Говор на омраза, сексизам, „сочни“ родови навредувања, дел од нападите кон македонските жени: Ирена Николов, координатор за родова еднаквост

Добивај вести на Viber

Таа е една од оние жени која со својата силина на умот, спремноста и професионалноста ги руши стереотипите за родовата еднаквост. Вели дека сите битки не се добиени кај нас на тоа поле, но и дека многу полиња чекаат да бидат совладани како и тоа дека говорот на омраза е “тивок убиец“ на амбицијата на македонската жена професионално да се занимава со политика.

Ирена Николов е координатор за родова еднаквост во ЗЕЛС. Секојдневно се соочува со предизвиците на локално и национално ниво, објаснувајќи дека еднаквоста на жените и мажите е основно право за сите и како суштинска вредност на секоја демократија.

Зборуваме со неа за рамноправноста, дискриминацијата, жената во политиката, правото на избор по сопствено убедување без создавање на бариери дека има поделба на машки и женски работи...

Родовата еднаквост како право е многу актуелна на меѓународно, национално, локално ниво, во секојдневните односи, дури и во современите општества. Зошто толку голем фокус на родовата еднаквост и што се влегува под овој термин?

-Да, еднаквоста на жените и мажите како основно право за сите и како суштинска вредност на секоја демократија, е вградена во политиките на национално и локално ниво, со што се забранува дискриминацијата врз основа на пол, а во насока на унапредување на процесот на институционализација на родовата еднаквост на сите нивоa, во сите области.

За еден систем, област, сектор, тема или однос велиме дека е родово избалансиран кога се испочитувани родовите потреби од почеток до крај. Тоа подразбира утврдени потреби на жени и мажи, девојчиња и момчиња, поставени функционални механизми и систем за извршување на овие потреби и предизвици, и најважно преземени активности за надминување на родовите стереотипи и стигматизации кои биле создавани низ годините наназад.

Родовата еднаквост е еднаков пристап на девојчињата и момчињата низ образовниот процес каде многу често традиционалните стереотипи ја ограничуваат можноста за дообразба на девојчиња, недискриминација по однос на пол во процесот на напредување на работно место, еднаков пристап до здравствени и социјални услуги, но и при избор на спортска активност, работна професија, но и борба против родово-базирано насилство,сиромаштија, и сите видови на дискриминација по однос на пол и род.

Родовата еднаквост е почит кон различноста, почит на правото на другиот за самоидентификација и почит на човековиот дигнитет. Колку едно општество или држава е родово одговорно зависи од степенот на промовирање на родовата еднаквост, родовата сензибилизираност во сите пори на општеството каде секоја единка без разлика на пол и род се чувствува слободно и безбедно во секојдневните односи.

Малку држави во светот( Австрија, Шведска, Исланд и уште неколку) имаат направено позначителен прогрес во однос на воспоставен систем на вредности за родова еднаквост и конзистетнта примена на мерки за еднаквите можности. Како пример овие држави се следат од сите други, меѓу кои и нашата со цел воспоставување на еден систем на вредности и ефикасни механизми со кои се почитува различната потреба на другиот пол/род.

За тоа каде сме ние како држава или општество и што може да го кажам е базирано на досегашната пракса како координатор за родова еднаквост од изминатите 10-тина години. Ние имаме основа за подолгорочни политики и мерки кои би вродиле со плод, но за тоа е потребно поголемо сензибилизирање на сите нивоа и заеднички акции на сите вклучени страни, и најважно алоцирани финансии кај одговорните.

Родовата еднаквост е обврска на секој од нас, а напредок ќе има доколку тоа се применува во секојдневните односи, во семејството, низ процесот на образование и воспитување, во здравство, полиција, во маало, во друштво, во секоја сфера од животот на човекот треба да е присутна родовата димензија.

* Каква е улогата во интегрирањето на родовата еднаквост на локално ниво?

- Посветено работи на унапредувањето на родовата еднаквост на локално ниво во континуитет, а тоа го потврдува со интегрирањето на родовиот аспект во стратешките документи и политики за работа како на годишно, така и на среднорочно и долгорочно ниво.

Во Стратешкиот план, родовата димензија е вградена во стратешките цели на развој, издвоен како посебна вредност, додека во годишните планови, родовиот аспект е интегриран во редовните и проектни активности задолжително.

Се воспостави функционален механизам за лобирање и застапување на локалните интереси на полето на родовата еднаквост пред институциите од другите нивоа на власт- Лоби група на ЗЕЛС за родова еднаквост- единствена во регионот. Во Тренинг планот обуките за унапредување на родовата еднаквост на локално ниво се редовни со што директно се овозможување јакнење на општинските капацитети во сите општини, за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет.

