Еротски приказни: ПРИСТИГНУВАЊЕ

Добивај вести на Viber

  По пасошката контрола влеговме в авион. Авионот беше полупразен, но, сепак, седнав на моето седиште. Ема седна до мене. Тргнавме. Ги врзавме појасите. Летот беше пријатен, но се појавија турбуленции. Ема се уплаши и се пикна во мене. Едвај изговори: „Многу ми е страв, Мери.“ Целата се тресеше. Се уплашив и ја повикав стјуардесата.

  Таа дојде и предложи да се преместиме во средината на авионот бидејќи било најпријатно тука кога имало турбуленции. Додека се преместувавме, таа ни објасни: „Во средината на авионот е најудобно и летот ќе ви биде попријатен затоа што правилно се распоредени притисокот и гравитацијата. Турбуленциите не се нешто поради што треба да се плашите и да се потресувате. Сето тоа е нормално, опуштете се и уживајте во летот“.

  По извесно време, турбуленциите се намалија и сосема престанаа. Ема ме погледна како да сум нејзин спасител. Во очите ѝ се појави некоја кроткост, милост што ја немав забележано досега кај некого. Ми се заблагодари и ми рече: „Мери, се надевам дека ќе се дружиме“.

  Очите ми се насолзија. Исто така, и јас имав сомнежи како ќе биде, меѓутоа, мислам дека овде ќе ми биде подобро. Морав да променам сè околу себе за да ја пронајдам мојата смисла за живот. Затоа, бев со измешани чувства. М беше мило што уште по пат запознав девојка со која можеби би се дружела, но, срцето ми беше уште стегнато. Од почеток беше добро, настаните се реализираа според мојот замислен план. За мене беше многу значајно тоа што успеав да се извлечам од оној пекол, а и бев претпазлива бидејќи знаев дека Џино веднаш има организирано потера по мене.

  Се приближувавме кон нашата дестинација. Авионот слета. Слеговме на аеродром. Ја поминавме пасошката контрола. Сè беше в ред. Ѝ се јавија на Ема на мобилен телефон и ми кажа дека веќе е испратен автомобил за да нè земе.

  Кога излеговме од аеродромот, беше многу жешко. Нè чекаше црн убав автомобил, а пред него стоеше човек висок, убав, плав и со очила. Ја здогледа Ема и се поздрави со неа со широка насмевка. Ема ме претстави. Ме погледна и ме измери од горе до долу. Се поздрави со мене и ми рече дека се вика Хари и побрза да тргнеме. Возејќи се низ улиците забележав дека има малку вегетација по улиците. Некоја палма, дрвја, големи леандри и цвеќе покрај некоја грмушка.

  Забележав дека куќите се со окер боја со рамни покриви. Поминувавме низ улици каде што имаше модерни куќи. Меѓутоа, повеќето беа однадвор обоени со силни бои. Затоа, Хари по пат почна да објаснува дека куќите се изградени од варовник, единствен градежен материјал што претставува заштитен знак овде. Овој камен на сонце ја менува својата боја од бела во бледо жолта и окер и се стврднува. За да се разбие монотонијата на секоја куќа, портите и прозорите на некои куќи и предниот дел од куќите се обоени со друга силна боја. Секоја куќа си има свое име. Цело време се гради, се реставрира и што е многу интересно, сè убаво се вклопува. Има неколку гратчиња што се поврзани еден со друг. Хари кажа дека овие денови ќе се организира прошетка за да се запознам со околината.

  Продолживме да се возиме. Ема молчеше цел пат. Дел од патот беше стрмен и пуст и овде-онде имаше грмушки, бршлен и дрвја со диви смокви. Зад еден рид кога се спуштавме надолу, се гледаше зелена оаза.

Стигнавме. Местото беше огромно, опкружено со голема и со висока ограда. Во дворот имаше бршлени, високи леандри, палми и разни цвеќиња. Пристигнавме пред една голема куќа или санаториум. Зад неа се гледаа неколку куќи.

  Излезе послугата да нè пречека. Јас и Ема слеговме и се упативме внатре. Влеговме во една просторија. Нè чекаше директорот и уште еден друг човек. Директорот беше постар, веќе во години човек. Се поздрави со нас. Се викаше Руди Кес. Директорот ми закажа разговор истото попладне и замина.

  Другиот беше, црн, симпатичен и со очила. Се поздрави доста љубезно со Ема, а потоа и со мене. По патеката имаше клупи. Бев сосема збунета. Ми рече да го следам него. Отидовме во друга куќа. Се качивме горе на спратот. Ема дојде со мене, но тој ѝ кажа дека после ќе ја види, а сега да си оди во нејзината соба. Таа му рече: „В ред Фис. Ќе те чекам кај мене в соба“.

  Тој влезе со мене в соба. Куферите ми беа внатре. Мојата соба беше спроти собата на Ема. Ми кажа да седнам и да го слушам што ќе ми каже. Ми посака пријатна работа и ми рече дека овде е сè дискретно. Не треба никој да знае каде работам и што работам. Исто, ми кажа дека мојот престој овде е бесплатен, дека персоналот е добро платен, меѓутоа важно е да си вреден и исполнителен, да не правиш проблеми бидејќи во тој случај добиваш моментален отказ. Ми зборуваше неколку минути и наеднаш го сврте разговорот: „Има и други нешта, но директорот попладне ќе ти објасни. Нормално, ако останеш овде да работиш, ќе научиш“. Мене ми одговараше ваков начин на живот каде што нема никој да дознае каде сум“. Што и да ми објасни, исто ми е. Во моментов, јас сум пресреќна“, си помислив во себе.

  Потоа, Фис излезе. Ги соблеков чевлите. Застанав на прозорецот за да ја видам околината. Имаше многу убав поглед. Подоцна, се завртив и ја погледнав собата. Беше скромно наместена со маса, на неа мал лап топ компјутер, столици, телевизор, кревет за спиење и столни лампи. Од собата имаше еден дел одземен и беше направен мал тоалет со туш-кабина.

  Излегов од собата и сакав да влезам кај Ема. Вратата не беше добро затворена и слушнав плачење. Се премислив. Добро е тоа што ги имав соблечено чевлите, барем не се слушаше дека се движев. Се вратив во мојата соба. Важно е за мене тоа што пристигнав овде и што сум безбедна.

ПРИЈАТЕЛКИ