Ги сакам празниците и љубител сум на празничната еуфорија, лично и професионално изминатата година може да добие чиста 10 -ка: Интервју со Славица Арсова
Успешна и професионална како новинар и телевизиски презентер, а приватно посветена сопруга и мајка. Славица Арсова веќе 13 години ја гледаме на малите екрани, а исто толку е ѝ препознатливо лице на Сител Телевизија.
Јавното запросување на Славица од нејзиниот тогашен свршеник, а сега сопруг Александар Спасовски, во 2012-та година го пренесоа сите македонски медиуми, па оттогаш и станаа препознатлив новинарски пар.
За љубовта кон професијата, како е да се биде мајка на дете тинејџер, како функционира нивното секојдневие кога не се пред камерите и како ги доживува празничните денови, разговараме со Славица.
ЖМ: Колку професионалното информирање е правопропорционално со стекнувањето доверба кај гледачите?
-100 проценти! А довербата од граѓаните е приоритет број 1. Не е доволно само да ве гледаат, треба и да знаат дека сте на нивна страна, дека барате одговори и решенија за нивните проблеми, дека прашувате во нивно име. А за да стекнете таква доверба треба многу време, многу поставени прашања, отворени теми, поттикнати промени.
ЖМ: Колку години се занимаваш со новинарство и зошто токму ова беше твојот избор за професионална определба?
-Професионално се занимавам со новинарство од 2005-та кога станав дел од тимот на информативната редакција на Сител. Претходно експериментирав и го учев занаетот во повеќе детски и младински програми. Многу често сама себе се прашувам зошто го избрав новинарството. Но потоа почнува работниот ден, динамичен и непредвидлив, секогаш различен, секој период со различни предизвици, новитети, постојано учење и надоградување, ќе направите некоја ситна или покрупна промена со своето известување и одговорот на прашањето зошто новинарство, а не нешто друго доаѓа сам по себе.
ЖМ: Колку во изборот за тоа што си денес влијаеше и професијата на твојата мајка?
-Веројатно многу. Пораснав со родители кои се дел од медиумите, слушав за нивните предизвици, учев од нивното искуство, и морам да признаам дека ден денес учам. Голема привилегија е да имате покрај себе некој со толку големо искуство и нè пропуштам да побарам совет и критика.
ЖМ: Дали и сега од оваа перспектива би се одлучила за новинарство?
-Да, секогаш. И се надевам дека поголем број млади луѓе ќе препознаат предизвик во оваа професија.
ЖМ: Како започнува еден твој работен ден, како ги поставуваш приоритетите во денот?
-Некогаш самиот ден ги носи приоритетите, но најчесто се трудиме фокусот да биде на теми кои вистински ги засегаат граѓаните, а не на неразбирливи, далечни и бирократски дискусии. Работниот ден почнува со разговор и размена на мислења со колегите, дебатираме на што да се фокусираме и што е најважно.
ЖМ: Она што е важно за еден презентер на вести е и тоа како изгледа. Облеката, гестикулацијата многу зборува. Колку е тешко или лесно да се одлучиш што ќе облечеш за на вести, а да не се повторуваш?
-Потешко ми е да се облечам за на неформална дружба отколку за на вести (се смее). Со текот на годините гардероберите се исполнија со многу повеќе сакоа и кошули наспроти секојдневни блузички и фармерки. Вестите не дозволуваат многу експерименти и екстраваганција. Фокусот не е на мене и мојот изглед, туку на она што го говориме и се трудам со мојот стил да не бидам центар на внимание.
ЖМ: Со сопругот Александар заедно работите во ТВ Сител, имате иста професија. Колку е тоа предност или недостаток?
-Предност е поради разбирањето на емоцијата кон работата, непредвидливоста на денот, многуте работни викенди и празници. Предност е и меѓусебната поддршка и помош. Слабост е што некогаш работата станува тема и на семејниот ручек, но се трудиме тоа да не е премногу често.
ЖМ: Во брак сте повеќе од 10 години. Македонската јавност го памети моментот кога Александар јавно те побара за сопруга во централниот дневник на ТВ Сител. Знае ли и денес да ти приреди изненадувања?
-Фала богу не толку големи (се смее). Се шегувам, знае да ме изненади и знае дека ме радуваат мали гестови кои може да ми го разубават денот.
