Горан Стефановски го живееше својот сон како и јас: Неле Карајлиќ одржа врвен концерт во Скопје

Добивај вести на Viber

Не за џабе Неле Карајлиќ го нарекуваат доктор. Иако нема официјален докторат, сараевскиот музичар, актер и писател др-то пред неговото име го заслужи и го докажа. Концертот за отарарањето на фестивалот „Таскират“, сношти во МКЦ беше сценски енергичен, жесток, музички полн со приказни но и носталгичен.

Неле во Скопје ги испеа најголемите хитови на „Забрањено пушење“, чиј фронтмен беше долги години. Клекна пред фотографијата на својот покоен брат, Дражен Јанковиќ, кој почина пред три недели, а беше клавијатурист во „Пушење“ и автор на култната песна „Дјевојчице којима мирише кожа“, но го испочитува и Горан Стефановски.

„Пред три дена почина Горан Стефановски. И тој како и јас го живееше и го следеше својот сон, уште од раните осумдесетти, па до крајот. Оваа песна е за Горан и за сите вас кои го славевте овој празник“, рече Неле најавувајќи ја „Дан републике“. Др. Карајлиќ симболично настапи во Скопје токму на некогашниот Ден на Републиката, 29 ноември. „Кога бевме овде во 1982 година, на вратата пишуваше „Тито- тоа сме сите ние“, се присети популарниот „Надреалист“. Енергијата која ја ширеше за време за целата дружба кулминираше кога се фрли во публиката. Фановите на раце го прошетаа низ денсинг салата на МКЦ како да сакаа да му порачаат веќе да нема толкави временски „дупки“ од еден до друг негов концерт кај нас. „Пишоња и жуга“ „Жени нам се Вукота“ и „Зеница блуз“ беа тотално лудило, таман како за крај. 

„Доаѓав и си заминував, умрев па се вратив, и ништо не беше како што си замислив. Но, на крајот испадна онкака како што требало да биде“, рече Карајлиќ за фајронт, и го повикаа на бис. 

Од феноменот „Топ листа надреалиста“ чиј заштитен знак беше токму Неле, секој кој им беше фан си има своја интерна листа на омилени скечеви. Ако постоеше некаква топ-листа на концерти во Скопје, овој на Неле и на бендот „Осиромашени ураниум“ ќе беше на врвот. 

Милица Џаровска