Ева Лонгорија: Цел живот живеам со сестра со посебни потреби

Ева Лонгорија е холивудска икона, актерка со многубројни награди, активистка за човекови права и борец за позиционирање на жените во филмската индустрија. Ева беше последниот гостин на Forbes Women Summit кој се одржа на 17 и 18 јуни во Њујорк, а каде имав можност да присуствувам и јас. Интервјуирана од Стив Форбес лично, Ева сподели со нас многу лични работи кои многу од нас досега ги немаме слушнато, а јас ги поделив во 5 најзначајни кои можат да се издвојат.

1.  Ева е второ дете во семејството, а најстара е нејзината сестра која е родена како дете со посебни потреби. Поради сестра ѝ, и  мајка ѝ станала наставничка во училиштето за посебни потреби за да може да научи повеќе за грижата за овие деца. Додека ја раскажуваше својата приказна издвои еден момент кој мене ми остана во глава.

„Секое утро чекавме сестра ми да ги заврзе врвките сама пред да одиме во школо. Едно утро кога мајка ми не беше со нас, за да побрзаме јас ѝ ги заврзив. Во тој момент дојде мајка ми и ме удри по рацете. Ми рече, немој никогаш да ѝ го одземаш тој момент сама да направи нешто за себе. Тогаш сфатив што значат некои работи за оние кои ги немаат, а нам ни се чинат толку безначајни“.

2.  Поради фактот дека цел живот волонтирале во организации за помош на деца со посебни потреби, Ева сметала дека тоа е тоа што сака да го работи цел живот.

3.  По потекло од Тексас, од латионоамериканска фамилија, кажува дека никогаш   не можела да се подели на 50% Американка и 50% Мексиканка. Бидејќи е родена во Тексас мајчин јазик ѝ е англискиот и честопати се шегувале со неа дека не зборува шпански. Дури на почетокот на кариерата ѝ давале италијански улоги, бидејќи презимето им звучело италијански.

4 . Иако со „Очајни домаќинки“ доживеа најголем успех како професионален актер, сепак кога си дошла дома мајка ѝ ја искарала дека нема магистерска диплома. За време на снимањето на серијата, Ева ја подготвувала и магистратурата за која малкумина знаат.

5. Денес е мајка на едно дете, активист и коосновач на менторски школи за млади девојки од латинско потекло, на кои им дава финансии и менторирање за да започнат сопствен бизнис. Исто така работи како продуцент и се залага за еднакви права на жените продуценти во филмската индустрија.

Приказната на Ева, но и на сите други жени на овој Forbes Women Summit беше скоро и неочекувана да се слушне. Гледавме актери, медиумски идоли кои раскажуваа за животот и се она што им се случува како да се обични луѓе со секојдневни проблеми, за кои честопати парите како и да не играаат улога во решавањето на истите. А што можеме да направиме ние? Да ја пренесеме пораката. Ни еден живот не е совршен. Кариерниот успех не е решение за сите проблеми.

Ви благодарам што ме читате, 

За Женски магазин од Forbes Women Summit, Аријана Коскарова, ко-основач на Creative Hub и Forbes Under 30 Europe 2019