Го уживам животот на начин кој ме прави задоволна: Утринско кафе со Маја Трпчановска

Добивај вести на Viber

Утрото ми почнува со насмевка и со благодарност за новиот ден. Првото утринско кафе секогаш го пијам и го уживам сама со себе. По испиеното кафе појадувам со мојата ќерка и разговараме за нашите дневните обврски. Додека се подготвувам за она што ме очекува на моето работно место во Македонската телевизија, размислувам како и по кој редослед да ги исполнам сите тие работни задачи, кои верувајте не се ни малку едноставни, бидејќи станува збор за организација и реализација на неделен забавен магазин, „Едноставно Заводливо“.

Како што спомнав и погоре, подготовките и обврските околу емисијата се оние кои го исполнуваат поголемиот дел од денот. Првата особа со која го пијам второто кафе во работна атмосфера е водителката на „Едноставно Заводливо“ воедно и монтажер, Јаглика Вељанова. Со неа секогаш планирањето на неделниот магазин е креативно со предлози и идеи за нови интересни теми за кои понекогаш е нормално да има и борба на мислење. Има денови кога сме на снимање со различни гости за разни теми, на различни локации, има денови кога и кафе и појадок, па и ручек, се во монтажата на Едноставно Заводливо, и еден од најрастрчаните денови во неделната агенда е денот кога влегуваме во Студио 2, од каде со големата и професионална екипа на Македонската Телевизија се реализира магазинот „Едноставно Заводливо“.

Денот ми завршува со моите најблиски во уживање во секоја смисла на зборот. Прошетки со мојот партнер, чаша пиво со мојата сестра, разговор со ќерката за тоа како ни поминал денот...

Расположението е она што е клучно дали изборот ќе падне на добра книга или некој филм. Хедонист сум по природа и го уживам животот на начин кој ме прави мене задоволна.

*Утринско кафе со Маја Трпчановска - Уредник на „Едноставно Заводливо“