Training во Скопје. Таа е и ментор и мастер учител за личен и професионален развој, при што листата на вештини и методи кои влегуваат во нејзиниот домен на работа е долга. Во март 2017 година е прогласена и за најуспешна жена менаџер за 2016 година од областа на личниот и професионалниот развој.

Антоновска не крие дека нејзиниот личен развој бил турбулентен, на моменти исцрпувачки, предизвикувачки, но никогаш не ѝ паднало на памет дека е доцна, за било што.  

„Прашањето е што човек сака и „колку е спремен да плати“ за да го добие тоа што го сака. Со што сме ние подготвени да се носиме и да изнесеме“ - вели Антоновска, која е главен двигател во патувањето наречено Арс Луцида, каде сè што научила во животот, несебично го применува за да им помогне, и да ги научи и другите на таков пристап.

Со Елена Антоновска, ве водиме по патот на развојот:

Не криете дека сте имале тешко минато, што е она што Вам лично најмногу ви помогнало да се издигнете, како се одвиваше Вашиот личен развој?

- Мојот развој беше турбулентен, на моменти исцрпувачки, предизвикувачки и многу брз, ако гледаме на работите од Универзумска перспектива. Не можам да ги оспорам талентите со кои сум родена, бидејќи сметам дека тие секому му даваат некоја основа да се справи со сите животни предизвици, а потоа да се надоградува. Веројатно енормната внатрешна сила, фактот што никогаш не се предавам ниту откажувам и способноста да се издигнам како феникс од сопствената пепел и да се ре-креирам одново и одново со голема брзина, ја градат мојата основа. А ме надгради знаењето и вештините кои ги стекнав подоцна.

Истовремено, отсекогаш во мене постоел тој длабок инстинкт дека има и повеќе од животот, потрагата по смисла и лесно согледување на широката слика. Јас брзо сфаќам, усвојувам и применувам знаење. Учам со пракса и од искуство, а тоа го имам на претек. Енергијата и болката од секое искуство успеав да го фокусирам на развој и да се движам во тој правец.

Никогаш досега не ми паднало на памет дека е доцна, за било што. Често се шегувам дека сум „стара жена, во години“ но, не се чувствувам така воопшто Имам младешки дух и годините никогаш не ми претставувале пречка за промена или напредок или за остварувањето на соништата.

Што е уште поважно, сè што ми се случувало во животот јас го применувам во работата, како практично знаење кое ми овозможува потполно да им се приближам на луѓето, да ги разберам и да им помогнам.

За да им помогнеме на другите, најпрво треба да си помогнеме на самите себеси, па колку Антоновска како професионален коуч помага и влијае на квалитетот на живот на Елена во приватноста?

- Процесот е секогаш двонасочен. Преку помагање на другите ние си помагаме себеси, а секое лично унапредување и усовршување отвора простор за поквалитетна работа со другите луѓе. Човек мора да го примени на себе она што го учи и стекнува како компетенција, посебно во нашата бранша. Одамна се случи тој клик кај мене, кога ми стана примарна личната добросостојба и внатрешниот мир. Кога еднаш ќе ја донесете таа одлука, се менува целокупниот живот. Тоа е најважната одлука во сечиј живот. Го одредува неговото течение и има селективна функција во одбирањето што ќе вклучите, а што ќе исклучите во и од животот. И што ќе правите со својот живот воопшто.

Сите вештини, знаења, методи и техники ми го обликуваат животот секој ден, во секој миг. Примената ми дава постојано практични увиди во нивното функционирање, ефикасност и резултат. Што ме доведува постојано до мудрост, која е и крајната цел на мојата работа. Трансформација на личноста до неутралност и совршена емпатија преку практична, секојдневна примена на стекнатите знаења .

Бројот на жени на лидерски, менаџерски и воопшто високи позиции кај нас, е значително помал од бројот на мажи на истите позиции, од друга страна тука се и сите оние стереотипи и дискриминации за „местото“ на жената во општеството, а сепак, постојат и жени како Вас - кои умеат да покажат и докажат дека жената може, и заслужува да биде успешна.

Тежок ли беше тој пат до успехот, што сметате дека е клучно во Вашиот живот за жената која сте денес?  

- Не би можела да се поврзам со зборот тежок, бидејќи не го чувствувам. Сметам дека секое патување има свои предизвици, а начинот на кој се носиме со истите одредува како и ќе го поминеме патот, а и животот. А предизвици никогаш доста, во секоја фаза од патувањето и верувам дека секогаш ќе ги има. Патувањето го гледам како компјутерска игра со многу нивоа и на секое ниво имате нови предизвици. Колку сте повисоко на нивоата, толку позамрсени предизвици имате. Идејата е да се „преврти“ игрицата. 