ЖМ: Колку често или ретко, дневно актуелните теми кои се ваше работно секојдневие, знаете несвесно да си ги донесете дома, па да ви станат тама на разговор?
-Се трудиме домот да не ни биде како дебатна емисија, но мислам дека дневно актуелните теми се присутни во секој дом, во секоја кафеана и на секоја слава. Тешко може да се избегне разговор за проблемите во нашето општество, независно дали сопружниците се новинари или не.
ЖМ: Каков сопруг е Александар и колку знае или сака да те замени во женските обврски?
-Со оглед на тоа што не можам да се сетам на обврска која се смета за машка (се смее) си помагаме околу оние кои се сметаат за женски. Александар готви многу подобро од мене, морам да признаам, и многу често на задоволство на сите, кујната е негова.
ЖМ: Мила е вашата ќерка, која има 11 години. Предизвик ли е да се биде родител на тинејџер во денешно време?
-Предизвик е во секое време, не само во денешно, но денес опасностите не се само на улица туку и на интернет, и потребно е многу зборување, зборување и зборување за да пораснеме големи и умни.
ЖМ: Свесна ли е Мила што работат мама и тато и како таа реагира на тоа?
-И Мила расте со „новинарски“ муабети, вклучен телевизор додека траат вести и дебатни емисии, многу пријатели од фелата со кои си живееме, како што сум растела јас со родители од медиумскиот свет. Мислам дека многу рано ја сфати професијата и нејзините предности слабости.
ЖМ: Покажува ли афинитети за новинарството или има сосема други интереси?
-Има сосема други желби, таленти и афинитети. Ќе ја поддржиме што и да избере.
ЖМ: Што наследи од мама, а што од тато?
-Сините очи, упорноста и гласното бранење на својот став се на тато. За сè друго прекрасно, јас велам дека е на мама, а таа вели дека е само своја (се смее).
ЖМ: Обично велат дека ќерките се поблиски со таткото. Како е кај вас, со кого Мила ги дели повеќе тајните со мама или тато?
-За сега со мама, но нека е и со татко и, важно е да знае дека сме тука за сè што треба.
ЖМ: Кој совет што ти го дала твојата мајка, денес и го даваш на Мила?
-Речиси сите совети ни се пренесуваат од генерација на генерација (се смее). Најважниот мислам дека е охрабрувањето, дека со труд и посветеност се е достижно.
ЖМ: Овој период од годината е еден од најубавите во годината. Се сумираат
впечатоците од изминатата, се прават планови за следната. Како ја оценуваш 2023
година и на приватно и на професионално поле?
-Од личен аспект, со сите мои сакани живи и здрави и исполнет професионален живот, годината може да добие чиста 10-ка. Сепак горчлив вкус оставаат целокупните состојби за живејачка, бесперспективноста за младите, економската изнемоштеност на повозрасните, системот кој со децении не работи за нас граѓаните туку против нас. Таквото општо (не)расположение ја расипува оценката за годината. Но не ја убива надежта дека можеме и мораме да се менуваме на подобро.
ЖМ: Во која категорија на луѓе спаѓаш, оние кои ги сакаат празниците или оние кои само сакаат да го преспијат овој период?
-Ги сакам празниците, накитениот дом, (не)накитениот град, божиќните мелодии на радио, мирисот на вкусна храна подготвена за најблиските, по некое ситно подароче од Дедо Мраз. Дефинитивно сум љубител на празничната еуфорија.
ЖМ: Што обично сакате семејно да правите за празниците, да се дружите со пријателите, семејни седенки или едноставно заминувате на патување?
-Секогаш на прво место ми е дружењето со Мила и внуката Ема, со сестра ми Бисера и мојата најдобра пријателка Оле, а дали тоа ќе биде во Скопје или некаде надвор не ми е важно, важно ми е да сме заедно.
ЖМ: Како би сакала да изгледа нашето секојдневие, но и светот следната година, што би додала, а што би извадила?
-Помалку војни, повеќе наука и лекови за неизлечивите болести, повеќе перспектива за младите дома, подобар систем за сите нас, помалку политика, повеќе правда и закони, и најважно, да сме живи и здрави и да си се чуваме!
Габриела Додевска Глигоровска