ГИТАРСКИОТ ВИРТУОЗ СТЕФАНОВСКИ ПРИРЕДИ НАСТАН ШТО ЌЕ СЕ ПАМЕТИ: И три концерти од Влатко се малку

Добивај вести на Viber

Влатко, мајсторе, алал за секој тон што го отсвири на синоќешниот концерт во Македонската филхармонија. А концертот беше првиот од трите на Стефановски, со кој го промовира новиот албум „Мајчин јазик“, негов прв, соло акустичен албум, кој лани го издаде „Кроација рекордс“ од Загреб.

На овој настан кој ќе се памети, Влатко ја возбуди публиката


„Почувствував дека сум доволно возбуден да седнам, и да ги отсвирам овие теми сам, пред само еден микрофон“, изјави Влатко за „Мајчин јазик“. На овој настан кој ќе се памети, тој ја возбуди публиката. Ги заслужи и ги доби сите можни признанија: комплетна тишина и внимание додека ги свиреше „Абер дојде Донке“, „Бистра вода“ или „Успаванка за Радмилу М“, овации по „Јовано Јованке“, долги аплаузи по секоја песна, и два биса за крај.


Концертот го разубавија и гостите. „Љубојна“ и топлиот глас на Вера во „Елено ќерко“ и „Јано мори“. Потоа, етно-пејачката Биља Крстиќ од Белград со нејзината богата изведба на „Димитријо сине Митре“, и еден многу интересен дует со Влатко. „Таа има своја верзија на „Калајџиско оро“, јас имам своја. Ова ќе биде спој на двете верзии“, најави Стефановски, а публиката им се придружи давајќи им ритам. Како шлаг на крајот, оперската дива Весна Ѓиновска-Илкова испеа несекојдневна, верзија за уживање на „Македонско девојче“,па заедно со Влатко растурија со „Time To Say Goodbye“ или „Con te partirò“, безвременската тема од Андреа Бочели и Сара Брајтман. Освен песните од „Мајчин јазик“, Влатко го прошара репертоарот со нему драги песни, а веќе класици: „Кандилце“, „Вера, надеж, љубов“, неизбежната „Џипси меџик“ и „Скопје“, заедно со сите гости, како за журка по вториот бис.

Ги заслужи и ги доби сите можни признанија: комплетна тишина и внимание додека свиреше, овации по „Јовано Јованке“, долги аплаузи по секоја песна, и два биса за крај


Вториот концерт е вечерва на истото место, а третиот во вторник. По топлината, виртуозноста, радоста и уживањето што ни ги подари Влатко, комотно може да се каже дека и три концерти се малку. Настаните се во организација на „Баги комуникации“.


Милица Џаровска