Соработка со многу релевантни меѓународни организации како UN Women, а како резултат на партнерскиот однос имаме видливи резултати на локално ниво во однос на создадена база на капацитетни координатори за родова еднаквост, воспоставени механизими за унапредување на родовата еднаквост, мерки за зголемување на свесноста за родов баланс во политиките и буџетите во општините, алатки и документи за поддршка на координаторите во работата.

Имаме коректни односи за соработка со други меѓународни организации како УНДП, ГИЗ, Шведската амбасада, Швајцарската амбасада , ЕУ Делегација итн. Би ја подвлекла и силната врска на соработка со Министерство за труд и социјална политика.

Како резултат на долгогодишната работа сигурно има општини лидери во интегрирање на родова еднаквост и добри пракси...

- Локалните самоуправи ја препознаваат важноста на родовата еднаквост и родовото одговорно буџетирање, но мора да се направат соодветни, применливи и одржливи алатки кои ќе им помогнат во континуиран напредок на родовата еднаквост во општините. Донаторските проекти и програми носат промени, но доколку не се најде и воспостави систем кој гарантира одржливост тогаш не може да очекуваме континуирани промени. Дека локалните самоуправи ја препознаваат важноста од родова еднаквост се и бројни добри пракси кои ги промовираме од општини како Битола, Град Скопје, Гази Баба, Кочани, Крива Паланка, Делчево, Свети Николе, Македонска Каменица,  Боговиње, Тетово и други општини кои имаат видливи резултати во прогресот со еднаквите можности во општините.

Дали се работи за формирана Интересорска работна група во општината која ги разгледува и верификува програмите и активности на општината во областа на родовата еднаквост, дали тоа е Стратегија за родова еднаквост на општината, дали тоа е систематизирано работно место за координатор за еднакви можности, сето тоа води до видливи резултати како поддршка на женски фудбалски клубови, отворање на транспортна линија за потребите на вработени жени од едно до друго место, поддршка на руралните жени се примери кои треба да бидат водилка и за сите останати општини во земјата.

Пример, Општина Струмица има воспоставен и функционален Шелтер центар за жени жртви на насилство во Струмица каде синергијата на општинските ресурси со невладиниот сектор дава позитивни резултати во утврдувањето на потребите на лицата од ранливите категории и развивање на соодветни услуги.

Општина Битола се истакнува по многу примери меѓу кои воспоставување на инфраструктура за лица со попреченост во јавни објекти во Битола.

Општина Кочани е препознаена по иновативниот модел за мобилен сервис за здравствени и социјални услуги и за начинот на соработка на општината со Министерството за здравство, Црвениот Крст во испорака на добра и услуги за стари и болни лица на територија на општина Кочани, особено за време на Ковид-19 кризата. Општина Кочани е успешен пример и во одличната внатрешна комуникација при изработката и креирањето на програмите за работа во општината каде родовиот аспект е испочитуван и внесен.

Општина Свети Николе е успешна приказа за воспоставување на услуга за транспорт на жени од руралните средини.

Општина Боговиње е позната по Центар за згрижување и воспитување на деца на територија на општината.

Општина Ѓорче Петров одличен пример за извршено социјално мапирање и собирање на податоци за ранливите категории на територија на општината.

Зошто имаме малку жени политичарки, конкретно градоначалнички. Дали ја знаете причината и како тоа може да се надмине?

- На последните локални избори имаше многу малку жени кандидати за градоначалнички па затоа и очекувано беше да имаме помал број на избрани градоначалнички. За жал, поразителна бројка за едно општество кое се стреми да биде член на Европската Унија, која има добра законодавна основа на национално ниво и добри пракси низ годините и на локално ниво за да имаме ваква состојба со бројки овој мандат. За разлика од градоначалнички имаме над 15 жени претседателки на совети на општинии 479 советнички што се должи на законскиот консензус од 30% за избрани советнички од вкупниот број во секоја општина.

Од  тука може треба да се бара и одговорот на прашањето зошто толку малку градоначалнички. Моето согледување е дека тоа се должи на стереотипите и во политиката дека жена не може да биде толку успешна како маж на лидерска позиција, понатаму може да се должи и на недоволното време на жената да биде активна во политиката што пак е последица на нееднаквата распределба на обврските во домот и на работа со мажите, но најмногу мислам дека е автоцензурата на жените и самодовербата да влезат во “ринг“ со колегите при било кој избор.

