Голем пораст на он-лајн продажба на облека и обувки: Македонците се навикнаа да не пробуваат, но само да нарачуваат

Добивај вести на Viber

Новиот начин на живот во карантин, несомнено ни донесе нови навики на функционирање. Тоа е можеби и една од причините поради која луѓето во нашата земја конечно се опуштија и почнаа да имаат доверба и во он-лајн шопингот. Поради драстично намалените посети на продавниците и засилувањето на здравствените аларми поради порастот на бројот на заболени од коронавирус, новата реалност на дигиталното општество дозволува да купиме што ќе посакаме од удобноста на нашата фотелја.

Неодамна за да ги дознаеме преферирањата на нашата публика, Женски Магазин направи и мала анкета за тоа што најмногу нашите читателки сакаат да купуваат на Интернет. Очекувано на прво место се најде нарачувањето храна, додека пак второто го зазеде купувањето облека и обувки.

Несомнено е тоа дека луѓето и покрај тоа што се затворени дома сакаат да го освежат својот гардеробер со некое ново модно парче кое ќе им го направи денот поубав. За таа цел тука се он-лајн продавниците на брендовите кои ќе задоволат сечиј вкус.

Брендот „Bonatti“ во моментов функционира одлично со он-лајн продажбата со оглед на тоа дека робата им е совршена за да ги направи монотоните денови дома барем за нијанса поубави.

- Он-лајн продажбата е во пораст периодов за разлика од претходно кога луѓето преферираат да одат во продавница и физички да ги погледнат производите. Како компанија ги почитуваме сите насоки периодов, односно го поттикнуваме купувањето и плаќањето да се врши онлајн и задоволни сме како се одвива. А, најмногу се трошат удобни парчиња комплети, пижами и долна облека кои се за секојдневно носење по дома- изјави Маја Даскалова, маркетинг менаџер во „Bonatti“.

Македонскиот бренд „Bella“ пак, неодамна, токму во екот на панедмијата ја стартува својата он-лајн продавница. Дотогаш нивната он-лајн продажба се одвиваше преку социјалните мрежи како Инстаграм и Фејсбук, каде преку директна комуникација со клиентите, нарачките се праќаа на домашна адреса.

- Задоволни сме и среќни бидејќи конечно ќе можат нашите клиенти од цела Македонија да имаат полесен пристап до нашите модели. Он-лајн продавницата на „Bella“ стартуваше од пред две недели. Сѐ беше подолго време подготвено, но ете сега дојде вистинскиот момент пред се за да им излеземе во пресрет на клиентите и да можат од удобноста на своите домови да си ги купат омилените модели. Најчесто се купуваат актуелните колекции, поточно новата пролетна колекција. За неа има најголем интерес, но се продаваат и модели од изминати сезони кои се со доста намалени цени. Повторно станува збор за летни и пролетни модели кои може да се носат во наредните потопли денови- откри маркетинг менаџерот на „Bella“, Анита Христовска.

Удобни пижани, долна облека, деловни и модерни комплети, кошули со интересен дезен, но во ова набројување никако не смееме да ги изоставиме обувките, без кои ниту еден аутфит не е комплетен.

- Она што посебно не радува во ова време на пандемија е што голем број на луѓе имаат изградено доверба во нашиот бренд и се одлучуваат за онлајн нарачки и купување на нашите производи. Нашиот концепт овозможува дизајнирање и кастмизација на чевлите, така што со тие клиенти одржуваме онлајн состанок за нарачка или договараме конкретен термин во нашиот салон. Можеме да кажеме дека навистина има зголемување во онлајн нарачките и тоа не радува- раскажа за Женски Магазин, Драгана Ангеловска, сопственичка на брендот „Диас“.

И иако отсекогаш важело она дека жените се поголеми потрошувачи и шопингхоличарки, сепак и мажите го искористуваат овој момент да купат некое парче он-лајн.

- Кога станува збор за она што најмногу се троши, можеме да кажеме дека овој период доминираат машките чевли, но и кожните додатоци ( премиум кожни подметачи за чаши и чинии, мапи за маса, престилки со кожа и слично ) кои се достапни на нашата страна @leathercorner_dias. Во секој случај луѓето знаат дека ние не сме само стандардна продавница за чевли и чанти и кожни додатоци, туку бренд со кој тие во производите внесуваат дел од себе. Креираат, бираат кожи, комбинации и модели. Тоа е навистина специфично чувство и им препорачуваме на сите кои не дизајнирале и креирале да го сторат тоа - додава Драгана.

Дали новата реалност ќе ја промени навиката за физички да мора да пробате облека или обувки, или пак целосно ќе му се препуштите на он-лајн купувањето и по завршувањето на пандемијата?

Д.К.