Fashion Weekend Skopje '18

Добивај вести на Viber

Инспиративни креации !

Втората вечер од Fashion Week Skopje се одржа вчера во Универзитетската библиотека Свети Климент Охридски, каде своите нови колекции ги претставија следните модни дизајнери: студентите на Европскиот Универзитет, Берна Сарачи од Косово,Ателје Коцарева, и Палада.

  


 

Тимот на FWSK одлично се снајде со големата посетеност, со цел и оваа ноќ да помине во најдобар можен ред, а на присутните им понуди модно шоу кое навистина позитивно не изненади. 

Посетеноста и интересот беше голем, убави луѓе кои делат една иста пасија- мода, собрани на едно место, под рефлекторите на модната писта на FWSK.


Музиката покрај тоа што одлично се вклопуваше со модниот чекор, не водеше и низ времето почнувајќи од 80-тите па во правец на футуризмот. 

Првата ревија започна, каде своите креации ги претставија студентите на Европскиот Универзитет. Инспиративни, храбри и оригинални идеи со секое ново нивно излагање на модната сцена. Микс од футуризам, модерен класик, романтична црна чипка, силни мотивирачки пораки испишани на самите креации како и поп арт детали, но и „модно ривалство“ на polka dot/polka square.

За време на паузата, додека се спремаше веќе втората ревија да започне, не можев а да не ги забележам група млади модни инфлуенсери чија нивна љубов и пасија кон модата се ширеше заразно низ салата. Секој од нив беше посебен на свој начин, па се согласија да се сликнат за нашиот веб портал.

Едно големо БРАВО!

Втората ревија беше резервирана за модната дизајнерка Берна Сарачи од Косово ревија,која потполно ме освои! Модни детали кои се издвојуваат, а почнувајќи од првиот до последниот модел, би ги носела сите! Едноставни, но моќни модели! Романтичниот пастелен долг фустан, беше љубов на прв поглед!

На третата ревија продефилираа креациите на Ателје Коцарева, коктел фустани што одлично би се вклопиле во која било свечена модна прилика.

Велат крајот го краси делото, па така на последната ревија од оваа вечер, настапи дизајнерот Алек Палада заедно со својата мајка Снежана Палада од Прилеп.

15-тина креации кои се рачно изработени и уникатни, навистина воодушевија. Низ колекцијата „El Suеñо“  беа претставени кралски модерни фустани, во многу јаки бои, каде главно преовладуваше црвената и циклама – комбинација која одлично се вклопи во целата таа модна приказна.

Фото: Fashion Weekend Skopje & Женски Магазин

За Женски Магазин

Нина Беадер - Моден Колумнист и lifestyle блогер

Инстаграм: @beadernina