Мојот фокус никогаш не бил на успехот. Просто, никогаш не го употребувам како збор, а камо ли да имам стремеж кон успех. Но, секогаш сум имала стремеж и тенденција да „посредувам“ во развивањето на свест кај другите и да го правам тоа што го сакам, во работата и во животот воопшто. Слободата секогаш ми била примат, а јасно е дека таа доаѓа однатре, а потоа се манифестира нанадвор, низ сите сфери од животот и го обликува. Таа е една од клучните нешта кои ме поддржуваат и мотивираат, како вредност која на секој човек длабоко му е всадена. Во смисла дека секој човек заслужува слобода да го живее сопствениот живот онака како што посакува и природно му припаѓа – во благосостојба, среќа и здравје.

Така што, мислам дека клучниот збор во прашањето е „заслужува“. Односно моментот кога сфатив дека секој од нас заслужува многу повеќе, јас заслужувам многу повеќе. И не само тоа, заслужувам најдобро и СУМ многу повеќе одошто си мислам за себе. Од друга страна, поседувам еден храбар, чист и многу силен дух кој не ми дозволува да потклекнам, да се откажам или да застанам. Често сум се фрлала во огнот само и исклучиво со верба дека нешто добро ќе излезе од тоа, без јасна претстава за исходот или ситуацијата. Правецот на движење е само напред со луда храброст низ сите искуства. Нема неуспех, има само искуство.

Морам да кажам дека постигнувањето и успехот е резултат и на синергија со тимот или луѓето кои се околу мене. Без нив Арс Луцида немаше да биде тоа што е. Сите заедно растеме, се подржуваме и веруваме едни во други и во идејата за Арс Луцида. Со голема благодарност гледам кон нив и кон нивната верба во себе, во мене и во она што го правиме.

Пред неколку години бевте прогласена и за најуспешна жена менаџер од областа на личниот и професионалниот развој и главен двигател сте во патувањето наречено „Арс Луцида“ – подразбираат ли високите позиции за жената и многу жртвување, потребни ли се многу компромиси? Од друга страна што е она што Ве мотивира, она кое Ве води напред?

- Прашањето е што човек сака и „колку е спремен да плати“ за да го добие тоа што го сака. Со што сме ние подготвени да се носиме и да изнесеме. Секоја одлука има свои резултати за кои ние мора да сме свесни кога избираме. Свесноста доаѓа од личното чувство на одговорност за сопствениот живот и за влијанието на истиот врз околината. Па, би рекла дека и секоја позиција си има своја дуалност, плусови и минуси, компромиси или жртвувања. Или едноставно потребна е само добра организација. 

Јас си го сакам мојот живот таков каков што е. Сигурна сум дека е „out of the box“ во секоја смисла, но тоа сум јас. Сакам да работам, заоѓам кога работам, без оглед дали е тоа со клиенти или пишување на интервју. Знам дека за секого постојат бесконечни можности и секој миг го одредува понатамошното течение на животот. Замислете колку е тоа магично и волшебно. Каква креативна моќ лежи во секој од нас, често неискористена, која нè води.

Од искуство, заклучокот ми е дека  не постои друга опција освен напред и дека е само потребно да го увидиме тоа. Дури и од позиција на страв и на опстанок, животот секогаш ве турка напред, без оглед на сите наши ограничувања и отпори и на уверувањето дека „немаме друг избор“. Шоуто мора да продолжи, со или без нас. Ако сакаме да имаме квалитетен и возбудлив живот, потребно е активно да учествуваме во него. Чинот на креирање е всушност предодреден од нашата проактивност и осознавањето на сопствената личност.

Длабочините на човекот и мистериите по кои функционира човекот и светот се бесконечен простор за истражување, кој мене отсекогаш ми предизвикувал восхит и ми отворал нови врати. Мотивот ми е да разберам за да посредувам кон трансформација и еволуција, лична и колективна.

 Ars Lucida – Coaching & Training во Скопје е ценатр за личен развој на поединци и групи па сѐ до корпоративни и отворени тренинзи од областа на комуникација, продажба и менаџерски вештини, коучинг насочен кон решенија, НЛП, алатки за проценка и обуки за претприемништво. Кажете ни нешто повеќе околу тоа, но и за методите и пристапите кои се користат во Арс Луцида. Што е она по што се издвојувате, она што ве прави уникатни како Центар за личен развој?

