Фреди Меркјури живее во нас, насмевката сепак останува: Фантастичен трибјут концерт на Бобан Мирковски и пријателите

Добивај вести на Viber

Фреди Меркјури се’ уште живее во сите нас. Без оглед дали знаеме една или повеќе песни од „Квин“, повеќето од оние кои раснеле во негово време, а и по него, се врзуваат барем за една приказна која ја испеал легендарниот музичар.

Еден од неговите најголеми фанови е младиот пијанист Бобан Мирковски, кој сношти со пријателите во Филхармонија одржа фантатсичен концерт, како трибјут на неговиот омилен пејач со нови аранжмани кои тој ги направил. Концертот првично требаше да се одржи на 24 ноември, на денот кога Меркјури пред 30 години почина, но се одложи поради тридневната жалост откако 45 лица загинаа во сообраќајната несреќа во Бугарија. Имаше големи шанси да се одложи повторно, поради дојавата за наводна бомба во МНТ непосредно пред концертот. „Шоуто мора да продолжи“, пееше големиот Фреди и оваа негова реченица беше лајтмотив на целиот настан кој сепак се одржа, на радост на оние кои дојдоа. 

Фантастичниот бенд поредводен од пијанистот Мирковси и гитаристот Ади Имери беше неверојатно синхронизиран со сите пејачи кои ни ги стоплија срцата на сцената. 

По долго време, се појави Мики Јовановски- Џафер, и фраерски ја испеа „I Want To Break Free“. „Се знаеме, така?“, ја праша Џафер публиката во свој стил. Секоја чест за Дани Димитровска, таа со нејзин силен печат донесе повеќе песни, меѓу кои и „Friends Will Be Friends“, а повеќе пати настапи и одличната Ирена Димовска од групата „Памперс“, која го затвори концертот. Андријана Јаневска заедно со хорот „Про Арс“кој го предводи Сашо Татарчевски, ја испеа „Somebody To Love“, како што таа само знае- а оваа песна како за неа да е напишана за неа. Биба Додева, енергична, расположена и силна во вокалот, не размрда со „Wе Will Rock You“. Гитаристот Ади Имери покажа и дека е фантатсичен вокал, во „Love Of My Life“и во “Bohemian Rhapsody“. Концертот го збогати специјалниот гостин, Влатко Стефановски, кој беше како шлаг при крајот, но и младите музичари Мартина Бараковска, Иван Кукиќ, Никола Автовски, Ставре Ставрев, Јан Стефаноски, Љупчо Соколовски... 

Пијанистот Мирковски, уживаше свирејќи ги неговите омилени песни, уживаше и публиката која се развесели откако Мирковски се појави облечен во стилот на Мерјкури. 

Концертот кој го организираа „Баги комуникации“, за миг ни помогна да заборавиме дека речиси две години владее вирус, страв и неизвесност и не’ направи среќни. И самиот Фреди пееше дека шоуто мора да продолжи. „Моето срце внтаре се крши, шминката можеби ми се лупи, но мојата насмевка, сепак останува“.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: