Ана Бунтеска: А кажи ми...ме чекаше ли?

Добивај вести на Viber

ме чекаше?

онаму, на нашето место

каде душата ко на крстопат ми е

а телото како фрлено среде океан

замислив

те замислив како  чекориш со сигурен чекор

внатре вител од страв и љубов

срам, бол и грев

те замислив како доаѓаш

и со погледот набрзина прелетуваш

ме нема

седнуваш на она, нашето место

со раката поминуваш по двоседот

како да сум таму па ме допираш

и се џариш околу

да не сум се сокрила во некое ќоше

со лудава црвена глава

ме нема

погледот го креваш на секој звук

ме бараш

и срцето силно ти чука

има некој свој ритам кој не се разбира

палиш цигара и пиеш пиво

или можеби оној ирскиот лек за душа

тик-так-тик-так

ме нема

и се помируваш дека нема да дојдам

и покрај сиот трепет

чувствуваш олеснување

и вдишуваш длабоко

добро е

добро си

добро ќе бидеш, по ѓаволите

не ти треба беља врз главата

и се смешкаш

вртиш по телефонот

гледаш околу

смирен си

и тонеш полека во удобност

дур по ќошевите од срцето не почне тага да ти се собира

оти ме нема

и нема да ме има

и не знаеш дал да ме пцуеш

или задоволен да си

па си одиш во бунило

и ништо не ти е јасно

исто како мене

како вчера

дур јас чекав

а кажи ми...

ме чекаше ли?

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски