Гинекомедика: Грижата за здравјето на жената, врвен приоритет на лекарот и пациентот

Добивај вести на Viber

Гинекомедика е една од најстарите гинеколошко - акушерски ординации во земјава и повеќе од две децении успешно опстојува со сите предности на нејзиното искуство, голем број на дијагностички и терапевтски методи, работа со најсовремени апарати, по најсовремени европски и светски стандарди, со високоспецијализиран стручен кадар. Др Силвана Божиновска и д-р Дејан Божиновски од „Гинекомедика“ целото свое знаење и искуство го посветуваат на хуманиот пристап, ефективноста и најдобрите решенија преку нови техники и методи на гинеколошко- акушерската здравствена заштита на женската популација во Македонија.

Гинеколошкиот преглед е посебно важен во животот на секоја жена. Во грижата за сопственото здравје, без разлика на одредени симптоми или тегоби, гинекологот треба да се посети најмалку еднаш во годината. Првиот гинеколошки преглед се препорачува по добивањето на менструалниот циклус, а особено се важни редовните гинеколошки прегледи пред и по започнување со сексуалниот живот. На овој начин, секоја жена навремено ќе се информира за можните сексуално преносливи болести, несаканата бременост, патолошките промени на грлото на матката, но и за навремената превенција. Се препорачува и превентивен гинеколошки преглед со ултразвук, земање на брис за ПАП-тест, односно едноставна и брза метода со која се откриваат инфекции, но и раните знаци на рак на грло на матка.

Долги години работите во областа на гинекологијата. Почетоците ве врзуваат за Битола, а потоа и Скопје. Како го оценувате развојниот пат, низ кои препреки поминавте низ годините, за денеска да бидете едни од лидерите во здравствените кругови?

„Гинекомедика е прва приватна гинеколошко-акушерска установа во Македонија.Идејата се роди во далечната 1991 год. и се должи на нашиот визионерски поглед за напредок во медицината и подобрување на услугите во здравството,што беа неопходни во тој период. Нашиот тим се залагаше дејноста да се прошири и во Скопје,што се покажа како правилна одлука судејќи според интересот и задоволството на пациентите од нашата работа.Со нашата безрезервност во поглед на инвестиции во опрема и едукации во светски познати медицински центри, со целосна посветеност на работата и беспрекорниот однос кон пациентите се здобивме со најголемата награда-нивното задоволството и доверба“.

Обезбедувате здравствена нега на сите гинеколошки проблеми, од репродуктивните нарушувања до постменопаузалниот период на жената. Co какви апарати и услуги располагате и кои се предностите кои ќе ги добијат пациентите?

„Од самите почетоци на нашето работење,главна цел ни беше едукација и опремување со најсофистицирана опрема. Воведена е видеоколпоскопија,донесен е прв YAG-ND ласер за третман на промени на грлото на матката, прво 3Д ехо, па 4Д ехо … И двете ординации се еднакво опремени.Со врвно опремениот ИВФ центар во Скопје, комплетно го заокруживме концептот за целосна грижа за репродуктивното здравје на жената.Секако, оваа заложба за континуирана едукација и опремување со врвна опрема останува и понатаму.Покрај сето ова, предноста во нашата работа е искуството. Над 25 год во полето на дијагноза,превенција и третман на промените на грлото на матката,како и повеќе од 15 год. искуство во областа на вештачкото оплодување-ИВФ“

Колку е значајна конекцијата гинеколог-пациент и заемната доверба, особено затоа што позицијата од која пациентот поаѓа, секогаш е лична и ранлива?

„Врската лекар-пациент е исклучително значајна, особено за гинеколозите, бидејќи проблематиката на пациентите во оваа сфера е исклучително осетлива и како што напоменавме вие, многу лична.Индивидуалниот пристап и грижа се најважни во оваа врска.Наш приоритет е секој пациент да стекне безрезервна доверба во нас како лекари,но и како личности,знаејќи дека им стоиме на располагање во секое време за секоја нивна потреба. Колкава е свеста за опасноста од рак на грлото на матката што е уште една причина да му обрнеме внимание на овој глобален здравствен проблем? Нашиот впечаток е дека не е на задоволително ниво. Но е на повисоко ниво во споредба со минатиот век, имајќи го предвид олеснетиот пристап кон интернет информации. Меѓутоа, резултатите што ги имаме на ова поле не задоволуваат. На мислење сме дека се потребни што повеќе едукативни програми, медиумски емисии и работилници за подигање на свеста кај жената за овој проблем“

Колку пати годишно секоја жена треба да практикува да посетува гинеколог за спроведување на ПАП тест, колпоскопија и преглед со ултразвук? Како да се мотивираат жените редовно да вршат гинеколошки прегледи и да го заштитат своето здравје?

„Најсреќни би биле кога барем еднаш годишно секоја жена ги прави овие прегледи и испитувања, без разлика дали чувствува некои промени или не. Со ваков пристап,сите евентуални промени или нарушувања би се детектирале навремено, со што и полесно би се санирале.Со оглед на тоа што бројот на заболени од карцином на грлото на матката (како и многу други заболувања на гениталниот тракт) драматично се намалува со ваквите превентивни прегледи,апелираме до сите жени, барем еднаш во годината да го посетат својот гинеколог. Самата превенција е лесно достапна, и за тоа треба да биде информирана секоја жена“

Дали и како кај нас се развива здравствената култура, особено на жените и младите девојки коишто треба многу да внимаваат на своето интимно здравје?

„Како што претходно истакнав, потребно е што повеќе да се работи на здравственото воспитување. Поготово во училишна возраст.Низ различни едукативни и интерактивни програми, што е можно повеќе да се зголеми свеста за нивното репродуктивно здравје. Навремено и правилно да се едуцираат младите за сите ризици,поготово од сексуално преносливи болести и како да се заштитат од нив. Лекарите -гинеколози се дефицитарни во земјава. Од друга страна, со административните бариери и обврски и оваа професија бара дополнителен напор и енергија да се опстои во нашето општество“

Како ја оценувате состојбата во здравствениот систем и условите кои им се нудат на лекарите?

„Ниту една држава нема идеален здравствен систем.Така е и кај нас.Ние имаме одлични доктори во секоја гранка на медицината.Сепак,условите во кои тие работат не секогаш се оптимални, особено во јавниот сектор. Големиот одлив на лекари надвор од земјава дополнително ја отежнува состојбата. Проблемот е системски и тука, особено за јавното здравство, државата треба да вложи поголеми напори во подобрување на истите,преку изготвување на долгорочна стратегија.Ние вложуваме многу труд и енергија во оптимизирање на условите за работа, како секој од нас би можел да го даде својот максимум во својата сфера, се со цел здравјето на нашите пациенти да го доведеме на што е можно повисоко ниво и се надеваме дека успеваме во тоа. Нивната насмевка е нашата најголема сатисфакција“

С.Б.