ФИТР и ЕВН со поддршка за младите истражувачи
Светилки од иднината што не се поврзани со струјно коло, а може да светат и да продуцираат постојана светлина која преку бранови ќе се пренесува и на други светилки. Оваа иновација создадена од ученици од средното училиште „Ацо Рускоски“ од Берово, наречена „Светилки на теслини бранови, наградена во рамките на “Предизвик за млади истражувачи 2„ на ФИТР, беше презентирана пред средношколци и основци од неколку училишта во републиката во Изложбениот центар Матка на ЕВН.
Фондот за иновации и ЕВН организираа и интерактивна и едукативна посета на изложбениот центар каде учениците од основните училишта “Свети Климент Охридски“ од Прилеп и „Дедо Иљо Малешевски“ од Берово, како и скопските средни училишта „ЕМУЦ 8 Септември“ и „Орце Николов“ имаа можност да дознаат повеќе детали за воведувањето електрична енергија во Северна Македонија, како и за искористувањето на различните видови енергија.
Ова е почеток на нова иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој за поврзување и соработка на учениците од основните и средни училишта кои ги поддржува Фондот со домашните компании, најави директорот Јован Деспотовски.
„ Целта на ваквите иницијативи и соработка е потикнување на креативното и критичко размислување кај младите и поврзување и вклучување на домашните компании во подршка за развој на истражувачкиот и претприемачкиот дух уште од најрана возраст. Наша заложба е да им покажаме на младите дека државата нуди можности за нивен личен и професионален развој. ФИТР ви стои на располагање, обезбедува и ќе обезбедува поддршка за реализација на вашите истражувачки идеи и иницијативи. Ваквиот тип на соработка со домашните компании исто така ќе продолжи и понатаму,“ нагласи Деспотовски, директор на ФИТР.
Сашо Стојкоски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија, ја истакна важноста на постоењето на изложбениот центар во поглед на неформалната едукација на младите.
„ЕВН секогаш ги поддржува иницијативите кои ја поттикнуваат кретивноста кај младите, затоа се надеваме дека оваа посета ќе предизвика интерес и ќе помогне во изборот на вашето идно образование. Сигурен сум дека ќе ви биде интересна поставката на изложбениот центар Матка каде можат да се видат оригинални стари предмети, архивски материјали, филмови, фотографии, интервјуа, реални компоненти на електроенергетски системи како и уникатни едукативни експонати, изработени специјално за центарот и наменети за учење преку интеракција,“ посочи Стојкоски.
Инаку Фондот во рамки на “Предизвик за млади истражувачи„ во моментов поддржува 54 високо квалитетни проекти од средни и основни училишта од целата земја во кои се вклучени стотици ученици и професори, а кои работат на свои пронајдоци базирани на сериозно применети научни методи.
Во тек е и реализација на иницијатива за креирање на т.н. Фонд за млади умови, во која се вклучуваат и УНИЦЕФ и УСАИД – сеопфатна програма за талентирани ученици, иновативноста и претприемништвото преку која треба да се обезбеди одржлива поддршка за учениците со висок потенцијал и талент.
ФИТР во изминативе 18 месеци има вложено над 16 милиони денари за поддршка за младите, а голем број ученици и студенти, добија можност и поддршка од Фондот за претставување на својата идеја и знаење на меѓународни натпревари од каде голем број се вратија со освоени медали.