(ФОТО) Ќерка ми се роди за првиот концерт, сега полни 20 години: Емотивно сеќавање на Пере од „Нокаут“
„Нокаут“ се вратија на истото место каде што пред 20 години го одржаа својот прв концерт, во СРЦ Кале. Тогаш беа шармантната четворка која создаваше еуфорија и скокаше на „Временска машина“, а вечерва сериозен бенд со голем музички багаж зад себе.
„Токму овде, во оваа сала, јас бев меѓу првите кои се радуваа кога „Кометал“ стана европски шампион во ракомет во 2002 година. На истово место, го одржавме првиот концерт, затоа оваа сала има посебна приказна“, рече фронтменот на бендот Никола Перевски- Пере. Уште една емотивна приказна е симболично поврзана со 1998 година, со „Нокаут“ и со СРЦ Кале.
„Мојата постара ќерка Михаела се роди кога го одржувавме првиот наш концерт. Вечерва, таа полни 20 години. Среќен роденден Бејби“, извика Пере вртејќи се накај ќерката која години наназад ги пее придружните вокали на бендот. Момент кој ќе се памети е настапот на Игор Џамбазов. На покојниот Ацо Богдановски- Конга, тој му ја посвети песната „Ако умрам ил загинам“. Публиката пееше во еден глас со Џамбазов, Пере и со гитаристот Гуру Харе, а среќните го уловија овој посебен момент со своите телефони.
Во еден дел, Пере откри дека со песната “Самовила“ го освоиле 17. место на домашниот избор за Песна за Евровизија.
„Временската машина“ на „Нокаут“ вечерва се сврте две децении наназад и повторно се врати во сегашноста. Она што времето не го коси се љубовните песни кои сите ги сакаме, а ако се негуваат со убави свирки како вечерашната, тогаш се на пат да станат евергрини. И двата концерти, и вечерашниот и оној во 1998 година го организираше „Авалон“ продукција.
Милица Џаровска