Сопствените бариери кои си ги создаваме се првата пречка до успехот. Самовреднување, но и промоција на успешни примери од секојдневието треба да ги охрабрат жените за да ги истакнат своите вредности и квалитети на полето на политиката. Женска солидарност е многу важна кај политичарките, кога се работи на заштитата на правата на жените не треба да има политички бои.

Ова се неколку основи од кои треба да се тргне за да имаме повеќе успешни жени политичарки.

Родовата еднаквост го обработува и говорот на омраза кој како стереотипна појава се поврзува со жени. Тој е особено изразен кај жените, за време на кампањи и општо во работата. Зошто е  тоа така и кон што како општество треба да се насочиме?

- Говор на омраза, сексизам, „сочни“ родови навредувања се дел од нападите со кои се соочуваат жените кои се решиле да влезат на македонската политичка сцена. Еве уште една причина зошто малку жени се кандидираат во политика, бидејќи говорот на омраза е “тивок убиец“ на амбицијата на жената професионално да се занимава со политика.

 Механизмите за тоа да се надмине, сè уште се далеку од ефикасни и конзистентни за секоја единка.

Листата на родова дисквалификација врз жените во политиката и во целото македонско општество е долга и длабоко вкоренета.

Едно истражување покажа дека „со зголеменото ангажирање на жените во политиката, дојде до зачестена појава и зголемен степен на насилство врз жените поради што жените се попречени да го остваруваат потполно правото и на подеднаква основа да учествуваат во политиката и јавниот живот. Проценката за насилството врз жените во политичките партии има клучно значење за да се разбере какво е влијанието врз учеството на жените во политичкиот живот и кои мерки се неопходни за да се спречи и отстрани насилството. Недоволната застапеност и насилството врз жените постојат и се особено присутни дури и во напредните демократски заедници, не секој е спремен да ја признае или прифати оваа форма на насилство или пак дека промените мора да произлезат од самите политички партии. Кај политичките партии во Северна Македонија недостасува основна заштита за членките, активистки и политички претставнички. Партиските статути или кодекси за однесување не содржат никакви одредби за родово-базираното насилство, вклучително и за вознемирување, принуда, клевета, и физичко или психолошко насилство. Партиските функционери – и мажи и жени — признаваат дека неприфатливото однесување кон жените не се препознава, туку дека насилното однесување се толерира „како цена“ за вклученост во политиката. Постоењето пониска свест за прикриени форми на насилство може да направи нивната појава да се доживува како нормална, и големината на психолошките последици по жртвата да се доживува како тривијална“.

Кратки прашања:

Дали има родово сензитивен речник кај новинарите и дали е потребна медиумска писменост за родовите прашања?

- Да, несомнено е потребна  промена во родово сензитивен речник во медиумите и јавноста. Медиумите како седма сила, односно родово сензитивен новинар/ка може многу да влијаат на промената на перцепцијата за родовите потреби и намалување на родовиот јаз и родовото насилство.

Дали имаме жени лидери кај нас и како може да се промовираат повеќе?

- Кај секоја од нас се „крие“ жена лидерка. Но за да израснеме во жена лидер мора да се почне од најмала возраст. Да се негуваат и да се вложува во квалитетот и способноста на девојчињата, без стереотипи во однос на избор на боја, облека, родова улога, однесување, професија, спорт итн..

 Жени лидерки треба да се промовираат од сите области. Од лекарки, научнички, професорки, новинарки, до жени земјоделки, креативки кои треба да бидат примери и да се влијае на промена на состојбите со кои сме заглавени и влијаат на појава на други форми на дискриминација и стигматизација.


И за крај, размислување околу машко-женски односи, дали тоа е општо и од лично искуство?

- Претходно споменав дека секоја единка има обврска за родово одговорно однесување. Кај мене во семејството од мала се негувале овие односи на родова еднаквост и во изборот на професија, пријатели, партнер, имотно-правни односи, а продолжуваат и понатаму во воспитувањето и секојдневните односи со моите две деца, момче и девојче. Преку лични примери најдобро ги воспитуваме децата дека различностите треба да се прифаќаат и почитуваат и секој од нас има право на избор по сопствено убедување без создавање на бариери дека има поделба на машки и женски работи.

За крај, како инспирација мисли од две моќни жени:

"Human rights are women's rights, and women's rights are human rights. Let us not forget that among those rights are the right to speak freely — and the right to be heard." — Хилари Клинтон

"Success isn't about how much money you make; it's about the difference you make in people's lives." — Мишел Обама

Небојша Толески

Фото. приватна архива