Габриела Новевска: Со мојата песна ги споив братот и сестрата, кои биле разделени за време на егзодусот
Колку и да звучи клише, од секогаш сонувала да стане пејачка. Од дете слушала секаква музика, освен народна, иако веќе на шест годишна возраст била членка на КУД. Сонот на Новевска, пејачка на изворна македонска песна, низ годините стана реалност. Лани во декември го издаде првиот самостоен музички албум, насловен “Те кажувајет, Илино моме” кој ќе ја доживее својата концертна промоција на на 10 септември во Националната Опера и Балет.
-Сакав да пејам забавни, странски песни, сѐ до моментот во средно училиште кога сфатив дека на учениците им се дава вистинска шанса за вокални изведби на сцена. Учев во музичкото училиште “Илија Николовски-Луј” во одделот за традиционална музика и игра. Бидејки желбата за пеење ми беше поголема од сѐ, почнав да слушам и учам народни песни, сѐ со цел да бидам на сцена. Тогаш дознав за Вања Лазарова, Васка Илиева, Ратка Кировска, Рајна Спасовска, Мирвет Беловска, Костурчанки, Воденки, Браќа Стојанови. Тогаш ги сфатив емоциите и моралните вредности од минатото што ги носат во себе народните песни. Од тогаш, народната песна е дел од мојата ДНК, а изведбата на истата е моја најдлабока пасија – вели Новевска за почетоците на својата кариера и преминот од забавна во фолк музика.
-Додека бев четврта година во средно училиште, пеев на еден настан каде бев сведок на случка која цел живот ќе ја паметам. Со нашиот оддел настапувавме на Егејски средби во салата „Борис Трајковски“. Ја пеев песната “Врба ми изникнала” која оригинално е во изведба на Марија Гацева и групата „Воденки“. Инаку, во песната се работи за брат и сестра кои биле разделени за време на егзодусот, а по години кога се сретнале – не се познале. Веднаш по настапот ми пријде една жена со солзи во очите, раскажувајки ми ја својата животна приказна. И таа била разделена од својот брат за време на протерувањето на Македонците. Додека ми раскажуваше, ни пријде еден постар човек и замислете, ја препозна својата сестра. Истата таа жена, која плачеше за својот брат. Тие се прегрнаа, а јас се повлеков оставајки ги да си ги пополнат празнините – открива пејачката.
Во 2008 година станала дел од етно -составот “Монистра”. Издадоа два студиски албуми, имаа концертни настапи во Франција, Италија, Израел, Египет, Хрватска, Србија, Бугарија, Грција.
-Одржавме еден концерт во Солун, на покана на македонската амбасада. Од локалците бевме пречекани со потсмев и понижување. Го знаеме нивниот став за Македонците, кои во ниту една пригода не го кријат, па дури и на едно интервју кое го давав, искористија да ја потценат нашата нација. Интересно е што на половина концерт почна пороен дожд и повторно ни се смееја, дека толку ни било од македонската музика. Јас сум голем патриот и многу ме болат ваквите коментари, па затоа и не можам ни да го опишам задоволството што публиката не сакаше дури ни на дождот да си замине. Ја сакаа македонската музика.- открива пејачката која своето знаење го пренела на семинари и работилници за македонска народна песна, во Загреб, Подгорица и во Котор.
Во 2013 година Новевска го освоила првото место на фестивал во Бугарија, за традиционално пеење. На годинешниот валандовски фестивал настапив со композиција чиј комплетен автор е Ристо Краповски и носи наслов “Го чекам аберот”. Песната го освои третото место, а таа ја доби за неа најважната и најубавата награда “Никола Бадев” за најдобра вокална изведба.
- Тоа што сочинува голем дел од мене, но и тоа што ме тера да се оставам и препуштам себеси кон тоа, е мојата работа во Националниот Ансамбл “Танец”.Во 2011година бев надворешен соработник, а две години подоцна се вработив како пејач. Ми претставува огромна чест, задоволство и гордост што сум дел од оваа институција. Често велам: “Јас сум дел од Танец, но Танец е поголем дел од мене!” Не сите имаат можност да ја работат работата од своите соништа, а јас го живеам својот сон – појаснува таа и открива дека најголема поддршка и е сопругот.
-Не сакам да зборувам за приватниот живот, но, ќе кажам дека сум благодарна за неколку нешта. Имам навистина прекрасен сопруг кој ми пружа целосна поддршка. Со Ристе работиме заедно во “Танец”, таму и се запознавме. Има целосно разбирање за оваа професија, знае како функционираат нештата со отсуствата од дома, проби, концерти, патувања и слично. Во 2020 година, во екот на пандемијата го родив нашето синче Алексеј. Па така, можам да кажам дека сум среќна мајка, на среќно четири годишно детенце. Секој слободен момент го користиме да го поминеме заедно, со забавни и едукативни активности – вели Новевска.
Лани го издаде својот прв самостоен музички албум, насловен “Те кажувајет, Илино моме”. Реализацијата на истиот започнала во 2022 година, кога се одбележуваа 100 години од раѓањето на Александар Сариевски. Проектот беше поддржан и од министерството за култура, како проект од национален интерес за 2023 година.
-Морам да признаам дека неколку години ја осмислував идејата за овој албум, бидејки целиот резултат е нешто поинакво. Ме плашеше помислата како ќе биде прифатено ваквото претставување на македонската народна песна. Уште од самиот почеток сакав да се направи спој на фолк со рок и џез правците, но долго време во очите и ушите на публиката сум онаа Габриела која ги пее македонските песни на традиционален начин. Како таков изведувач, чувствувам голема одговорност да не се исквернави самата песна. Но, истовремено чувствував и потреба да се ослободам од тој, за мене стегнат начин на интерпретација.
-Едноставно, преку музиката покажувам дека не го правам секогаш она што се очекува од мене, го сакам мојот начин ако чувствувам дека е тоа исправно. По природа сум многу емотивна, кон блиските сум лојална. Верувам на многу малку луѓе. Темпераментна сум, на реакции брза и сакам сѐ – веднаш. Овој опис на мене како личност сметам дека целосно одговара и на музиката која ја создадовме- открива пејачката и дополнува дека овој албум е нејзино огледало. прифатлив и за сите генерации, бидејки со начинот на интерпретација на песните настојувада биде најблиску до оригиналните изведби и тоа можат да го забележат постарите генерации. Додека модерните аранжмани се поблиску до помладите генерации– заклучува пејачката..
Соња Алексоска Неделковска