Гледа во фотката од мојата нова лична карта, па во мене и ми вели: „Не може да ја подигнеш, не си ти оваа, мора да те провериме“

Добивај вести на Viber

Доцнам од мала. На училиште, на работа, на закажана средба со пријателки, дури и на состанок. Еднаш пропуштив авионски лет, вториот пат успеав да влезам во авион, но багажот стигна подоцна. Психолозите би ме дефинирале како The Deadliner или во „последен час“. Некој кој секогаш чека последен миг и ужива во „фрка“. Најмногу сум продуктивна кога работам под притисок. Или The Producer некој кој се обидува да направи премногу нешта, за помалку време. Доследно го потценувам времето потребно за завршување на задачите. Едноставно не сакам да губам време за да испланирам сѐ во минута.

Сопругот двапати ми закажа термин за вадење лична карта и не отидов. Третиот обид заврши успешно. Тоа се случи лани, во февруари. Пред излегување се „потсредив“ малку. Ставив заштитна пудра, римел и кармин. Да изгледам барем пристојно на фотографијата од новата лична карта, но и слично на мојот лик во секојдневието. Месеците минуваа, а јас никако да најдам време да го подигнам готовиот документ. Се шетав со пасошот во чанта. Кога почна да се приближува терминот за одмор, се исплашив да не го изгубам некаде, па да бидам под „терор“ на нови (и скапи!) процедури за вадење документи. Токму овој период, во најголемата жештина се појавив пред шалтерот во МВР. Косата ми беше собрана во опавче, на лицето имав маска. Му го дадов документот за подигање на личната карта на службеникот и искрено му посочив дека доцнам неколку месеци. Факт кој ќе му помогне побрзо да ја најде. Пред да ми ја даде, почна да ја анализира фотографијата од новата лична карта. Потоа ме погледна и ми рече: „Извади ја маската.“ Ја извадив. Гледа во мене, па во фотката. Истата постапка ја повторува неколку пати.

„Не си ти оваа на фотографијата. Оваа е помлада личност.“

Во почетокот свртив на шега: „Господине, тогаш ќе му ја ставам личната карта на сопругот до креветот, да се теши дека има помлада жена.“

„Не, не си ти.“ - возвраќа тој и сфаќам дека воопшто не му е до шега.

„Ама јас сум, еве погледнете ме! Еве ви ја и старата лична карта.“

Ја гледа и неа и упорно тврди: „Не, и на ова лична карта си постара. Не може да ја земеш. Ти не си ти.“ (Како стих од една песна на Бреговиќ).

Се обидувам да му објаснам како може да сум постара на фотографија од лична карта која сум ја извадила пред пет годни.

 Искрено, немам направено никаква естетска корекција. Ниту пак ја бојадисувам косата.

Џабе. Ми одговори: „Одам да го викнам шефот.“

Зад мене веќе се направи колона. Доаѓа шефот, гледа во фотографијата од личната карта, па во мене и слушам како тивко и конспиративно му вели: „Не, не е таа.“

Во еден миг го растурив опавчето, ја разбушавив косата и им велам: „Еве, гледајте, јас сум таа, без заштитна пудра, римел и кармин.“  

Еден од редот изгуби нерви и довикна: „Што ви е бре луѓе?! Женава треба да оди на фризер и шминкер за да ја препознаете?!“

Не беше ни тоа доволно. Шефот нареди да се донесе апаратот за отисок. Прво ми рекоа да го ставам прстот од едната рака. „Хм, чудно?! Се поклопува отисокот?!“

Тоа не им беше доволно, па побараа отисок и од прстот од другата рака. Таа ситуација беше толку трагикомична, што не можев да се воздржам од смеење, ниту пак луѓето што беа во редот зад мене.

Барањето за издавање на лична карта (МК или АЛ) го поднесувате лично, а при тоа задолжително ви се земаат податоци за вашите биометриски карактеристики (отпечатоците од два прста и фотографија), заради утврдување на идентитетот. Ова го пишува на веб страницата на МВР.

Го испочитував секој збор. На основа на тоа, добив и документ за подигање лична карта. Се прашувам, да имаше психолог меѓу сведоците, како ќе нѐ дефинираше  нас, кои од шок се смеевме? А како ли ќе ги оценеше тие зад шалтерот?

Во оваа ситуација има само една дефиниција, која одамна некој ја кажа за нас: „Ние сме лудаци!“ Таа дефиниција стручните лица треба да ја користат само за овој народ, на ова парче земја.  

П.С. Истиот ден кога ја напишав колумнава отидов во Сити мол, на женски ,, џеботрес,, По еден час кога требаше да платам во една од многубројните продавници што ги поминав, сфатив дека ми го нема паричникот."" Нееее, кој ќе вади повторно лична карта,, одеднаш викнав гласно. Потоа, во себе си реков ,, ме фати клетвата на тие зад шалтерот,,. Ја повторив истата тура, но не го најдов. На крај се јавив кај обезбедувањето на трговскиот центар. За среќа постојат чесни луѓе. Бескрајно ти благодарам Шпетим Бериша што го најде паричникот и го предаде на надлежните.

Соња Алексоска Неделковска