Европска земја создаде куќи за живеење со 3Д печатење
Ајндховен е прв град на светот кој ќе има куќи за живеење направени со 3-Д печатар, иновација за која се верува дека може да предизвика револуција во градежната индустрија.
Првите вакви куќи ќе се најдат на пазарот од 2019 година и тие ќе бидат од најмалите, со две спални соби. Веќе 20-ина заинтересирани семејства аплицирале за нив, неколку недели откако се објавени првите фотографии.
3-Д печатар е голема роботска рака со млазница која исфрлува специјално формулиран цемент со текстура на шлаг. Цементот се печати според дизајнот на архитектот, додавајќи слој врз слој, за да се добие ѕид.
Користењето на оваа технологија овозможува и ставање на безжични сензори директно во ѕидовите, со што куќите стануваат целосно „умни“ (осветлување, греење и безбедносни контроли).