- Денешните и древните знаења носат заедничка порака и имаат заедничка суштина. И тоа може да биде проширено не само на древните источни култури, туку на сите древни култури. Нивната мудрост допира длабоко и го објаснува функционирањето на животот самиот. Нѐ поттикнува да размислуваме за човечките вредности и за начините како навистина да ги живееме во секојдневието, на сите полиња.

Сите развојни вештини се засноваат на себеспознавање и усовршување (self-awareness & self-management) за да потоа бидеме способни да ги спознаваме другите, а и да ги менаџираме односите со нив (others awareness & relationships management). Впрочем, успехот во бизнисот е категорија во која во најголем процент влијаат односите со луѓето и соработката со истите.

Без оглед од кој аспект пристапувате, која метода ја применувате или која терминологија употребувате, суштински личниот развој се сведува на тоа да се познавате себеси, да се прифатите такви какви што сте, за да во крајна инстанца можете да се промените и трансформирате. Промената започнува од себе, па промената на околностите и на другите луѓе ќе следува како резултат на личната промена. Во целиот тој процес, развиваме вештини, флексибилност и емпатија, што всушност и ја прави разликата.

Така што, она што Арс Луцида ја прави посебна е согледувањето на целата слика наспроти парцијалното гледање на индивидуата или групата, а со тоа и обединувањето на различни методи и вештини во една целина, интегрирајќи ги во единствени програми за развој, кои се базираат на личната промена и стекнување на професионални вештини. Бидејќи сè е поврзано со сè останато, многу е лесно да се видат механизмите кои нè ограничуваат да постигнеме успех во работата, а потекнуваат од индивидуата, а во Арс Луцида имаме многу различни алатки, методи и обуки со кои секоја таква пречка може да се претвори во бенефит. Ставаме акцент на личниот развој како основа за секој друг развој, а потоа го надградуваме со професионални вештини и компетенции за поддршка и развој на лидерство, продуктивност, мотивација, резилиентност, ангажираност на вработените и тн. Наскоро ќе имаме и нови содржини, па приказната ќе ја продлабочиме уште повеќе.

Кој сѐ може да побара помош во Арс Луцида? И од што најмногу имаат потреба луѓето кога станува збор за личен развој, на кои работилници, вештини се фокусирате или пак се најбарани?

- Вратите на Арс Луцида се отворени за секого. Можат да дојдат оние кои сакаат развој, релаксација или насока, а во исто време и оние кои имаат проблеми во било која област. Она што сега е актуелно од аспект на помош и поддршка се психолошки состојби во најголема мерка, а од аспект на развој и обуки, тоа се курсевите за енергетска пракса Реики од една страна, а од друга страна работилници кои се насочени кон развој со имплементација на коучинг, активна имагинација, работа со емоции и мајндсет.

Сакам да кажам дека луѓето и самите сакаат интегриран пристап наместо да се занимаваат со делови од себе, што навистина нема логика. Животот е комплетен, како што е комплетен и човекот самиот, па секоја поделба нè води подалеку од себе. Сè што постои има тенденција да се врати во една целина, па така и секој дел од еден систем бара да се врати во системот и да се интегрира. Во таа смисла, секое искуство или знаење е само дел кој бара интеграција, како дел од сложувалка. Во Арс Луцида тоа го знаеме, го применуваме и ги учиме другите на таков пристап.

За крај, Елена со нас и вас ја споделува нејзината „животна филозофија“:

- Јас не сум човек од философија, иако добро ми оди. Релативно сум практична и цврсто стојам на земјата. Секогаш сум мислела дека животот е да се живее и дека од сè најважно е да се познаваш себеси и да развиваш самоконтрола. Да учиш во секој момент и да се развиваш, постојано да се стремиш кон подобро, повеќе, повисоко на скалата на свесност. Истовремено, да му се препуштиш на животот да те води и да веруваш дека сè е за добро иако тоа во дадени моменти не е баш јасно видливо. Соочувањето со животните предизвици на било кое поле и учењето од нив е сигурен пат кон зрелост и развој. Едноставно, да ја играш играта на животот најдобро што можеш и да останеш со чисто срце и никогаш, ама никогаш да не се откажуваш. Првенствено од себеси и сопствените соништа.


*Љ.И

Може да ве интересира:

Никаква плата или позиција не може да се мери со довербата на луѓето: Интервју Тања Милисковиќ-комерцијален директор на „Кромберг и Шуберт Македонија“