ФОЛКЕРОТ МАРЈАН КОЦЕВ СО КОНЦЕРТ ВО ЧЕТВРТОК: Дојдете на музичка терапија
Фолк-пејачот Марјан Коцев го најави својот концерт наречен „Сите мои песни“, кој ќе се одржи во четврток, на 29 март во Македонската опера и балет од 20 часот.
Коцев, кој последен пат одржа свој концерт пред четири години, со кој прослави дваесет години кариера, најавува дека овој ќе биде различен, најмногу по репертоарот.
„Сега немам јубилеен повод за концерт, но повод за песна секогаш треба да има. Во мојата досегашна кариера снимив повеќе од 70 песни, а на концертот ќе има простор за нешто повеќе од 20. Подготвивме програма од два часа со моите гости, а половина од репертоарот ќе биде сличен како на претходниот концерт, половина ќе биде нов. Дојдете сите на оваа заедничка музичка терапија“, порача фолк-пејачот на денешната прес-конференција.
Повод за песна секогаш треба да има.- Марјан Коцев со Милош Дејановиќ, директорот на радио „Роса“
Коцев ќе го придружуваат неговите пријатели од групата „Дрим тим“, а специјална гостинка е Анета Мицевска од групата „Молика“. „Ќе испеам дует со Анета, а таа ќе настапи и со неколку свои песни“, додаде пејачот.
Организатор на концертот е „Роса продукција“, а уште еден повод е прославата на 25 години од радио „Роса“. По тој повод, Милош Дејановиќ, директорот на радиото, најави голем концерт со многу македонски фолк-ѕвезди на есен и рече дека основната цел на радиото и на продукцијата е да се негува македонската фолк-музика.
(М.Џ.)