Ги сакам празниците зошто ме враќаат во безгрижното детство, за украсување сум прва дома: Претпразнично со новинарката Бисера Ловачева

Добивај вести на Viber

Празниците првенствено го зближуваат семејството и нѐ тераат да веруваме во подобро утре, но и во чуда. Нова година и Божиќ се пред нас, а како ќе ги дочека и што и значат празниците на новинарката која е дел од тимот на „Здраво Македонијo“ , Бисера Ловачева, читаме во интервјуто.

Бисера особено се радува на празниците, затоа што ја потсетуваат на безгрижно детство, сака да украсува по дома, а фамилијарните собири и споените слободни денови ѝ се омилени.


ЖМ: По што ќе ја памтите 2023 ?

- Имало и тажни мигови, но тие нѐ учат да бидеме похрабри, да сфатиме дека животот е еден и брзо поминува.

Оваа година ќе ја паметам повеќе по убавите мигови.

Интервјуто со Жељко Самарџиќ еден од моите омилени пејачи, роденденската прослава на Канал 5 тв, свадбата на една од моите најдобри другарки од детство, дружбите со тимот на Здраво Македонијо и многу испеани песни на караоке забавите. 


ЖМ: Како ќе ја дочекате оваа Нова 2024 година?

Нешто слично како и минатите години, ги сакам денските забави, сѐ уште не сум одлучила каде, но знам дека со моите најблиски пријатели ќе славиме заедно.


ЖМ: Какви спомени ви будат празниците, колку вие им се радувате, и им придавате значење, колку сакате да украсувате по дома?

-Ги сакам овие празници затоа што ме потсетуваат на безгрижно детство. Кога бев дете одевме на Коледе да пееме бадникарски песни, додека не пораснавме па ни беше веќе срам (се смее).


За украсување сум прва, гледам видеа на јутјуб и сама си правам елкички, снегулки, снешковци и други новогодишни декорации. 

Црвената боја секогаш доминира, што повеќе црвени лампиони, црвени новогодишни чаршавчиња, импровизирани пакетчиња.


ЖМ: Што ви е најубаво за време на овие празнични денови?

- Мирисот на костените на плоштад, фамилијарните собири и споените слободни денови (се смее). 


ЖМ: Како ќе го поминете Божиќ?

- Пред Божиќ, зад Божиќ кај и да си, дома да си. Секогаш сум дома со најблиските за време на овие најубави празници.


ЖМ: Велат колку е побогата трпезата, толку побогата ќе биде и годината. Како изгледа Бадниковата трпеза во Вашиот дом, следите ли некои традиции и обичаи во вашето семејство?

- Трпезата секогаш ни е украсена со бадниково гранче, купуваме лебче со паричка, потоа костени, риба, пита со кисела зелка, компир салата, гравче, печена тиква, смокви, урми и чаша со црвено вино за паричето кое често ми паѓа мене, до ден денес мислам дека ми го местат. 

Посебни обичаи немаме, го кршиме лебчето со паричка, се смееме, ги прераскажуваме убавите спомени од цела година.


ЖМ: Ваша порака за крај до сите наши читатели?

- Да пеат како никој да не ги слуша, да танцуваат како никој да не ги гледа, да сакаат како никогаш да не биле повредени и да живеат како да е рај на земјата . 


Среќна Нова година на целиот ваш тим и вашите читатели. Да сме живи и здрави још година сто, како што би испеале Бајага.

Догодина бројни, па и побројни.


Ирена Ставрова